„Денес неплодната Ана ја раѓа Божјата слугинка, предизбрана од сите народи, за живеалиште на Царот и Творецот на сите - Христа Бога, за исполнување на домостројот Божји, со кој ние родените на земјата се утврдивме, и од распадливост во живот бесконечен се обновивме“ (стихира на Господи повикав... на празникот Рождество на Пресвета Богородица).

 

Нашата постојана заштитничка и покровителка, нашата Мајка и Божјата Мајка, од секогаш била најторжествено прославувана, како Пречист девствен плод и принос од Земјата. Затоа и на секој празник посветен на Пречистата, реки од народ ги преплавува храмовите посветени на неа. Така беше и оваа година, кога на празникот на нејзиното рождество, сите наши храмови беа масовно посетени, а верните чеда ѝ се помолија на топлата застапничка и ја побараа нејзината закрила. Прославувањето на Рождеството на Божјата Мајка започна на 20 септември 2024 година, најпрво во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, каде беше отслужен Акатистот на Пресвета Богородица, а на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Саше Костадиноски, Роберт Илијевски и Зоран Ставрески и ѓаконот Марко Спасовски. Празнувањето продолжи во ман. „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, каде беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот на Олулу г. Илија од Црквата во Финска, Епископот Антаниски г. Партениј, светогорскиот старец Антипа заедно со неговиот собрат, архимандритите Доситеј, Макариј и Кирил, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Александар Матески, Роберт Илијевски, Александар од Црквата во Финска и Александар Крстаноски, еромонахот Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ероѓаконот Силуан и ѓаконот Марко Спасовски. Оваа вечер беше торжествено свечена и за манастирот и за сестринството на манастирот, кое се збогати со уште еден член, со уште еден духовен борец. На Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј ја потстрижа во монаштво искушеничката Душица Будиноска, која го доби монашкото име Текла. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати во преисполнетиот манастирски храм со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Нека ми биде дозволено оваа вечер, во оваа наша светиња,  да упатам неколку мисли и пораки до нашата новозамонашена во мала схима сестра Текла. Светата православна Црква го цени и вреднува примањето на монаштвото како ангелски чин. Светата Црква го прославува монаштвото толку високо затоа што монасите во своите подвизи се уподобуваат на бестелесните ангели. А како такви, тие се должни непрестајно да бидат во општење со Бога преку молитвата, слично како и херувимите и серафимите.

При пострижувањето искушеничките се удостојуваат со високиот ангелски чин и чест. Но, многу поголема чест ги очекува на небесата, каде тие ќе се удостојат со посебна Божествена слава. Дека тоа е така сведочат многу житија на Божјите угодници. Кога одлучувале да тргнат по монашкиот пат, нивните родители, како денеска така и тогаш, не се согласувале, но некои од нив имале виденија на неописливи обители што ги надминуваат сите небесни жителства, а се приготвени само за оние кои го примаат монаштвото. После таквите виденија, најголем дел од родителите давале благослов и согласност на своите чеда да појдат по монашкиот пат.

Но, посочувајќи ја големата ангелска чест на монашкиот подвиг, светата Црква не ја сокрива и тежината на тој подвиг. Затоа сега би сакале да ти подвлечеме какви завети зеде вечерва. Ти зеде завети за пост, целомудрие, послушание, трпение, сиромаштво и секаква мака до самата смрт, завети што ти ѝ ги даде на Црквата при твоето потстрижување. Сето тоа се случува пред невидливото присуство на Самиот Бог, на Неговата Пресвета Мајка и на светите ангели. Светата Црква не сокрива од тебе по каков тежок и мачен пат си должна да одиш во својот монашки и девствен живот. Не случајно св. ап. Павле вели: А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса ќе бидат гонети (2. Тим. 3, 12). Луѓето од овој свет и по силата на своето плотско безблагодатно, противхристијанско умување, не само што не го разбираат монаштвото туку и го потценуваат овој голем подвиг, најугледен пред Бога  Животот. Но, колку и да е тешко од бремето на овој подвиг, запамети дека при своето потстрижување денес ти ја прими од Бога извонредната и голема благодат на Светиот Дух, таа Божествена сила за доблесно опстојување во монашкиот подвиг примен од тебе. Затоа светата Црква и го смета потстрижувањето во монаштво како второ крштение, за кое сведочат многу житија што се спомнати и во чинот на монаштвото.

Таа голема благодат е дадена и на тебе сестро Текло. Таа ќе те пази од сите сплетки на ѓаволот и од сите негови напаѓања. Таа благодат ќе ти ја исполнува и ден и ноќ душата со радост. Таа ќе биде секогаш и секаде со тебе. Само не ја подгазувај во себе решеноста секогаш со страв и радост да служиш на Христа, секогаш да бидеш со Него и никогаш да не се оттргнуваш од Него ниту со дела, ниту со збор, ниту со мисла. Со тебе ќе биде Мајката Божја, во чиј манастир го земаш монашкиот завет, а посебно со тебе ќе биде твојата небесна покровителка чие име го носиш.

Носи го ангелскиот чин за слава на ангелите, а за пораз на демоните! Амин!

                                         Монашење на Вечерна богослужба на празникот Рождество на Прес. Богородица

                               Ман. „Пресв. Богородица – Пречиста“ Кичево

                                                20.09.2024 г.

 

 

malabogvec2024 1

malabogvec2024 2

malabogvec2024 3

malabogvec2024 4

malabogvec2024 5

malabogvec2024 6

malabogvec2024 7

malabogvec2024 8

malabogvec2024 9

malabogvec2024 10

malabogvec2024 11

malabogvec2024 12

malabogvec2024 13

malabogvec2024 14

malabogvec2024 15

malabogvec2024 16

malabogvec2024 17

malabogvec2024 18

malabogvec2024 19 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1