На 19.05.2024 година, во Третата недела на Воскресение - Неделата на жените мироносици, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, зеде учество и сослужуваше на свечената Литургија во храмот „Свети Сава“ на Врачар во Белград, на којашто чиноначалствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј. На Литургијата сослужуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Санкт-петербургшки и Ладошки г. Варсонуфиј од Руската православна црква, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, како и мнозинството архиереи од Српската православна црква и повеќе свештенослужители од трите цркви. Повод за ова сослужување беше прославата на три Јубилеи, и тоа: 130 години од раѓањето, 45 години од упокојувањето и 10 години од преносот на моштите на преподобниот Јустин Ќелиски. На Литургијата со пригодна беседа се обрати Патријархот Порфириј, а на крајот од Литургијата, Патријархот го прими пригодниот подарок од Руската православна црква - дел од моштите на св. Лазар Четвородневниот и мошти од светите Киево-печерски светии.