Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во 4 Недела на Воскресението Христово - Неделата на раслабениот. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Христос Воскресе!

По маченичката смрт на св. арх. Стефан, кого Јудејците го убиле со камења, започнало големо гонење на христијаните во Ерусалим. И речиси сите, освен апостолите, избегале од Ерусалим и се преселиле по блиските страни јудејски и самарјански. Јудејските првосвештеници кои го раководеле ова гонење се надевале дека ќе ги искоренат христијаните до последен и дека нема да остане ниту еден. Но, фактот дека сите верници избегале, односно биле принудени да ги напуштат своите домови, зборува за жестокоста на тоа гонење. На чело на тоа гонење стоел Савле, кој подоцна ќе биде апостол Павле (Дела. 9, 12). Се вели дека планините и пештерите на Галилеја и Самарија се преполниле со избеганите христијани.

Навистина, во тоа гонење, ерусалимските христијани биле разбиени и опустошени и поднеле разни страдања и мачења, а мнозина од нив примиле и маченичка смрт. Но, сето тоа било за слава и торжество на христијанството. Избеганите христијани од Ерусалим го проповедале словото Божјо каде и да поминувале и престојувале. Проповедта се зголемувала со голем успех. Бројот на христијаните се зголемувал без да се стравува дека таа вера и тоа учење е проследено и гонето од јудејските првосвештеници. Еден историчар, опишувајќи ја таа страница од животот на христијаните, вели: Како што облакот носен од ветрот разнесува освежителен дожд по исушената земја од сонцето, така и гонетите од јудејската злоба и омраза христијани, разнесувале жива вода Христова и го ширеле Неговото учење во далечните страни кои биле жедни за славата Божја.

Колку време траело тоа гонење? Со сигурност не може да се каже. Но, ако се има предвид историјата на Савле, може да се претпостави дека тоа траело додека Савле ќе се преобрази во христијанин. За христијаните настанал мир и спокојство. Во Делата апостолски, во деветтата глава, се зборува за обраќањето на Савле, а во триесет и првиот стих се вели: А црквата по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беше во мир, се изградуваше и живееше во страхопочит кон Господ, и растеше со утехата на Светиот Дух (Дела. 9, 31).

Христијаните раселени како овци без пастир преживувале големи мачења и гонења долго време и им се жалеле на апостолите за таквото гонење, и жеднееле и барале апостолите да ги посетат и да ги утврдат во вистинитоста на верата и добродетелниот живот, а оние кои не поверувале да ги обратат кон Христа. Христојаните почувствувале голема радост кога помеѓу нив го виделе ап. Петар. Така, апостолот Петар, обиколувајќи ги христијаните во Јудеја, Галилеја и Самарија, слегол и во градот Лида. Таму нашол еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран на постела. Петар му рекол: Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и направи си ја постелата сам. И тој веднаш стана. И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обратија кон Господ (Дела. 9, 34-35). Извршувајќи го ова големо чудо, ап. Петар извршил уште едно поголемо. Во соседниот град на Лида, Вопија, ја воскреснал Тавита, која била следбеничка на Христовите ученици. Истата била исполнета со многу добри дела и милосрдие. Цел град ја оплакувал, особено вдовиците и сиромасите. Петар, откако клекнал на коленици и се помолил на Бога, извикал: Тавита стани! И таа станала. Тоа брзо се прочуло по цела Вопија и мнозина поверувале во Господа.

Оваа обиколка на ап. Петар, а со цел  да ги посети, охрабри и утврди гонетите христијани во Јудеја, Галилеја и Самарија и во градот Лида, а особено двете чуда што ги извршил, имале благопријатно влијание кај луѓето и преку тоа многу се зголемил бројот на христијаните. Апостолот Петар со еден збор го излекувал парализираниот Енеј и ја воскреснал Тавита. Овде се гледа исполнувањето на зборовите на Спасителот, Господ Исус Христос, што им ги кажал на учениците: Кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши (Јн. 14, 12).

Да си спомнеме за страдањата и мачењата што ги претрпеле христијаните во Ерусалим и за нивното распространување по цела Јудеја, Самарија и Галилеја, па и ние да се наоружаме со трпение, та да го носиме крстот и бедите што нѐ снаоѓаат преку нашиот живот, како што претрпеле  и христијаните за кои зборувавме. Зашто преку страдањата се победува злото и се дава можност да торжествува доброто. Амин.

Христос воскресе!

   

    Недела на Раслабениот

26.05.2024 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1