„Си воскреснал денес од гробот, Штедар, и нас си нѐ извел од смртните врати. Денес Адам ликува и се радува Ева, а пророците, заедно со патријарсите, непрестајно ја воспеваат моќта на власта Твоја“ (воскресен кондак, глас 3-ти).
На 21.07.2024 година, во Четвртата недела по Педесетница и на празникот на св. вмч. Прокопиј Кесариски и на преп. Теофил Мироточив, во храмот „Св. пророк Илија“ во с. Јабланица, Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Митре Попоски, свештениците Роберт Илијевски, Ристе Наумоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Повод за оваа служба беше и неодамнешниот роденден на протоерејот Петар Петрески, кој го прослави својот 100 роденден. Митрополитот Тимотеј, заедно со свештениците, по Литургијата го посети отец Петар во неговиот дом, со желби и молитви Господ да го поживее уште многу години. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Дивен Бог во свјатих Своих (Пс. 67, 35)
Божјата совршеност се огледува во сите Негови созданија, но најмногу во личноста на благодатните луѓе, а помеѓу таквите се наоѓаат и најблагородните Божји светии. Затоа и светиите се најуспешните гласници на Божествените вистини. Св. Јован Златоуст, пред повеќе векови, кажал: Кога ние би биле подобри христијани, не би постоеле незнабошци помеѓу нас. А денеска би можеле да кажеме: доколку помеѓу нас има повеќе следбеници на Христовата наука толку помалку би постоеле атеисти и луѓе кои не веруваат.
Некој човек гледајќи ја вечерната светлина која ја осветлувала иконата на еден светител до прозорецот на некоја црква, рекол: светител е човекот преку кого свети Божјата светлина. Светителите навистина светат со Христовата светлина. Месечината нема своја сопствена светлина туку добива светлина од Сонцето, и има својство таа светлина да ја префрли на Земјата и на останатите небесни тела. Така светат светителите и останатите праведни луѓе. Тие ги отвораат своите души кон Христа Спасителот Кој е Сонце на правдата (Мт. 4, 2), па примајќи ги тие зраци на светлината ги префрлаат врз душите на другите луѓе. Тие го прават ова со својот пример и со својата молитвена моќ. Тоа е најважната причина зошто ги прославуваме Божјите угодници – светителите.
Секој човек е создаден да биде добар, благороден, честит, па дури да биде и свет. Затоа и нашиот Спасител, Господ Исус Христос, има речено: бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен (Мт. 5, 48). Па, во таа смисла, и св. ап. Павле пишува дека сите христијани се повикани да бидат свети.
Еден голем мислител кажал: покажи ми го човекот кого го почитуваш, па ќе ти кажам каков човек си. Затоа е многу важно кој и каков е човекот кој ни служи за пример. Отсекогаш луѓето се поистоветувале со луѓе кои имале влијание, како на пример мислители, поети, државници, научници, бидејќи тие уште за време на својот живот си подигнале неракотворни споменици што не можат да ги срушат ни времињата ни обичаите. Огледувањето на вакви луѓе многу им помогнало на сите нови поколенија. Но, како примери што највисоко се издигнале духовно и морално, и што најмногу им послужиле на сите генерации, се јавуваат христијанските Божји угодници или светители.
Еден голем писател напишал приказна што носи наслов Влегување во денот. Тој гледал како секое утро на една полјана една група младинци тренираат. Пред нив бил нивниот тренер кого тие внимателно го слушале. Тоа го донело овој писател до едно прашање: Што им кажува на овие младинци, кои вака внимателно го слушаат и пожртвувано вежбаат, негувајќи го своето тело? Ако би ги запрашал човек како и колку време посветуваат на нивните срца и души и на своето духовно и морално тренирање, што би одговориле?
За жал, нашето време е преоптоварено со преголеми почитувања и обожувања на тренери, истакнати јунаци, на разни спортски игри, забави и многу други помалку важни вештини. Од друга страна, опаднато е почитувањето на јунаците во науката, културата, уметноста, особено кон јунаците и хероите на духовниот и морален живот. Помеѓу сите кризи што човештвото ги преживува, што ние ги преживуваме, оваа е најопасна и најтешка криза. Се вреднува и цени сѐ она што е најмалку значајно во животот на човекот, а се потценува, па дури и исмејува, тоа што е најзначајно и највредно. Ако сакаме да се поправиме од оваа криза и да се издигнеме на сите планови, мора да тргнеме однатре, од суштината на животот. Зашто мора да вежбаме со души и срца за да постанеме подобри, поблагородни и почесни луѓе. На тоа поле најдобри тренери се нашите христијански светители, кои низ вековите ги слави нашата света православна Црква. Во таа смисла и св. ап. Павле вели: Угледајте се на мене, како јас на Христа (1. Кор. 11, 1). Со други зборови, угледајте се на мојата вера, на мојата љубов, надеж, човекољубие, на мојата жртва, на моето самоодрекување и светост. Угледајте се на мојот пример, па полесно ќе ги совладате искушенијата, кризите и потешкотиите во вашиот живот. Угледајте се на мене, па полесно да се подигнете ако сте паднале. Да се покаете ако сте згрешиле и да се преобразите и исправите.
Денеска светата православна Црква, во оваа недела, го прославува и св. вмч. Прокопиј Кесариски, кој го жртвувал својот живот за Христа. Затоа, пак, тој е од Бога обдарен да им помага на сите кои со вера, љубов и со надеж во Бога му се обраќаат за помош. По неговите молитви, Бог нека ги услиши нашите прозби и нека ни даде сила и храброст да одиме по патот Христов, та да измолиме од Бога милост за спасение на нашите души. Амин.
Четврта недела по Педесетница и св. вмч. Прокопиј
Храм „Св. Илија“ Јабланица, Струга
21.07.2024 г.