„Малку зборови кажа разбојникот на крстот, но неговата вера беше голема; за еден миг се спаси и прв влезе низ рајската врата: Господи, Кој го прими неговото покајание, слава Ти“ (четиринаесетти антифон на Утрена на Велики петок).
На 02.05.2024 година, на Светиот и велик четврток вечер, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена Утрена богослужба со читање на дванаесетте страсни Евангелија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Утрената богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Господ Исус Христос е над сите слабости што ги возбудуваат и вознемируваат луѓето на земјата. Никаде нема податоци од кои би можеле да заклучиме и да видиме дека Спасителот бил потресен и вознемирен. Упатените човечки навреди, поробувања, лажни обвинувања и клевети кон Него, па дури и распнувањето на Крстот не Го возбудиле. Но, бил возбуден од предавството на еден Негов ученик, кое го предвидел уште пред да се случи. Кога се случило ова Христос се возбудил во душата, а тоа го посведочил и со зборовите: Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде (Мк. 14, 18). Навистина тоа и се случило. Јуда, еден од Неговите ученици, Го предал со целив, и тоа за триесет сребреници. Во таа прилика Спасителот му поставил на Јуда потресно прашање: Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки? (Лк. 22, 48). Тоа бил единствениот настан што Го возбудил Господа Исуса Христа во текот на целиот Негов живот на земјата. Тоа е и најпотресниот момент во историјата на човечкиот род – човек извршил Богопредавство, ученик Го предал својот Учител.
Зошто се случило тоа? Тоа никој не може да го објасни. Јудиното предавство останало тајна за секого, освен за Богочовекот. Во Евангелието се вели: И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариотски... (Лк. 22, 3). Црковниот поет вели: Денес Јуда Го остава Учителот и го прима ѓаволот. Тоа е едно од објаснувањата гледано од надворешна причина на овој настан. Но, што е тоа што се случило со Јуда никој не може да објасни со никакви зборови. Зошто било потребно Јуда да Го издаде Богочовекот? Што му сметало Неговото присуство во светот? Зошто треба да го тргне Богочовекот од светот? Јуда бил сведок на Христовиот живот и дејност, бил сведок и се уверил дека Христос е Месија и Богочовек, иако е можно да постоела потајна омраза кон Учителот. Христовата, пак, љубов била неограничена дури и во овој момент на страшното Јудино предавство, а Спасителот и тогаш го прашал Јуда со многу љубезно прашање: Пријателе, зошто си дошол? (Мт. 26, 50). Дали тоа се случило поради страв од Јудеите – Христовите непријатели? Зашто и останатите Христови ученици се исплашиле и побегнале во најкритичниот момент. Можел така да постапи и Јуда. Христос и порано кажувал дека ќе пострада и дека Неговите следбеници ќе мораат многупати да заридаат и да заплачат. Дали ослабнала верата Јудина? Заради слабата вера човекот е во опасност да се излаже, но не и да Го издаде за пари Бога во Кого верувал. Јудиното предавство останува тајна.
Господ Исус Христос, Спасителот, не се криел од Своите непријатели. Ниту бегал ниту приготвувал Своја одбрана. Не се бранел ни на суд. Знаеме дека тогаш било потребно Јудиното предавство. Евангелистот запишал дека Јуда отишол да се договори со првосвештениците и со победниците како да им Го предаде, па дури се израдувал и се договорил да му дадат пари. Тие, пак, се израдувале бидејќи дошол еден Негов близок ученик за да Го предаде. Тоа на богоубијците им било потребно заради народот, поради јавното мислење. На богоубијците им бил потребен богопредавник.
Јуда брзо паднал во очајание заради својот страшен грев. Брзо го изгореле сребрениците во неговиот џеб. Сакал што побрзо да се ослободи од тие пари, па отишол и ги вратил триесетте сребреници на првосвештениците, велејќи: Згрешив, зашто предадов невина крв! (Мт. 27, 4). Јуда се покајал, но изгубил сила да се обрати кон Бога за прошка. Се покајал пред себе и во себе, но не и пред Бога. Го видел тоа страшно прегрешение, но го изгубил чувството на вера во неограничената милост Божја, па затоа направил и друг грев, најголем после богоубиството – Тој ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси (Мт. 27, 5). Така се исполни она што за Јуда го прорекол Спасителот: Но, тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не себеше родил (Мт. 26, 24).
Во молитвата што ја кажуваме кон Бога пред да пристапиме кон светата Причест, многу јасно и гласно е кажано како се однесуваат христијаните кон Јудиното предавство: Нема да ја издадам тајната на Твоите непријатели, ниту ќе Ти дадам целив како Јуда. Ова е ден кога оваа молитва треба често да ја повторуваме. Верата на секој човек во Богочовекот е посебно доживување, посебно духовно искуство и посебна тајна. Тоа е тајна на односот на човекот кон Бога и кон Богочовекот. Тоа е духовно благо кое не може да се менува за вредностите од овој свет, како што не може да се менува ни човечкиот живот. Секој обид тоа да се направи е предавство на Бога.
На овој ден, покрај многуте необични настани, се случил и уште еден понеобичен, за кој поетот вели: Ученик се откажа, а разбојник Го воспеа. Ученик кој доброволно сѐ оставил, а кој одел по Божествениот Учител, и кој Го предал и се одрекол од Него и неговата наука. Додека оној разбојник кој правел зло од сите видови, на крст се покајал пред Бога и Богочовекот, и на крстот велел: спомни си за мене Господи во Твоето Царство. Па и ние, ако сме свесни дека сме грешеле и кон Бога и кон луѓето, денеска да дојдеме покајнички и искрено како покајаниот разбојник на Голгота, и на Распнатиот Господ да Му повикаме: Сети се на мене Господи во Твоето Царство. Амин.
Велики четврток - вечер
Храм „Св. Ѓорѓи“ Струга
02.05.2024 г.