„Порано исполнета со секакви блудни дејства, сега со покајание се покажа Христова невеста; ангелскиот живот подражавајќи го, со оружјето на крстот демоните ги погубува. Поради тоа се покажа невеста на Царството, Марие преславна“ (кондак на Утрена во Петтата недла од Великиот пост).
На 21.04.2024 година, во Петтата недела од Великиот пост - Неделата на преп. Марија Египетска, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Горан Ставрески, свештеникот Роберт илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Светиот Јован Златоуст во своите беседи зборува за силата и величието на покајанието, велејќи: Некои велат дека кога орелот ќе остари се издигнува во непрегледни височини и таму се капе во изворот на светлината и повторно постанува млад. Така е и со покајанието. Тоа ја подига човековата душа во пределите и во височината до Бога, тогаш кога човекот во изворот на солзите ја очистува нејзината гревовност и страст и ја облекува во нова облека на духот. Да, таква е силата и величието на покајанието! Кој сѐ уште се сомнева во вистинитоста на тоа, нека си спомне за животот и делото на св. Марија Египетска, чиј спомен денеска го празнуваме, која од голема грешница постанала голема светителка, и ќе се убеди во силата и величието на покајанието. Кој не го знае нејзиниот порочен живот? Кој не знае дека телесната убавина со која била надарена ѝ послужила да падне? Цели седумнаесет години ги поминала во блудство и спечалила големи овоземни богатства. А откако се покајала, требало да проживее во Јорданската пустина цели четириесет и седум години, на отворено, во строг пост и молитва, сѐ додека имала гревовна кал, што се натрупала врз нејзината душа. И таму, во пустината, толку се продуховила преку подвизи, пост, молитва и деноноќни бденија, па како некоја птица преминувала преку Јордан. Таа починала на 1 април 530 год.
Сите да се угледаме на примерот на св. Марија Египетска и да не очајуваме поради нашите гревови. Ако видиме грешен човек да не брзаме да го осудуваме. Кога и самите ќе паднеме во беззаконие, спомнувајќи си на светата Марија Египетска,да не очајуваме туку да се покаеме и да се обратиме кон Господа. Ако сме поминале подолго време во негрижа за спасение на својата душа, повторно да си спомнеме на Марија Египетска, која иако после долго време се освестила, сепак ги примила достојните плодови на покајанието, и преку неа се оствариле зборовите на Господ Исус Христос, Кој рекол: Цариниците и блудниците пред вас ќе влезат во Царството Божјо (Мт. 21, 31).
Особено да си спомнуваме за оној момент од животот на св. Марија Египетска кога Божјата благодат се допрела до неа, кога се запалила првата искра во нејзината замрачена душа. Зашто и до нашите души се допира Божјата благодат, само ние треба да го почувствуваме и разбереме тоа Божјо допирање. Бог на разни начини чука пред дверите на нашите души, за да влезе во нив. На едни им дава долготрпение за да ја почувствуваат Божјата милост, па и тие да бидат милостиви и кротки кон слични на нив. На други им дава страдање и искушенија за да ги утврди во верата и доброто, но некои не го слушаат Божјиот апел кон нивната совест.
И денеска, како што било и во времето на Спасителот, Он ги повикува сите кон покајание. Впрочем, Неговиот глас го слушале цариниците, разбојниците и блудниците, но не и фарисеите и луѓето кои по надворешниот изглед се претставувале за праведници, а всушност Го одминувале со гордост, воопшто и не помислувајќи на покајание. И денеска помеѓу нас има слични на фарисеите, кои велат: зошто да се каеме? Му благодариме на Бога, не сме убиле, не сме краделе, немаме големи гревови, а мали Бог ги проштева. Но, сите ние имаме и од едните и од другите гревови. Се поставува прашањето: како да ги согледаме? Со кои добри дела да ја чистиме совеста? Со што ќе ги измиеме проклетствата, ругањето, празнословието, зависта, гневот, лекомислието? Какво покајание треба да принесеме што не сме посетиле болни и затвореници, што не сме примиле гладни, не сме ги запазиле постите, не сме стоеле достоинствено во храмовите? Ако од овие гревови и многу други беззаконија ни е тешко на совеста, со што да ги очистиме? Какви добри дела сме направиле за влез во Царството на праведниците? Дали сме мислеле за ова прашање или сме мислеле дека до тоа нема да дојде? Но, тој час ќе дојде сигурно и да не се залажуваме. Некои велат има време, кога ќе остариме ќе се покаеме. Но, никој не го знае часот и денот кога ќе го напушти овој свет, а потоа веќе е доцна за каење.
Да се опоменеме, да го послушаме апелот што светата Црква го упатува кон секој еден од нас, а особено во овие посни денови. И денеска, преку примерот на св. Марија Египетска, светата Црква сака да нѐ освести и разбуди од духовниот сон и ни порачува: Драги чеда, бидете храбри во духовните подвизи. Не паѓајте во униние од гревот. Покајанието е голема духовна сила. Покајанието го распрснува духовниот мрак кој ја опфатил вашата душа. Покајанието ве издигнува од земјата кон небото. Тоа ги надвишува ангелските сили и ве приближува до Божјиот престол, и ве прави собеседници на Бога. Покајанието ги лекува страстите, ја омекнува страшната предрасуда, го гаси пламенот на јароста, го ублажува гневот и го пали неугасливиот светилник на пријателството. Покајанието ги раскинува синџирите на гревот и ги спасува душите.
Ако, пак, не го послушаме овој повик на светата Црква, ќе ни се случи она што Христос го порачува за покајанието: Но, ако не се покаете, сите така ќе изгинете (Лк. 13, 3). Затоа, следејќи го примерот на преподобната Марија Египетска, и ние да прибегнеме кон силата на покајанието, та очистени од секое беззаконие и грев, да влеземе во радоста на Христовото Воскресение. Амин.
Недела на св. Марија Египетска
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Охрид
21.04.2024 г.