„Се роди како што посака, се јави како што благоволи, пострада телесно, Боже наш; воскресна од мртвите откако смртта ја победи, се вознесе во слава, Ти Кој исполнуваш сѐ, и ни Го испрати Твојот Божествен Дух, за да Го воспеваме и славиме Твоето божество“ (хвалитна стихира на утрена на празникот Вознесение Христово).
На 13.06.2024 година, денот кога го прославивме славното Вознесение Христово, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Горно Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Кирил Јованоски, свештеникот Оливер Димитров, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа се направи и литија околу храмот. Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Сѐ во животот на нашиот Господ Исус Христос е необично и чудесно. Сѐ без исклучок! И Неговото раѓање, бидејќи се родил необично и чудесно, како што не се родил ниеден човек од Адама до Него. И Неговото крштевање на реката Јордан, зашто било пропратено со знаци какви што светот немал видено дотогаш. И Неговото Преображение на Гората Тавор, бидејќи бил осветлен со слава и светлина од која апостолите паднале на земјата. И Неговото Воскресение од мртвите, зашто пред Него никој не станал од гроб. Затоа Он и се нарекува првина за умрените (1. Кор. 15, 20). И целиот Христов живот е необичен и чудесен. Изгледал поинаку од останати луѓе, зборувал поинаку од другите луѓе. Правел такви чудни дела какви што никој друг не правел. Народот брзал кон Него, сакајќи непрестајно да Го гледа и да Го слуша, и да се насладува од Неговата мудрост, но и да наоѓа решение за сите свои проблеми и лек за сите болести и непријатности. И така, од првата Негова појава на Јордан, па сѐ до последното издигнување на Крст на Голгота, Он немал ниту еден миг на воздишка и одмор туку постојано бил во движење, за да посети што повеќе места и да направи што повеќе добрини на луѓето. Значи сѐ во животот на нашиот Спасител е чудно и необично. Но, во исто време, с во животот на нашиот Спасител е спасоносно и сѐ е насочено за наше добро.
И денешниот настан, Вознесението на небесата, е необичен и чудесен, и повторно за наше добро. Ние денешниот празник не го прославуваме заради неговите необичности туку затоа што тој е случен заради нашето добро. Исто така, како и останатите празници поврзани со животот на Христа, ние не ги славиме заради чудесата туку поради тоа што тие ни донесуваат добро на нас христијаните и на сите луѓе. Какво значење има денешниот празник за нас луѓето? Со Вознесението на небесата, Господ Христос потврдил сето она што порано го зборувал. А Он зборувал дека е дојден од небесата и дека е испратен од Својот Отец и дека повторно ќе се врати кај Отецот, тогаш кога ќе го изврши делото кое Му е зададено. И на денешен ден, кога пред очите на Неговите апостоли се вознел на небесата, го потврдил сето она што порано го зборувал. Всушност, Христос исполнил и потврдил сѐ што проповедал. Со што го потврдил? Со Својот живот и со Своите дела. Тој не бил како многуте проповедници пред и по Него, кои својата наука ја проповедале само со јазик, а со животот и делата биле сосема далеку од тоа што го зборувале. Он, пак, секој изговорен збор го исполнил со Своите дела, а тоа е за нас најголемиот доказ дека зборувал вистина, и ги учел луѓето само на вистина. Затоа Неговата наука ги воодушевувала луѓето, и тогаш, а и денес, по повеќе од две илјади години. Додека науката на оние коишто проповедале само со јазик не се прилепила за срцата на народот, и таа брзо исчезнувала. Вознесението на Господа Исуса Христа на небесата е последната потврда на сето она што порано го зборувал на Земјата.
Се поставува прашањето: какво добро донесува денешниот настан? Доброто е во тоа што Вознесението Христово значело отворање пат за Светиот Дух, Духот Утешител. На разделбата од Своите ученици, Господ им рекол: Подобро е за вас Јас да си отидам, зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; Ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. ... А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина. (Јн. 16, 7 и 13). И, навистина, така и се случило. Во десеттиот ден по Вознесението, слегол Светиот Дух врз апостолите и излил врз нив и врз целата Црква Христова река од благодатни дарови, доволна да ја измие целата нечистотија на сите народи во сите светови и сите времиња. По доаѓањето на Светиот Дух во светот, светата тајна Покајание постанала главна бања, во која се лекуваат сите душевни и телесни болести на човечкиот род.
Дали ние како Христијани се користиме со оваа Божја благодат, дали ги исповедаме нашите гревови и дали Го молиме Бога за прошка? Тоа е прашање на кое треба секој да си одговори. Ние сме луѓе и често грешиме. Некој повеќе некој помалку, но главно сите имаме некој грев којшто ја мачи нашата совест. Немој да мислите, како што мислат многумина, дека грев е само убиството или некоја голема проневера или тешка кражба и слично. Грев е секоја пцовка, секој неоправдан гнев, грешна желба, грешен поглед, секој непотребен збор, секоја ситна кавга, завист, оговарање и сл. Овие ситни гревови се поопасни отколку големите. Опасни се затоа што на нив не обрнуваме внимание, а тие се собираат и тешко ја притискаат и оптоваруваат нашата совест.
Какви уште добра ни донесува овој празник на Вознесението на нашиот Спасител на небесата? Христос им вели на апостолите: Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место,пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас (Јн. 14, 3). Еве какви добра ни донесува Вознесението на Господа Исуса Христа. Од овој момент, небесата, која Адам ја затвори, е отворена за нас луѓето. А тоа што Господ го кажал е точно, зашто секој Негов збор се исполнил и се потврдил на дело, па и ова ќе се исполни.
Но, овде едно е потребно. Дали сме ние подготвени да стапиме во небесните живеалишта? Дали ја имаме нашата чиста облека за пред Бога? Без да ја имаме чистата облека не можеме да влеземе во царската палата на небесата. Да размислиме за тоа христијански, па доколку ја немаме таа чиста облека и доколку е извалкана со разни гревови, веднаш преку светата тајна Покајание да ја очистиме, та потоа да ја облечеме таа чиста облека. Ако така постапиме, тогаш денешниот празник на Вознесението на нашиот Спасител и за нас ќе има значење, и тогаш навистина ќе бидеме вистински православни христијани. Амин.
Вознесение Христово - Спасовден
Ман. „Св. Спас“ с. Г. Лакочереј, Охрид
13.06.2024 г.