„Се фали градот Охрид, кој се збогати со твоето божествено тело, отче, примајќи постојано светлина и благодат која тече непрестајно. Него штити го, неразурнат од рацете на непријатели“ (песна од канонот на Утрена на свети Климент Охридски).
Светиот Климент Охридскиот Чудотворец, чуварот на нашиот град и на нашата света Македонска црква, и оваа година беше прославен во манастирот од каде илјадници верници постојано секојдневно ги просат неговите молитви за исцеление и за застапништво пред Бога. Празнувањето на нашиот патрон започна ден порано, на 07 декември 2024 година, во вечерните часови, со Вечерна богослужба, на која служеа протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Роберт Илијевски и Васил Михајлоски, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
Прославата на нашиот свет учител и апостол продолжи утредента, на 09 декември, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Ристе Ристевски и Кирил Јовановски, свештеникот атанас Казанџиски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Никита. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Епископот Климент отслужи трисагија врз гробот на блажено упокоениот Митрополит Тимотеј. Епископот Климент се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Епископ Климент
Ваше Високопреподобие,
Чесни отци,
браќа и сестри
Најнапред дозволете ми да ви ги пренесам татковските благослови и молитви од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, местобљустителот на Дебарско–кичевскиот трон, и воедно, уште еднаш, да го изразам неговото сочувство со секој еден од вас по повод упокојувањето и преминот од овој свет на од сите нас возљубениот духовен пастир, отец и владика, даровитиот и достоен архијереј на оваа плодородна, светородна, од Бога љубена и спасувана епархија, блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј.
Почестен сум што денес, почитувајќи ги благословот и волјата на Блаженејшиот Архиепископ Стефан, имам можност да ви се обратам токму овде, во овој од дамнини и од памтивек, по вера, благочестие и светост, познат и опеан архиепископски град, исполнет со светии и светители, уважуван и даруван од владетели, патријарси и архиепископи. Град, кој најнапред и пред сè, е украсен со верен, набожен и родољубив народ, со благочестиви, чесни луѓе, удостоени и од Бога благословени да растат, да зреат и секојдневно молитвено да се наситуваат во топлите прегратки на славната „Света Софија“, во ненадминатата по убавина „Перивлепта“, во целебниот крајезерски „Свети Наум“, во спокојот на „Свети Јован Канео“, и на небројните прекрасни цркви и манастири ширум епархијата.
Токму овде, во градот утешуван и буден од спокојот и брановите на белото Охридско Езеро, на чудесен начин се растреперило, и, ете, повеќе од еден милениум благодатно бие духовното мајчинско срце на нашата Помесна Православна Црква, најсветата Охридска и Македонска Архиепископија. Затоа, дозволете ми да ја изразам својата благодарност и радост кон Бога, што денес, заедно со вас, земам учество на ова живо и благодатно литургиско собрание, во градот каде што грижлив домаќин е денешниот славеник свети Климент, во неговиот Плаошки манастир каде што непрестајно чудотворат неговите свети мошти. Собрани сме во овој велелепен манастир за чиешто возобновување, украсување и благолепие безмерно сме му благодарни на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј, кој самиот посака неговиот гроб да биде токму тука, сосема блиску до гробот на патронот на нашата македонска Црква и молитвениот застапник пред Господа за нашиот православен народ.
Денес, во благословениот период на Божикниот пост, со лицата свртени кон Триединиот Бог, опитно ја живееме преплетената состојба на радосна-тага и на таговна-радост. Денес, смирено и усрдно тихуваме во близина на свежиот митрополитов гроб, благоговејно стоејќи во најширокиот и безграничен литургиски простор, каде што има место за секој од нас, жив и покоен, каде што има место за сета твар, и каде што смерно земаме удел во божествените тајни, секој според силите, за да бидеме нахранети од светиот путир и да ја вкусиме вистината што Бог ни ја открива за Себе си, за светот и за човекот. Денес, со приклонети глави стоиме пред Распнатиот и Воскреснат Богочовек Христос, слушајќи и повторувајќи ја со Него Гетсиманската молитва со која Самиот нѐ приведува кон Својот и кон нашиот Отец, нѐ насочува едни кон други, трпеливо и грижливо нѐ подготвува за да нѐ исцели, за да нѐ преобрази, за да нѐ научи да се љубиме, зашто така прилега ние христијаните да живееме.
Бог, никаде не е толку присутен, никаде не е толку откриен, толку опиплив и толку присен на човекот како во Црквата. Овде, на божествената литургија, Бог не само што ни е близок, туку, на чудесен начин, ни овозможува да се причестуваме со Него, да заедничариме со Него во благодатта, да станеме Негов залог и наследство на земјата, да ја образуваме Црквата Христова.
Ваквата Божја близина, ваквата небоземна, нераскинлива и бескрајна прегратка помеѓу Бога и човекот, ја уживаме благодарение на една, и само на една човечка личност во целата наша земна историја. Тоа е личноста на кротката, смирена и набожна девојка Марија, на Богомајката, која доброволно и слободно се отповика на Божјиот глас, сведочејќи ја вистинската слобода скриена во надумната и за логиката несфатлива тајна на послушанието. Затоа најнапред ѝ благодариме на Пресвета Богородица и на Родениот од неа Исус Христос за големата љубов и за изобилните дарови што ги излеваат врз нашиот македонски православен народ. Им благодариме што ни го даруваа свети Климента, вториот Павле за нас Македонците, кој нè потопи во осветени води на крштението и ни ги отвори очите за боговидение, ни ги отвори умовите за богомислие, ни ги отвори срцата за љубовта кон Бога и кон ближниот, љубов која е посилна од сѐ.
Нему, пак, на свети Климент, кој ние го имаме како најблизок светител и најљубезен татко, му благодариме за сè што за нас направил и сè уште прави. Му благодариме за страдањата и прогоните што ги претрпел од кнезовите на овој свет. Му благодариме што нѐ ограмоти и ословеси. Му благодариме за неуморниот и себепрегорен обемен преведувачки, препишувачки и книжевен опус, во кој се наѕираат основите на современиот македонски јазик и книжевност. Му благодариме за прекрасните храмови и манастири, за вдахновените поуки, совети и простувања преточени во неговите беседи. Му благодариме за Универзитетот, за учителите, за монасите и подвижниците што ја преплавија, не само македонската земја, туку и подалеку. Му благодариме за исцрпните бденија и непреспани ноќи во кои усрдно Го молел Господа да го помилува страдалниот народ на ова парче македонска земја. Му благодариме за благолепните богослужби и божествени литургии на кои со Небесен леб го наситувал и хранел своето словесно стадо. Му благодариме за трпението и умешноста да нѐ накалеми врз живото предание на Црквата Божја, онака како што ги калемел црешите, подоцна наречени климентици, кои секоја пролет нѐ потсетуваат на неговата благост. Му благодариме и за тоа што ги научил охриѓани, а и сите Македонци, да го чуваат и пазат своето, да не го посакуваат туѓото, да бидат достоинствени луѓе кои го чуваат не само сопствениот, туку и образот Божји во себе. Му се заблагодаруваме и за помошта, закрилата и утехата која многупати досега ја покажал и ја покажува кон нашиот Блаженејши Архиепископ, особено во ова напрегнато време со зачестени предизвици. Ја изразуваме нашата благодарност кон него и за молитвената поткрепа која му ја покажуваше и даваше на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј. Имајќи го Свети Климент како свој сопатник и помагател во носењето на пастирскиот крст, во една од своите беседи дедо Тимотеј ќе сподели: „Иако нѐ делат 11 века од времето кога живее[л] свети Климент на овие простори, тој и сега е многу близок на нас и на наше[во] време. Како фиданка од овој народ, тој дејствува[л] низ сите минати векови над нашата црковно-национална историја. На секое претходно поколение му б[ил] патеводител, наставник и пастир. Беше и остана во свеста и совеста на народната душа кај нашиот македонски народ и пошироко во словенскиот свет, како најголем пример и најсовршен образец на животот и најсвет молитвеник пред Бога за сите нас.“[1] Следејќи го Охридскиот чудотворец како свој образец, Митрополитот Тимотеј се покажа како верен наследник на неговото дело во Дебарско–кичевската епархија. Познат по својот непоколеблив и истраен карактер блаженопамјатниот Митрополит Тимотеј 43 години правилно го раководеше коработ на Дебарско–кичевската епархија и црква, управувајќи го кон мирните води на црковното предание. Како црковен човек и деец, идентитетот на Митрополитот извираше од Црквата и од Христовото Евангелие. Оттаму и неговиот подвиг и дејност најнапред треба да бидат вреднувани овде во Црквата, иако нивната широчина и значење задираат и во пошироката општествено–национална историја на нашиот народ.
Дедо Тимотеј беше и останува архијереј на Црквата Христова, запаметен како литург и свештенослужител на божествената трпеза, едуциран теолог, опитен духовен и прагматичен пастир. Неговиот авторитет произлегуваше од молитвеното настроение, тој беше прониклив и одважен духовник вткаен во живото и секогаш свежо предание на Црквата. Неговите беседи ја објавуваат и сведочат за личната голема вера и посветеноста кон Бога, Кого Го беше возљубил од својата најрана младост, Кого Го следеше и Му служеше до последниот здив од својот живот. Неговиот придонес во процесите за стекнување на автокефален статус на нашата Црква беше нагласен, суштински и несогледлив. Тој се пројави не само како неимар и возобновител на храмовите и манастирите, туку и како човекољубив и монахољубив владика.
Почитуваниот приснопамјатен Митрополит беше одговорен и совесен пастир, како во односот со Бога, така и во односите со ближните, со свештениците, монасите, и со секој човек. Особено беше осетлив по прашањето на образовните институции каде неретко беше двигател при обновата, подобрувањето на условите и развојот на богословските научни институции. Неговата грижа за црковната еднообразност и соборност, благолепието на богослуженијата, етосот на свештенството, неимарството, издавачката и преведувачката дејност, неговата архијерејска мисија на Австралискиот Континент се само мал дел од огромниот хабитус на богољубивата личност на Митрополитот Тимотеј. Неговото архијерејско, богословско, книжевно, историско и културно наследство допрва треба да биде собрано, согледано, систематизирано и вреднувано од сите црковни и општествени чинители.
Повикани да ја живееме не само широчината, туку и длабочината на литургискиот простор, сите ние кои дишеме, заедно со оние кои смртта временски ги разделила од нас, сеопфатно сме поврзани преку учеството во божествените тајни, преку причестувањето. Заедничариме со Бога, стекнуваме нови чувства, нови мисли, стекнуваме Христов ум и стекнуваме нови онтолошки релации еден со друг. Со еден збор речено, сите ние се преумуваме односно влегуваме во живоносното покајание. Така, во овој молитвен и заумен простор на литургијата едновремено празнуваме, славиме и тагуваме, славословиме, посакуваме и благодариме, свесни за сопствените немоќи и слабости, но и за Божјата милост, постојано исполнети со Светиот Дух кој нѐ утврдува во надежта која извира од светиот путир, од Воскреснатиот Христос.
Имајќи ја во неукрадливо наследство богооткриената светоотечка вера, имајќи ја Пресвета Богородица секогаш покрај нас, како наша Мајка и Застапница, имајќи го свети Климента како патрон и закрилник на Охрид, на нашата света Црква, на нашиот народ и татковина, и имајќи ги сите светители кои засветија на македонската почва како помошници и укрепители кои ни помагаат да минеме низ разбрануваното море на животот, да продолжиме ведро и радосно на патот кон дома, кон благословеното Царство на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
[1] Митрополит Тимотеј, Охридски Источник: Беседи 1 (Охрид: Канео, 2015), 227.
08.12.2024 год.
Свети Климент Охридски
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид