„Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева и Гаврил објавува блага вест. Затоа и ние да извикаме кон Богородица: Радувај се Благодатна, Господ е со тебе!“ (тропар на Благовештение)

Со објавувањето на благата вест за доаѓањето на Спасителот започнува домостројот на спасението на човечкиот род. И токму затоа светата Црква, уште од почетокот, сведочела за спасението и за Спасителот, за Оној Кој повторно го соедини паднатиот во грев човечки род со Бога.

Running sneakers | Nike Shoes

На овој голем радосен празник, кој го прославивме на ден 07.04.2012, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Игор Никовски, свештениците Љупчо Симиџиоски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Владо Недески и Васко Голабоски. Присуството на мноштво верници ја направи Литургијата уште поторжествена, а Митрополитот Тимотеј, со ракополагањето на ѓаконот Владо Недески во свештенички чин, ја збогати светата Црква со уште еден нов свештенослужител. По завршувањето на Литургијата, новоракоположениот свештеник им подели нафора на верните, а Митрополитот Тимотеј му се обрати на верното стадо и го поучи со зборовите:

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска, во светото Евангелие, ги слушнавме зборовите „Радувај се благодатна, Господ е со тебе“ (Лк. 1,28). Со овие зборови, пратеникот од небото, св. Архангел Гаврил и се обраќа на Божјата Мајка. Во нив се состои суштината на денешниот празник. Со благовештението започнува и нашето спасение. Со зборовите што ги слушнавме му се објавува на светот големата тајна за Божјото овоплотување и се испраќа пораката Божја за Неговата голема љубов кон човечкиот род. Синот Божји постана Син на Дева Марија. На колку голема височина Бог, преку Своето овоплотување, ја издигнува човековата природа, особено женската.

Бог ги прима телото и крвта човекови и постанува во сè сличен на нас луѓето, освен во гревот. Бог доаѓа на земјата, за нас луѓето да нè издигне на небото. За оваа голема тајна Архангелот Гаврил и благовестува на Света Дева Марија: „Радувај се благодатна Господ е со тебе“. Овие зборови на радост се пренесени по целата вселена. Нив, со големо чувство на радост во душата и срцето, апостолите ги проповедале и ширеле по целиот свет. Со чувство на небоземна радост тие ги исполниле со страдања и подвизи и светите маченици и подвижници, кои во страдања и маки се радувале затоа што можат за Христа да страдаат. Со радост и просветлување е исполнета целата наша света Црква, која секогаш и секаде ја носи радосната вест. Оваа радост е дадена на секое човечко срце и секоја душа. Да се обидеме и ние како верници на нашата света православна Црква, да проникнеме во длабочината на овој радосен момент и да извлечеме од овој празник поука и најмало делче од таа радост да понесеме со нас во нашите домови, во нашите семејства, на нашите работни места, но и во нашите постапки и верувања.

Денеска, преку Мајката Божја, човечкиот род му ги дава на Синот Божји телото и крвта, за Он да ги избави и да го освети тоа тело, да воспостави Нов завет помеѓу небото и земјата, помеѓу Бога и нас луѓето. Но, благовештенската радост, истовремено, е и почеток на крстните маки и страдања.

Црковното предание ни зборува дека во моментот кога Архангелот Гаврил и се јавил на Света Дева Марија, таа го читала текстот од пророкот Исаија, каде се претскажува дека Искупителот на светот ќе дојде и со Неговата крв ќе го избави паднатиот човечки род. Знаејќи го тоа, Света Дева Марија со големо спокојство и смиреност одговорила на Архангелот Гаврил од името на севкупниот човечки род: „Еве ја слугинката Божја; нека ми биде според твоите зборови“ (Лк. 1,38). Во тој момент таа смирено и понизно ја приклонила својата пречиста глава под крстот на Синот Божји, Спасителот на светот, возљубувајќи го Бога и сиот човечки род. Како што нема љубов без да се поднесе жртва, така нема и жртва принесена без крст, така нема ниту радост совршена без крстни маки. Затоа само после Голготското страдање доаѓа неискажливата радост од Воскресението.

Самото доаѓање во светот на Синот Божји е радост и почеток на жртвувањето на Божествената љубов. „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен (Јован 3, 16). Тоа е сведоштвото на Божествената пожртвувана љубов. Благовештението на Архангелот на Света Дева Марија е почеток на таа љубов.

Синот Божји доаѓа во овој свет на распнување, смрт и погребение, за да им даде на луѓето избавување и вечна радост. Свети Архангел Гаврил сега и јавува на Божјата Мајка „радувај се!“. Преку неа тоа „радувај се“ се однесува на секој човек кој верува во Христа и Неговата љубов.

Како што рековме, за да нè обожи, Бог постана човек. Несместливиот, Кој што е поголем и од вселената,  се сместува во утробата на Дева. Со овоплотувањето на Богочовекот настанува преоценка на сите вредности на луѓето. Се одменува заблудата, отстапувањето, пороците и отпаѓањето. На луѓето повторно им се открива длабочината на љубовта Божја и Божјата премудрост. Се открива патот до небото и општењето со небесните жители и ангелите (Евр. 1,14). Сè што Бог благоволил претходно да го подготви и да му го дарува на луѓето за наша полза и за наше спасение, сега станува возможно за човекот. Ни се открива небото и престолот херувимски и Света Дева. Црквата на земјата се воспоставува како парче од небото, каде ние се сретнуваме со Бога и одиме во обновување и препородување. Сè, без исклучок, станало преку Дева Марија, преку благовештението и преку овоплотувањето. Останува само едно, со трепет да го запознаеме патот Господен, Неговата неискажлива премудрост и Неговите дела.

Да се задлабочиме со поголемо внимание и со побожност кон Пресвета Богородица, Мајката на нашиот Бог, да испросиме од неа застапништво и помош и наше просветување, осветување и вразумување. Ние не сме оставени сами тука на земјава, со нас е Бог и Пресвета Богородица, зашто и самиот Христос вели: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Мат. 28,20). Затоа да Му искажеме благодарност на Севишниот Бог што ни ги дал сите неопходни нешта на нас верниците, за да можеме да се спасиме и да добиеме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!

    

Митрополит Тимотеј

Благовештение
07.04.2012 година, храм „Св. Софија“ Охрид

blago2012

blago2012 2

blago2012 4

blago2012 6

blago2012 8

blago2012 10

blago2012 12

blago2012 14

blago2012 16

blago2012 18

blago2012 20

blago2012 22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1