„Како помошник на јерархот Климента, божествениот Наум дојде меѓу народот македонски, и го просвети со светлината на проповедањето. Затоа сега со него се прославува“ (песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).
Нашиот преподобен Наум, нашиот заштитник кој бдее над водите од прекрасното Охридско Езеро, и оваа година беше прославен со најторжествени песнопенија и поклоненија, принесени од неизбројниот верен народ, кој дојде од сите страни во Светинаумовиот манастир за да му се поклони на Чудотворецот, чии чудеса и денеска немаат број. Празнувањето на нашиот молитвеник Наум започна на 02.07.2024 година, со Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Димче Азески, Александар Матески и Роберт Илијевски, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме.
Торжествата продолжија утредента, на 03 јули, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Димче Азески, Александар Матески и Роберт Илијевски, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Пимен се обрати со пригодна беседа, којашто ќе ви ја пренесеме во посебно поглавје.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Ние денеска се собравме во овој свет манастир за да го прославиме светиот наш отец Наум Охридскиот Чудотворец. Неговиот живот нѐ поучува како да растеме во нашиот христијански духовен живот. Сите ние како христијани сме повикани кон тоа духовно растење. Повикани сме да одиме по тој пат од сила во сила, по лествицата на духовното совршенство. Светиот Макариј Велики вели: Зачнувањето во мајчината утроба не го прави човекот одеднаш совршен човек, туку тој постепено поприма човечки образ и се раѓа во несовршен човек. Нему му се потребни години да расте, да се развива и дури потоа да постане маж. Исто така, и семињата што ги сееме, јачменот или пченицата, не пуштаат корења штом ќе ги фрлиме в земја туку, откако ќе помине студеното и ветровито време, по долго време пуштаат корења и стебла, и најпосле и донесуваат и плод. Така се случува и во духовниот живот, каде со голема мудрост и постапно растење човекот доаѓа до совршен маж, според мерката на растот, и онака како што нѐ утврдува Црквата.
За духовниот раст е неопходно многу трпение и многу труд. Примерот на преп. Макариј Велики е од голема полза и практичен во нашиот обичен живот. Тој се покажува како реална цел за секој возрасен човек, кој не треба да се подава на светските прилики туку да расте во светоста како младенец. На тој пат на растот треба да собира сили, да се учи и да се збогатува. Но, додека да го постигне сето тоа, мора да помине и да надживее многу непријатности и многубројни искушенија, па да се издигне во потполн совршен човек. Тој мора да преживее многу зла и слабости и од истите да се ослободи. Треба постојано да се украсува со добродетели и со ништо да не го нарушува правилниот раст и во сѐ да напредува. Зашто за да се издигне по скалилата на христијанското совршенство потребно е успешно да помине преку разни искушенија и да положи многу испити за да издејствува небесни победи. Потребно е непрестајно да се занимаваме со духовниот раст на својата душа. Нашата беда е во тоа што ние, како по некое непишано правило, многу малку време одделуваме за неа, за внатрешниот живот и за здравјето на душата. За нас е својствено поголемиот дел од времето и силите да ги посветуваме не на бесмртната душа туку на телесните и материјални суети, и на ниските човечки мисли и потреби.
Така, навистина, било отсекогаш и во сите времиња. Уште древниот грчки философ Диоген, гледајќи го животот на своите современици, ќе забележи дека луѓето не се заинтересирани и не посветуваат внимание на возвишени нешта, како што се математиката, етиката, философијата и сл, туку се занимаваат со она што му е угодно на телото. Жителите во времето на овој философ, и покрај тоа што биле мудри, сепак живееле пред раѓањето на Господа Христа и биле јазичници. Тие не ја знаеле евангелската вистина и не им останувало ништо друго освен да се посветат сецело на земјата. Небото за нив било затворено. Но, нам христијаните Евангелието ни е дадено и ние потполно владееме со целосната вистина. Воскресението Христово ни го отвори небото, и ако по сето ова сепак ја избереме земјата и својот живот го посветиме само за неа, со што ќе се оправдаме пред Бога?
Од нас се очекува да се посветиме на нашиот духовен раст и да вложиме неуморен труд. За да израсне една градина треба најпрво да се засадат во неа добри семиња, а кога семињата ќе израснат да се грижиме за цветовите. Истото е и со душата. За да израсне таа во благородна душа треба да ја украсиме со цветовите на добродетелите, та потоа да донесе плод што Господ го очекува од нас. Господ сака да престојува во секоја човечка душа. Но за да се всели во неа, потребно е таа да биде приготвена и украсена. Како што еден земен цар нема да живее во некој нечист и недоличен дом, така и небесниот Цар не доаѓа и нема да се всели во нечист и осквернет со страсти и гревови дом. Светите отци велат дека сите заповеди што им се дадени од Бога на луѓето имаат за цел да го очистат човековото срце. За тоа ни зборува и Евангелието: Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога! (Мт. 5, 8). Токму во очистувањето и украсувањето на душата со добродетелите се состои духовниот раст кај секој христијанин и смислата на неговиот живот. Да не забораваме и да се потрудиме да ги украсиме нашите души и да ги направиме храмови за Бога, па Он да се всели и да престојува во нив.
За тоа најдобро ни сведочи и нѐ поучува св. Наум Охридскиот Чудотворец, кој севкупниот свој живот го посветил на очистување на своето срце и душа. Тој Му приготвил достојно и чисто место на вечниот Бог, а сега, пак, самиот тој престојува во небесното Царство, заедно со останатите Божји угодници. Бог сега преку него ја испраќа Својата благодат врз сите кои бараат избавување и спасение на душата. По неговите молитви, и ние да постанеме чисти домови за вечниот Бог, сега и во сите векови. Амин.
Вечерна на Св. Наум Охридски
Ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид
02.07.2024 г.