Почитувани верни чеда, во прилог Ви ја пренесуваме Беседата на Томина недела, од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена во Капелата во Митрополитската резиденција на Плаошник во Охрид.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос Воскресе!
Светата православна Црква овие денови го прославува Христовото Воскресение. Господ им се јавил на Своите ученици, но кога Он им се јавил еден од нив не бил присутен. И кога другите му соопштиле дека Го виделе Господа воскреснат, тој им рекол: Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам! (Јн. 20, 25). Тоа бил ученикот Тома. Затоа и оваа недела се нарекува Томина недела. И нашиот Господ Исус Христос, милостив и снисходлив кон луѓето, во осмиот ден повторно им се јавил на учениците, но сега во присуство на ап. Тома, и го повикал да ги стави неговите прсти и раце во раните и ребрата Негови, за да се увери дека Он е воскреснат и дека Он е вистински Син Божји, Спасител на светот, Оној Кого Го очекувале многу поколенија од народите, кон кои им припаѓа и апостолот Тома. И кога Тома ја потврдил својата вера, убедувајќи се во Воскресението Христово, Го исповедал со зборовите: Господ мој и Бог мој (Јн. 20, 28). А Господ му одговорил: Ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале (Јн. 20,29).
Денеска пред нас се поставува прашањето: што е тоа вера? Ние луѓето во Црквата се нарекуваме верници, или, ако сакате, во крајна мера за такви нѐ сметаат оние кои Го негираат Бога, Воскресението и Црквата. Ние веруваме како луѓе и ние одиме по верата, како што вели ап. Павле, бидејќи според верата живееме, а не според гледањето (2. Кор. 5,7). И дејствителната вера е нашето најголемо богатство и, воопшто, најголемо богатство на овој свет. Ако во човекот нема вера тогаш во него нема ништо. А ние сме навикнати на тоа дека сме верници, дури и не го забележуваме тоа богатство и не разбираме колку е тоа важно за нас. Св. Јован Златоуст вели: Верата е големо богатство кога таа произлегува од срцето што гори и од големата љубов и од пламената душа. Таа нѐ прави мудреци, таа ја покрива ништожноста на човекот и ги остава умувањата земни и нурнува кон небесните работи, многу подобро од што може мудроста човечка тоа да го најде (св. Јован Златоуст – беседа 36).
Затоа Господ и ги нарекува луѓето кои не виделе а поверувале блажени. Блажените се блиски до Бога и близу до спасението. Тие веруваат не како апостолот Тома, кој ги ставил своите прсти и раце во ребрата и раните Господови, туку веруваат во учењето на Црквата, веруваат на светите отци, веруваат на сето она што го учи Црквата, кое се јавува како извор на животот. Светите отци, кога расудувале за овие настани со св. ап. Тома, кажуваат дека ако Господ на секого од нас се јавувал и ни нудел да ги ставиме своите прсти во Неговите ребра, тогаш ние би биле помалку блажени. Христовото Воскресение малкумина го виделе со свои очи и малкумина можеле да му се поклонат, односно само апостолите и жените мироносици. А сета останата Црква живеела секогаш со вера, и затоа Црквата толку ревносно ја чувала таа вера и се борела за нејзината чистота. Затоа и се случувале тие големи собори, спорови, мачења, страдања и решеност да се оди во смрт за чистотата на верата.
Божјите луѓе разбирале дека ова е примарно, но и непријателите, исто така, разбирале дека верата е главен фактор. Затоа уште од самиот почеток на христијанството се обидувале да ја уништат верата во Христа и во неговата света Црква. Посебно тоа се случува во ХХ век, кога црквата се гони и уништува пожестоко и од првите три века од римските императори.
Луѓето некогаш во текот на животот стигнуваат и до некакви чудни прилики, некои смешни, но некои и трагични, кога во моменти на очајување, при разни болести и непријатности, се подготвени да поверуваат во сѐ, се предаваат во сечии раце и се поклонуваат на лаги и секакви измислици, но ништо не им помага. Се поставува прашањето: од каде произлегува ова? Затоа што тие луѓе го немаат најважното, она на кое тие се исмејувале и го девалвирале, односно ја немаат верата. Ја немаат онаа вера која покорила цели народи и царства, која воскреснувала мртви, која им дозволила на луѓето да напредуваат во големи подвизи и достигнувања, и на физички и на духовен план. Таа вера ја нема кај тие луѓе. Затоа тие одат кај гатачи, кај разни толкувачи на сонови и измамници од овој свет. Но, ние кои се сметаме за верници, сме должни да запомниме една многу важна работа: Верата без дела е мртва (Јк. 2, 26). Без добри дела, без милосрдие и без љубов, богословието е мртво. Нашата вера е мртва кога нашиот живот не содејствува на таа вера.
Денеска го прославуваме св. ап. Тома, а во текот на целата седмица го прославуваме Христовото Воскресение. Денешното празнување да биде мотив за поголеми напори за познание на Бога. Св. Игнатиј Бранчјанинов, зборувајќи за слабата вера, вели дека кај неверниците нема вера, а тоа е затоа што не сакаат да се потрудат. Има и многу верници кои не знаат основни нешта од својата вера. А нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Распнатиот и Воскреснатиот, дошол во овој свет, пострадал и воскреснал за ние да живееме и да одиме со вера, а таа да ни биде главна работа во нашиот живот. Ако се движиме и живееме со вера, тогаш нема да се плашиме од никого, па ниту и од вечниот непријател ѓаволот, ниту од неговите лаги, ниту од неговите слуги. Христос ги победи сите и Он е ист и вчера и денес, и до века е со нас. Амин.
Христос воскресе!
Томина недела
Капела во Митрополитска резиденција
12.05.2024 г.