Почитувани верни чеда, во прилог Ви ја пренесуваме Беседата во Четвртата недела од Великиот пост - Неделата на св. Јован Лествичник, од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена во Капелата во Митрополитската резиденција на Плаошник во Охрид. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Ние се наоѓаме во периодот на светата Четириесетница и Црквата нѐ повикува да обрнеме особено внимание на неопходноста од вежбање во постот, а за да биде силна нашата молитва. Усовршувањето е еден постепен процес и тој процес е метод што одговара на нашата човечка ограниченост. Ние сме слаби суштества, морално и творечки ограничени, и нашето познавање и нашите можности имаат свои граници. Ете зошто Црквата токму во постот ни напомнува за патот на нашето надминување, за пречекорување на нашите неможности и за стекнување на сѐ поголема морална и духовна сила. Ние треба да врвиме од помалото кон поголемото, од понискиот кон повисокиот степен. Но, животот секогаш да ни оди напред или нагоре. Св. ап. Павле за себе вели дека постојано се стреми кон усовршување (Фил. 8, 12). Истото и нам ни го порачува: Да се стремите кон совршенство (Евр. 6, 1).


Патот на совршенството води напред и нагоре. По него треба да одиме со одмерени чекори, но да не отстапуваме и со тврда волја да постигнуваме сѐ поголем напредок во висина. Но, сите треба да бидеме особено внимателни, и во самиот почеток и подоцна, за да не се случи неосетно да допуштиме слаби отстапувања од патот. Ако на патот во почетокот имало макар и најмало отстапување од главната цел на човечкиот живот, со време тоа оддалечување постанува сѐ поголемо, додека целта не се изгуби од погледот. Се разбира, животот на луѓето не останува без цели определени од најнепосредните потреби на општото човечко суштествување, но овие цели се за да се постигне и придобие некое материјално добро или да се обезбеди некој времен успех, да се придобие некоја условна придобивка во општеството или, пак, во средината во која што се живее. Има и пониски морални цели според својата природа, коишто можат да создаваат леснотија во личниот живот на човекот, да му донесат одредена пријатност или задоволство. Но, дури и кога ги добива често или постојано, постигнатите задоволства создаваат само зафатеност и суета во човечкиот живот, и не можат да го осмислат животот ниту, пак, да донесат вистинско задоволство, кое може да направи една сериозна рамнотежа во животот на човекот. Но, има и други цели коишто се издигнуваат над тоа секојдневие на обичните човечки желби, стремежи и постигнувања. Тука спаѓаат стремежите на луѓето кон образование, кон интелектуално воздигнување, кон творење во уметноста и во другите области од човечката култура. Никој не може да го одрекува значењето на стремежите определени од неопходноста и целите на културата.


Сите треба да бидеме на нашиот пат, пат од Бога определен, и да одиме по него, зашто по него е светлината на доброто и на љубовта. И да отстапиме некогаш, брзо треба да се враќаме кон Христа, зашто Он е Патот, Вистината и Животот (Јн. 14, 6). А во тоа ќе ни помогне молитвата и посните подвизи, зашто тие ќе ја задржат правилната врска со Бога, која е крајна цел на сите наши стремежи.
Ние денеска го прославуваме св. Јован Лествичник, а така е наречен според неговата книга Лествица. Св. Јован бил игумен на Синајската планина и починал на почетокот на VII век, поточно во 606 год. Тој имал многу големо искуство во духовниот живот, а тоа духовно богатство ни го оставил и нас. Тој пат свети Јован го нарекува скала или лествица, за да ни покаже како треба и ние секојдневно со труд и молитва да се издигнуваме нагоре кон рајот, кон онаа морална и духовна состојба на нашето срце, на нашата совест, кои го означуваат Царството Божјо во човекот. Преподобниот Јован Лествичник, во своите поучувања, со длабочина ја разоткрива философијата на молитвата, која тој ја смета за највисока скала во моралното искачување на човекот и ја гледа како почеток на христијанските добродетели. Зошто св. Јован Лествичник така највисоко ја издигнува и гледа молитвата? Затоа што е присуство пред Бога и општење со Него. За да се придобие тој молитвен дар што доаѓа од Бога, христијанинот треба постојано да се смирува и никогаш да не се оддалечува од Бога, но и да не допушта да се вселат во неговото срце гордоста, гневот, зависта и сите други човечки гревови кои го лишуваат од неговото достоинство. По патот на постепеното издигнување христијанинот постојано треба да се исполнува со смирено послушание во добро и љубов. Основниот предуслов за напредок и издигнување останува молитвата.


Знаејќи колку е силна и какво орудие е молитвата заедно со постот, ние не треба да ги потценуваме туку сѐ повеќе да ги практикуваме. Сите ние треба да сме лествичани, односно да се издигнуваме по скалата на духовното усовршување. Никако, пак, не треба да имаме лажно мнение дека живееме на самиот врв туку секој ден упорно треба да искачуваме по една скала од лествицата на усовршувањето, истовремено свесни дека земните денови нема да ни стасаат за да се издигнеме и да се искачиме на самиот врв.


Сега е светата Четириесетница. Одиме кон Пасхата Господова, која за нас треба да претставува премин од стари и немоќни кон нови и силни. Сѐ повеќе да бидеме активни и дејствителни во молитвата и постот, па тој премин да биде за наше спасение и да биде вистински премин на нашите души во Царството Божјо. По молитвите на св. Јован Лествичник, така нека биде. Амин.


Недела на св. Јован Лествичник
Митрополитска капела Охрид
14.04.2024 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1