Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во Неделата на Сите светии.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Првата недела по Педесетница, православната Црква ја посветила на сите светии. Тоа е празник на сите Божји угодници. Во бројот на Божјите угодници спаѓаат древните патријарси, пророци, апостоли, маченици, исповедници, подвижници. Со еден збор сите светии кои со вера, дела и со страдања го прославиле името Божјо тука на земјата. Св. ап. Павле, во зборовите упатени кон Евреите, а коишто ги слушнавме денеска во Апостолот за време на Литургијата, вака зборува за светиите Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба (Евр. 12, 1). Мноштвото свидетели за кои зборува ап. Павле се Божјите угодници од сите времиња и од сите народи кои го прославиле името Господово.
Зошто Црквата наредила да се прославуваат сите светии и нивниот спомен? Каква цел има ова празнување? Црковните празници и празниците на светиите не се дадени само за восхит туку и со цел да ги подражаваме нив и нивниот подвиг, и да одиме по тој пат по кој што оделе тие. Уште во Стариот завет Бог му заповедал на Израелскиот народ: Бидете свети, зашто Јас сум свет (3. Мој. 11, 45).
И Божјите угодници биле луѓе како и ние. Со ништо во човечката природа не се разликувале од нас. Имале потреба и за јадење и за пиење и за облека и за сите други потреби што ги имаме и ние како луѓе. Согласно ова, ние немаме изговор дека сме слаби и немоќни за да ги подражаваме во постот, во молитвата, во подвизите и во сите други дела што ги правеле Божјите угодници.
Можеби некој ќе рече дека светителите се сретнувале со помалку тешкотии по патот на спасението отколку ние, и покрај тоа што биле слични на нас. Но, во што се состои пречката кон светителството? Можеби некој е оттргнат од патот кон спасението од страстите или од лошите навики, но и овие непријатности постоеле кај Божјите угодници и тие воделе против нив непрестајна борба. Други можеби ги оттргнуваат од добродетелниот живот животните грижи, но и тие не биле туѓи за светиите, зашто не секој од нив го барал спасението во отшелништвото и во самотијата. Мнозина од нив биле во брак, биле глава на семејството, имале деца и семејства. Меѓу светиите има и такви кои управувале со царства и држави. Можеби некој ќе каже: мене кон зло ме привлекуваат соблазните со кои е преисполнет светот. Но, нема соблазни кои не биле видливи и присутни на земјата и во тогашните времиња. И светиите живееле во овој свет, во којшто и ние живееме, во кој што има нечесни луѓе, соблазни и разни зла во светот, бидејќи и самиот свет лежи во зло.
Но, има уште една вистина, а тоа е дека Божјите угодници не можеле да достигнат со сопствени сили високо морално совршенство, односно доколку не биле поткрепени на посебен начин преку благодатта Божја. Но, ним Бог им ја дава Својата помош, а на други им го укажува патот. Не можеме ли и ние да се надеваме на таква помош? Нели Бог сака сите да се спасиме? Може ли да се сака погибел за некого? Напротив, колку е поголема потешкотијата по патот на спасението толку повеќе можеме да очекуваме помош од Бога. Има многу примери што можат да се приведат како поука, но ќе го спомнеме само бл. Августин. Овој Божји угодник се нашол во повеќе искушенија и во лоши околности. Восхитувајќи се на Божјите угодници, кај него се појавила желба да постане како нив. Но, слично на нас, и тој се двоумел за таквите подвизи и борби со кои можел да го победи злото во себе. Откако се одлучил и ревносно се насочил кон оттргнување од злото и лошите навики, со внимание и мислено ги надминал сите препреки и почнал да живее како што живееле Божјите угодници. Тој на почетокот си поставил прашање: зошто јас не можам да бидам свет како тие? И, навистина, со Божја благодат тој станал Божји угодник.
Светии се раѓале од сите сталежи, од разни профили на луѓе, но и од големи грешници. Тогаш зошто да не би можеле да постанеме и ние? Ние имаме една природа со нив и еднаква можност, но и надеж во Божјата милост и благодат. Впрочем, да не бидеме мрзеливи туку да ги подражаваме со сета ревност Божјите угодници кои наследиле небесно живеалиште, да ги подражаваме со силна вера, надеж и љубов, да ги подражаваме во трпението и во постојаноста во молитвата, во милосрдноста и проштевањето. Сите светии, молете Го Бога за нас. Амин.
Недела на Сите светии
30.06.2024 г.