„Тебе, која Животот Го роди, и со твоето чесно успение кон бесмртниот живот премина, ангелите, началата и силите, апостолите и пророците, и сите твари те придружуваа, а Синот твој, со Своите нетлени раце, ја прими твојата непорочна душа, Дево Мајко Богоневесто“ (хвалитна стихира на Утрена на празникот Успение на Пресвета Богородица).

 

Празникот на чесното Успение на Пресвета Богородица започна торжествено да се прославува на 27 август 2024 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, со празнична Вечерна богослужба, на која што беа отпеани и погребалните статии за Мајката Божја, а на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски. Прославувањето на нашата постојана застапница и молитвеница пред Бога, на Мајката на Синот Божји и на нашата Мајка, продолжи на 28 август 2024 година, во истиот храм, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На Литургијата присуствуваше и Претседателот на Р. С. Македонија Гордана Сиљановска Давкова. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Ние денеска со голема духовна радост ја прославуваме Пресветата Мајка Божја, најсветата Мајка која нашата Земја ја има дадено. Испросена со солзи од Бога, од своите престари родители Јоаким и Ана, Пресвета Богородица сецело се предала на Бога, од моментот кога почнала да знае за себе, па сѐ до нејзиното упокојување. Сецело предадена на волјата Божја, таа се украсила со големи животни добродетели: со скромност, послушност, чистота, љубов кон сите и секого со кого доаѓала во допир. Со ваквиот нејзин живот таа се подготвувала да постане избран сад Божји. Се подготвувала да постане Мајка Божја. Се подготвувала да постане една од праведните ќерки Евини, за да Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Со ваквиот свој живот таа стекнала општо почитување и љубов од сите со кои се сретнувала. Таа уживала општо почитување и љубов уште додека била жива, но уште поголема почит и уважување започнало по нејзиното успение.

Во што се состои нејзината слава, величина и блаженство? Преданието, кое потекнува уште од времето на апостолите, ни зборува дека кога дошло време за нејзиното заминување од овој свет во небесните живеалишта, Бог го испратил Архангелот Гаврил да ја повика кон небесен живот во подготвениот дом кај небесниот Отец. Бог го испратил архангелот Гаврил да ѝ јави дека е дојдено времето за нејзиното блажено соединување со својот Син и времето за нејзина полна духовна утеха.

Ете тоа е почетокот на таа голема слава што ќе ја облече света Дева Марија, како онаа која е повисока од небесата и од сите сили небесни. Еве, да кажеме така, ова е првата почит што ѝ се укажува како на благословена Мајка Божја. Со овој невообичаен настан Господ ја прославува Света Богородица со ново чудо, сега видливо, и тоа не на помалку посетители од првото. Имено, апостолите, исполнувајќи ја Христовата заповед, веќе одамна се рашириле по светот, проповедајќи го Евангелието, и веќе многу народи и земји слушнале за зборот Божји. Но, за време на успението на Мајката Божја речиси сите со посебно дејство на силата Божја се собрале во Ерусалим, во домот на Пречистата, за да ѝ одадат посебна почит и да ја погребат. Светите апостоли биле единствените достојни да ја погребат, бидејќи тие се ученици на нејзиниот Син, Господ Исус Христос. Устите на апостолите биле најдостојни да го опеат исходот на душата и на свои рамена да ја пренесат во горниот Сион. Покрај ова чудо, уште едно неискажливо чудо го следи успението на Мајката Божја. Во моментот на нејзиното успение се отворило небото и Самиот Господ во сета Своја неискажлива слава, придружуван од многу ангели и светии слегол во пресрет на Пресвета Богородица. И, на тој начин, им го објавил на сите народи величието до кое се издигнала Пресветата Дева Марија со нејзиното смирение и со нејзиниот свет живот. Чудо невидено и не слушнато. Зарем не е најнормално светите жители на небото да излезат во пресрет на онаа која Го родила Христа Спасителот, со чија помош светителите заслужиле спасение и светителски венец?

И, на крај, уште едно чудо го следи успението на Мајката Божја. Третиот ден по нејзиното погребение, апостолите го отвориле нејзиниот гроб и во него не го нашле нејзиното тело. Во гробот е најдена само нејзината облека во која била погребана. Нејзиното свето тело било издигнато на небото. Ете таква слава, величие и блаженство се појавиле во моментот на нејзиното успение. Оттогаш култот на Пресвета Богородица започнува да се шири по светот и да расте заедно со Црквата Христова. Каде и да се слави името Христово се слави и почитува Пресветата Дева Марија – Светата Богородица.

Ако сакаме на најдобар начин да ја прославиме Мајката Божја, тогаш треба да ја зголемиме својата ревност и да одлучиме во нашиот живот да ја подражаваме Мајката Божја. Ако сакаме на најдобар начин да ѝ се заблагодариме за сите добродетели што ни ги прави, тогаш треба да одиме по патот што ни го покажал Господ Исус Христос. Ако во нашиот живот се оттргнуваме од гревот и од сѐ што нѐ оддалечува од Бога, ако сета своја надеж ја положиме во Бога, онака како што правела и Света Богородица, тогаш ќе бидеме вистински Христови следбеници и тогаш помошта и од Бога и од Пресвета Богородица нема да заостанат. Амин.

                                                          Успение на Пресв. Богородица

               Храм „Успение на Пр. Богородица“ – Каменско, Охрид

28.08.2024 г.

 

uspenie24 1

uspenie24 2

uspenie24 3

uspenie24 4

uspenie24 5

uspenie24 6

uspenie24 7

uspenie24 8

uspenie24 9

uspenie24 10

uspenie24 11

uspenie24 12

uspenie24 13

uspenie24 14

uspenie24 15

uspenie24 16

uspenie24 17

uspenie24 18

uspenie24 19

uspenie24 20

uspenie24 21

uspenie24 22

uspenie24 23

uspenie24 24

uspenie24 25

uspenie24 26

uspvec24 1

uspvec24 2

uspvec24 3

uspvec24 4

uspvec24 5

uspvec24 6

uspvec24 7

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3