„Јагнето што го навести пророк Исаија, оди на доброволно колење, и дозволува да биде биено по плеќите и образите; без да го свртува лицето од плуканиците, на срамна смрт се осудува; и Он, безгрешниот, доброволно прима се, за да им дарува на сите воскресение од мртвите“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Велики Четврток).

 

На 02.05.2024 година, на Велики четврток - наутро, во храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


На денешен ден Господ Исус Христос ја востановил светата Тајна Причест или Евхаристија. Смислата на христијанскиот живот е во соединувањето со Христа, во влегувањето во Него и престојувањето во Него. Христос, Синот Божји, јавувајќи се во светот, ни го дал не само Неговото учење туку, пред сѐ, Он ни се дал Самиот Себе, Своето родство и можноста да се соединиме со Него. За да се случи тоа родство, Он им го оставил на христијаните најсилно средство – светата причест. Преку причестувањето Христос ни го предлага Своето родство и Својата света Крв. Св. Кирил Ерусалимски вели: Кога се причестуваме со Телото и Крвта Христови, тогаш ние постануваме сотелесни и еднокрвни, и во буквална смисла – роднини по крв. И преку таа Крв, ние таинствено влегуваме во Христа, постануваме клетки од Неговото Тело и Негови членови, за што и самиот зборува: јадејќи го Моето Тело и пиејќи ја Мојата Крв, престојувате во Мене и Јас во вас.


Човечкото тело секогаш се состои од тоа што јаде, па затоа ако ние го јадеме Телото Христово, тогаш и самите постануваме тело Христово. И обратно, ако човекот не се причестува со Телото и Крвта Христови, тогаш тој не припаѓа на Неговото Тело и нема роднинска врска со Него. Во строгата смисла на зборот, таквиот човек не е христијанин, тој не ѝ припаѓа на Црквата и е далеку од Христа. Од Евангелието ние гледаме дека апостолите Лука и Клеопа Го познале Христа во моментот кога се причестиле со Неговото Тело, а дотогаш тие не можеле да Го познаат, и покрај тоа што долго ги слушале неговите чудесни зборови, од кои гореле нивните срца (Лк. 24, 30-32).


Оној кој не се причестува со Телото и Крвта Господови, тој не треба да ја чита ниту главната и основна молитва Христова Оче наш. Како може некој да Го нарече Бога свој Татко кога во него нема Негова крв? Ние знаеме дека кај децата секогаш има таткова крв. И тие кои се причестуваат со Тело и Крвта Христови стануваат вистински родени деца од Бога и можат да Го нарекуваат свој Отец Небесен.


Преку причестувањето ние го примаме во себе она што самите го немаме во нас ниту, пак, го има во целата вселена – ја примаме бесмртноста. Христос воскресна од мртвите, ја победи смртта и со тоа го покажа почетокот на една нова вселена, на еден нов век, каде што повеќе смртта нема да постои. Ние сме повикани кон таквиот век и во свое време ќе влеземе. Ние сѐ уште не сме влезени, но сме на пат кон него. Нам ни е дадена големата Тајна на Евхаристијата како залог на тој век, како семе кое ќе изникне во свое време и ќе донесе плод за живот вечен.


Но, конечно, сѐ што е кажано за Причеста не значи и дека дејствува по автоматизам, и не значи дека со причестувањето автоматски сме спасени и без оглед на што и да е дека ќе влеземе во Царството Христово. Дефинитивно не е така! За да бидеме спасени потребно е и да живееме според заповедите Христови.


Па, така, знаејќи го сето тоа, да пристапиме кон светата Причест со страв, вера и љубов. И тогаш ќе ја примиме во себе за вечен живот и бесмртност. Исто така, да искажеме благодарност на Господа за таквиот Негов неискажлив и безмерно голем дар. Подеднакво да се соединуваме со Христа преку ова таинство, а и да се потрудиме да се чуваме од секаква нечистотија, од сѐ што е непријатно дело за Бога, да се чуваме од гревот, да се потрудиме да водиме вистински христијански живот. Тогаш причеста ќе постане за нас спасителна и ќе нѐ направи деца Божји, и во свое време ќе нѐ приведе таму каде што престојува Господ и сите Негови светии, во Царството Небесно и во идниот век. Амин.


Велики четврток
Храм „Пр. Богородица Перивлепта“ Охрид
02.05.2024 г. 

 

velcetvrutr2024 1

velcetvrutr2024 2

velcetvrutr2024 3

velcetvrutr2024 4

velcetvrutr2024 5

velcetvrutr2024 6

velcetvrutr2024 7

velcetvrutr2024 8

velcetvrutr2024 9

velcetvrutr2024 10

velcetvrutr2024 11

velcetvrutr2024 12

velcetvrutr2024 13

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3