„Со трубите на словата ти го изгони незнаењето, блажен, и го подигна народот словенски и му вкорени знаење, и му даде дух, и Му остави на Бога обожено и свето наследство; него сочувај го од секаква опасност, зашто те почитува и го извршува твојот светол и значаен спомен“ (стиховна стихира на Вечерна на св. Климент Охридски).
Ете и оваа година торжествено го прославивме споменот на нашиот патрон, патронот на нашата света Македонска црква и патронот на нашиот град Охрид, споменот кој никогаш нема да згасне, на нашиот првоучител и духовен водач, и тогаш и сега, на светиот Климент Охридскиот Чудотворец и на светиот великомаченик и целител Пантелејмон, како и на светите Седмочисленици. Празнувањето на големите светии започна на 08 август 2024 година, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Подоцна беше отслужен и Акатистот посветен на светиот Климент Охридски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, вели: Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси (Јн. 10, 9), а понатаму додава: Јас сум добриот Пастир. Добриот Пастир си го полага животот свој за овците (Јн. 10, 11). Овие зборови Господ ги кажува за Себе и уште еднаш покажува дека Он е единствениот Пат, Живот и Вистина (Јн. 14, 6). Он е вратата преку која Бог го открива Своето свето и неискажливо Лице на светот и на човечкиот род. Он е вратата преку која човек гледа и согледува големи свети тајни, а на прво место тајната на Отецот Небесен. А потоа, во светлината на таа тајна, ги открива и согледува сите тајни на овој свет: тајната на луѓето, тајната на постанувањето и спасението на светот, тајната на неговиот почеток и тајната на неговиот завршеток. Преку вратата на спасението Господ се открива Себеси како прв и последен, како почеток и крај, како алфа и омега, како вечна слава Божја преку Кого сѐ стана и без Него ништо не стана, од она што постана (Јн. 1, 3).
Мислењето на луѓето само по себе, колку и да е значајно, длабоко и сеопфатно, без Бога, без Оној Кој ја создал човечката мисла, личи на пишување по вода, на прав или пепел. И сѐ е така без Оној Кој беспочетно мисли и осмислува, без Оној Кој вечно мисли и вечно смислува, без Личноста Која го осмислува и го создава овој свет и Која им дава на луѓето способност да мислат за делото на спасението. Спасителот наш, Господ Исус Христос, е Вратата на спасението, и оној кој преку неа ќе влезе ќе се спаси. А тоа значи дека ќе се излекува од слабостите и недостатоците, а преку тоа ќе ја добие во целост од Бога зададената и благословена полнота, за исполнување на вистинската смисла на своето постоење и битисување.
Господ не е само врата туку е и добар Пастир, Кој ја полага Својата душа за овците Свои, за Својата паства и за Своите ближни. Тој не е наемник туку Пастир Кој се жртвува за Своите ближни. Мерката на Неговата жртва е мерката на Неговата Божествена љубов. Неговата Божествена и безусловна љубов е неизмерна, затоа и Неговата жртва е неизмерна, жртва за целиот свет до последниот атом од севкупното Негово битие. Така Бог ни ја открива нам луѓето вистинската и безусловна љубов, потврдена и во евангелските зборови: Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има живот вечен (Јн. 3, 16).
Бог е Љубов и дарува живот. Љубовта дарува полнота, спасение и вистина. Он е Љубов и со Својата Личност ги прифаќа и прегрнува сите созданија, секое битие, чувствувајќи го за непреодно и за вечно. А таа Љубов е Господ Исус Христос, Кој од Света Дева Марија и од Светиот Дух се воплоти и се роди, и се крсти на реката Јордан од св. Јован Крстител. Тој е Оној за Кого св. Јован ќе рече: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе! (Јн. 1, 29). Чудесни зборови и чудесни виденија! Во оваа неоспорна вистина и во овие зборови на Крстителот се остваруваат пророштвата на последниот старозаветен пророк Малахија, кој не го видел, но исполнет со Дух Божји го предосетил доаѓањето на Спасителот, но и на Неговиот предвесник, па затоа и запишал: И ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене, и ненадејно ќе дојде во храмот Свој Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие Го пожелувате; ете, Он иде, вели Господ Саваот (Малах. 3,1). Тој ангел Божји бил токму св. Јован Крстител, затоа и православните зографи во многу цркви и икони го сликаат св. Јован како ангел со крилја.
Евангелското четиво кое Го претставува Господа како врата и добар Пастир, Кој се жртвува како јагне и оди на колење, го читаме кога прославуваме некои од Божјите угодници, кои, исто така, биле добри пастири. Тие биле врата на спасението за своите современици и го исполниле христијанскиот повик со својата вера, со својот живот и со своите дела. Тие се облекле во Христа, станале живи и живоносни сведоци Христови, проповедајќи Го со зборови и со дела и со подвизи во овој свет.
Ние од вечерва започнуваме да го прославуваме св. Климент Охридскиот Чудотворец, кој им го словел словото Божјо на нашите предци на овие простори. Тој се жртвувал со сето свое срце и со сето свое битие, и живеел и дејствувал како вистински добар пастир. Тој бил подготвен и животот свој да го даде за доверената му паства. Како добар пастир тој Му се принесувал себеси како дар на Господа, а нас, пак, нѐ учи по кој пат да одиме и како треба да живееме и да се однесуваме. На нашиот Господ, Кој е врата на спасението и добар Пастир, Кој е Пат, Вистина и Живот, а Кој е прославен во светиите Свои, преку св. Климента да Му оддадеме слава и благодарност, сега и во сета вечност. Амин.
Вечерна на Св. Климент Охридски
Ман. „Св. Климент Охридски“ Плаошник, Охрид
07.08.2024 г.