„Се исплашија хоровите ангелски, гледајќи Го Оној Кој седи во прегратките на Отецот, како Бесмртниот се полага во гроб како мртов, како ангелските чинови Го окружуваат и со мртвите во адот Го слават, како Создател и Господ!“ (седален на Утрена во Светата и велика сабота).

На 03.05.2024 година, во Светиот и велик петок, во вечерните часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена Утрена богослужба со Опело на нашиот Спасител Господ Христос, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, протоерејот Горан Ставрески, свештеникот Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Вечерва Го погребуваме нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Он, со Својата преголема љубов кон човечкиот род, дојде на земјава, прими човечко тело, постана еднаков на нас луѓето во сѐ освен во гревот. Живееше триесет години без да се пројавува Неговата Божественост во целост. Кога наполни триесет години, излезе на јавна проповед и го благовестеше Божјото евангелие, а сѐ со цел да го спаси човечкиот род од погибел. Денеска, пак, најголемата Божја љубов, Синот Божји, второто Лице од Светата Троица, се жртвува на Голгота, претрпувајќи најстрашни понижувања, малтретирања, судења, биење и распнување на крст. Тоа го претрпува како најголем престапник, ставен помеѓу двајца разбојници, а вечерва Го положуваме во гроб нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

Се поставува прашањето: каде да застанеме? Дали покрај Симеон Киринеецот, па да Му помогнеме во носењето на тешкиот крст до Голгота? Но не сме во состојба за тоа, бидејќи ние потклекнуваме под нашиот сопствен животен крст и заради тешките животни искушенија.

Дали да побегнеме од Христа и Неговите маки, како што направиле поголем дел од Неговите ученици? И тоа не е можно! Каде да побегнеме од Оној Кој се наоѓа на секое место и Кој е присутен секаде каде што се страда поради Неговата вистина и правда.

Дали да се вброиме во редот на жените мироносици и да плачеме како тие? И тоа нема ништо да ни помогне, зашто и ние ќе добиеме ист одговор како што добиле сите кои плачеле над Неговата судбина: не плачете за Мене, плачете за себе и за своите деца.

Да застанеме пред најдрагоцениот и најтаинствен чин од овој настан. Да застанеме пред Неговата Крв ,која блика од Богочовечките рани и која се слива од Неговиот Крст.

Пилат бил прв кој се обидел да ги измие своите раце од невино пролеаната Христова крв: Зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: ‘Невин за крвта на овој Праведник’ (Мт. 27, 24). Водата не била во состојба да ги измие рацете на Пилата, од она време па сѐ до денешен ден. Сите крстови што ги гледаме на нашите цркви и манастири и на разни места, на човечките гради, сето тоа потсетува на Неговата пролеана крв, на Неговите евангелски идеали.

Луѓето преку долгата историја се обидувале многу настани да ги запечатат со проливање на човечка крв. Меѓутоа нови времиња и нови настани редовно ги отвораат овие печати и ги разрешуваат овие историски јазли. Господ Исус Христос ја запечатил и ја засновал Својата епоха врз Сопствената крв. Божествениот збор вели: Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв (1. Кор. 11, 25). Веќе се поминати повеќе од дваесет века и овој печат сѐ уште не е распечатен.

Да застанеме браќа и сестри на Велики петок пред оваа голема тајна, да застанеме и да размислиме дали со оваа Божествена крв да ги измиеме нашите гревови и да се спасиме од смрт? Или, пак, со трњата на нашите пороци и мани уште повеќе да го раскрвавиме Христовото чело?

Нема да бидеме повеќе рамнодушни пред тајната на Твојата невина Крв, која е пролеана за нас, Спасителе наш и Боже наш! Нема понатака да Те повредуваме и да ги крвавиме Твоите рани со отровните стрели на нашите пороци.

Погребувајќи Го денеска нашиот Спасител, да бидеме свесни дека погребуваме најголема добрина и милост што е пројавена кон човечкиот род. Го погребуваме Христос, Кој со својата рака го создаде човекот и ја скрши челуста на ѕверот. Сите верни, Христе, со песни го празнуваме Твоето распетие и погребение, од смртта избави нѐ, со Твоето погребение. Беспочетен Боже, совечен Сине, и Духу Свети, нашиот народ утврди го во верата (втора статија на Велики Петок). Амин.

      

Велики петок - вечер

                                                                   Храм „Св. Ѓорѓи“ Охрид

03.05.2024 г.

 

velpetvec2024 1

velpetvec2024 2

velpetvec2024 3

velpetvec2024 4

velpetvec2024 5

velpetvec2024 6

velpetvec2024 7

velpetvec2024 8

velpetvec2024 9

velpetvec2024 10

velpetvec2024 11

velpetvec2024 12

velpetvec2024 13

velpetvec2024 14

velpetvec2024 15

velpetvec2024 16

velpetvec2024 17

velpetvec2024 18

velpetvec2024 19

velpetvec2024 20

velpetvec2024 21

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1