На 14.10.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Покров на Пресвета Богородица, празник кој уште еднаш го покажува постојаното покровителство и застапништво на Мајката Божја за сите кои ѝ се обраќаат со искрена прозба и молитва, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица“ во с. Ѓунис, кај Крушевац, Р. Србија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, во сослужение на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. Стефан, на Митрополитите Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Бачки г. Иринеј и Нишки г. Арсениј, на Епископите Хераклејски г. Климент и Јенополски г. Никон, како и многубројно свештенство од двете цркви. Пред неизбројниот верен народ свои обраќања имаа и Патријархот Српски г. Порфириј и Архиепсикопот Охридски и Македонски г. Стефан, а на крајот сите беа поздравени и од домаќинот, Епископот Нишки г. Арсениј, кој на двајцата Поглавари им подари пригодни подароци. Овој манастир има и една историска важност за двете цркви. Имено, во овој манастир, под покровот на Мајката Божја и со нејзина пшомош, беа водени успешните преговори помеѓу двете цркви за обнова на канонското единство. Во продолжение ви пренесуваме дел од братската атмосфера низ фотографии, коишто се преземени од официјалната веб страна на Нишката епархија. На многаја лета!