„Ти која Го роди Лекарот на сите луѓе, радувај се, Богоневесто, жезолу таинствен, од кој процуте цветот неовенлив! Радувај се, Владичице, преку која со радостсе исполнуваме и живот наследуваме“ (песна од Канонот на Мало повечерие на Акатист на Пресвета Богородица).

 

На 19.04.2024 година, во петокот од Петтата седмица од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, во поладневните часови, беше отслужено Мало повечерие со Акатист на Пресвета Богородица, на коешто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свешениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Светиот Архангел Гаврил, во Галилејскиот град Назарет, ѝ јавил на Дева Марија дека таа е од Бога избрана да постане Мајка на Божјиот Син и притоа ја поздравува со поздравот: Радувај се благодатна! Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените (Лк. 1, 28). Светата Црква со векови изнесува величанија кон Божјата Мајка, поздравувајќи ја со поздравот: радувај се благодатна! Сите ние, следејќи го гласот на светата Црква, ја воспеваме Божјата избраница, Мајката на нашиот Спасител, со најчисти молитви и одбрани пофални песни, поздравувајќи ја со ангелскиот поздрав – радувај се Благодатна!


И оваа вечер собрани сме тука во Божјиот дом на молитва токму во чест на Пресветата Мајка Божја. Со скрушени срца особено ја молиме Мајката Божја да биде наша застапница, на нашиот молитвен и посен подвиг да најде благоволение пред Бога. Оваа вечер, со гласот на светата Црква и со љубовта на нашите синовски срца, ја поздравуваме неа, Божјата избраница и Пречиста Дева со поздравот: Радувај се невесто неневесна! Секогаш се молиме на Мајката Божја со силна надеж дека таа ќе ни помогне. Секогаш ги полагаме сите наши надежи пред неа, зашто знаеме дека таа со мајчинската љубов ќе погледне милостиво на нашите срца и ќе ги охрабри и утеши. Но, особено сега, во времето на светата Четириесетница, кое е избрано време на пост и молитва, ние прибегнуваме кон Божјата Мајка за да ни помогне во нашиот подвиг, за тој да биде достоен пред Божјото величие и да стане спасоносен занес. А кога пристапуваме кон Божјата Мајка ние секогаш треба да бидеме со силна преданост и со полна увереност дека таа ќе нѐ поткрепи.


Ако и изнемоштуваме во нашата телесна немоќ и правиме усилби да си помогнеме, треба да знаеме дека Божјата Мајка е силна да ни помогне, но само доколку прибегнуваме кон неа со прозби, воспевајќи ја и радувајќи се со извикот: Радувај се невесто неневесна. И само тогаш кога ќе го упатиме својот поздрав кон неа со силна надеж дека таа со нејзината мајчинска љубов ќе биде наша помошница, и ќе измоли да слезе врз нас Божјата сила, ние ќе го почувствуваме дејството на таа сила и ќе ѝ воскликнеме на Мајката Божја: Алилуја!


Ако нашето срце изнемоштува од слабост и не може да опстане во доброто, ако силата на љубовта кај нас намалува или секнува, и ако гледаме дека се оддалечуваме од законот Христов и пред нас не се покажува светлиот пат Господов, треба да побараме помош од Мајката Божја за да се преобрази нашето срце во молитвата, велејќи: радувај се благодатна, радувај се невесто неневесна. И тогаш безусловно ќе почувствуваме дека срцето ни се исполнило со милост, зашто таа кон која се обраќаме е благословен Божји сосуд на милоста, и со благодарност ќе ѝ викаме: Алилуја!


Ако видиме дека некои сенки на гревот се доближуваат кришум кон нас, за да ја заробат нашата совест и да нѐ обеспокојат во нашиот дух, ако видиме дека сенките на зависта, како полноќен разбојник демнат и сакаат да се доближат до нашето срце или веќе се доближиле до него и го вознемириле, ако ги почувствуваме лошите сили на завидливоста, кои бараат да се настанат во нашето срце, и кога сме растревожени во нашиот живот, треба да пристапиме кон неа, пеејќи: Радувај се невесто неневесна. И сенките на злобата ќе бидат изгонети од нашето срце, зашто сенките на злото исчезнуваат во светлината на Господа Исуса Христа, и тогаш со благодарност ќе пееме: Алилуја!


Ние се наоѓаме во Велигденскиот пост, и добар дел веќе изминавме. Врвиме кон Господовата Голгота. За да ја почувствуваме силата и тежината на таа Голгота, за да бидат последните денови од нашиот пост благословени, за да ја почувствуваме силата и светлината на Крстот, треба да ги поминеме и последните денови во пост и молитва, та да можеме да одиме кон светлината и силата на Крстот Христов, а за тоа ќе ни помогне Мајката Божја, на која сите со една уста ѝ упатуваме песна пофална: Алилуја!


Остануваат уште малку денови од ова благословено духовно поле, кое нѐ издигнува нагоре сѐ додека не стигнеме до седмицата на Господовите страдања и смрт, а потоа да стигнеме и до торжеството на Христовото Воскресение. Божјата Мајка, на која ѝ пееме песни пофални, да ни помогне да ги издигнеме нашите срца и да влеземе во таа недела, да влеземе со радосни срца во светлата Пасха Господова, пеејќи ѝ на Богородица: Алилуја!


Петти акатист на Пресвета Богородица
Храм „Успение на Богородица“ – Каменско, Охрид
19.04.2024 г. 

pettiakat2024 1

pettiakat2024 2

pettiakat2024 3

pettiakat2024 4

pettiakat2024 5

pettiakat2024 6

pettiakat2024 7

pettiakat2024 8

pettiakat2024 9

pettiakat2024 10

pettiakat2024 11

pettiakat2024 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3