„Светлина е Отецот, Светлина е Словото, Светлина е и Светиот Дух Кој на апостолите им се испрати во вид на огнени јазици, и преку Него целиот свет се просветлува, да ја почитува Света Троица“ (светилен на Утрена во Неделата на светата педесетница).
На 23.06.2024 година, педесет дена по славното Христово Воскресение, ја прославивме Неделата на светата Педесетница - Духовден, денот кога го славиме слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, роденденот на светата и непобедлива Црква. По тој повод, во храмот „Св. Троица“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Кирил Јованоски и Александар Димоски, свештеникот Оливер Димитров и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, а според типикот на православната Црква, веднаш беше отслужена и Вечерна богослужба, на којашто се прочитаа трите молитви со преклонети колена, а во кои Му забладогадирвме на Бога за сите Негови добрини од почетокот на светот па досега, се помоливме за прошка на гревовите на живите и покојните, како и упатување на нас грешните на вистинскиот и единствен спасоносен пат. Потоа беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а се направи и свечена литија околу храмот. Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Во оваа недела, осма по Пасхата Христова, светата Црква го прославува последниот подвижен празник Педесетница или денот на Света Троица. Со овој празник завршува периодот чиј почеток беше Пасха, а крај е празникот Педесетница. Може да се рече дека овие два празника се почеток и крај на цветниот триод.
Бог е Еден по суштина, но Троичен по лица: Отец, Син и Дух Свети, Света Троица Единосуштна и Неразделна. Оваа тајна го надминува човечкиот разум и никој не може целосно да ја опфати. Таа е безмерно висока, како што е безмерно високо Божјото суштество, додека, пак, човечкиот ум е слаб и ограничен. Така, може да се каже и дека не постои знаење по однос на оваа Тајна, и таа се прима со вера од секој христијанин. Светите апостоли први ја примиле верата во Пресвета Троица, а таа вера постепено им ја откривал нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Во својата младост, апостолите уште пред да се сретнат со Господа Христа, убедливо верувале во еден Бог, но не знаеле ништо за Света Троица. Апостолите ја барале Божјата правда во својот живот. Дошол Господ Исус Христос и ги приближил апостолите кон Себе со внимание и со љубов, а тие ги слушале Неговите зборови. Преку вниманието на учениците, постепено им се откривале нови и поразителни вистини. Од почетокот учениците гледале на Господа само како на голем пророк, а дури потоа достигнале до разбирањето дека Он стои повисоко од секој пророк и дека е Он Син Божји.
Ти си Христос, Синот на живиот Бог (Мт. 16, 16). Ете такво било првото исповедање на Синот Божји, искажано од св. ап. Петар. Господ Исус Христос продолжил и ја укрепувал таа вера преку Своето одобрување. Заради верата Господ го нарекол Петар блажен, а самата вера ја нарекол Божјо откровение, а сето тоа потврдил со Своето Божествено Синовство. Тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата (Мт. 16, 17). Тогаш за првпат, секако за оние кои верувале, се открила вистината за двете лица на Света Троица: вистината за Бог Отец и за Бог Син.
Светите апостоли ќе добијат ново откровение за Светиот Дух непосредно пред Христовото страдање. Господ Исус Христос им соопштил за Утешителот, Духот на вистината (Јн. 14, 17). Он им ветил: А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе Го испратам Јас од Отецот, духот на Вистината, Кој излегува од Отецот, Тој ќе сведочи за Мене (Јн. 15, 26). Апостолите таа вистина ја примиле и им се открила целата Света Троица, и Отецот и Синот и Светиот Дух. Таа вера ја исповеда целиот христијански свет. А денес, на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, ние прославуваме еден почеток во верата или, како што и уште можеме да кажеме, го прославуваме роденденот на Црквата Христова.
Апостолите дошле до познавање на Света Троица преку верата во Господа Исуса Христа и преку Неговото учење. Ако ние сакаме да се спасиме, и ние треба да достигнеме општење со Света Троица. Кон тоа општење ќе нѐ поведе нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Да се обратиме со молитва кон Него, Он да нѐ просвети и освети, па до некаде и во нешто да ја разбереме Тајната на Света Троица. Прославувајќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, да спечалиме милост од Бога за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
Педесетница
Храм „Св. Троица“Охрид
23.06.2024 год.