„Денес, кога се роди Христос, небото и земјата се соединија; денес Бог дојде на земјата, а човекот се искачи на небото; денес, невидливиот по природа, заради човекот станува видлив по тело. Затоа и ние, славејќи да Му запееме: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, што го дарува Твоето пришествие, Спасителу наш, слава Ти“ (литиска стихира на Вечерна на Рождество Христово - Божик).

 

Денеска кога небото и земјата се веселат со пророците и со ангелите, кога Невидливиот по природа стана видлив по тело за нас грешните и недостојни слуги, кога се исполнија сите пророчки претскажувања, и Сонцето на правдата дојде на земјата и ја обожи природата на земнородните, сите да запееме и да Го восфалиме Бога за Неговата милост и љубов, искажувана од почетокот на светот и во вечни векови. На овој светол и торжествен ден, на празникот на Рождеството Христово - Божик, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која според благословот на Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Велички г. Никола, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, протоерејот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прочитано и Божикното послание, испратено од Архиепископот Стефан и членовите на САС на МПЦ-ОА. Истото Ви го пренесуваме во целост. Во вечерните часови, пак, во Административниот центар на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, беше организирана заедничка вечера со свештениците од Епархијата, а на најмладите дечиња, според долгогодишната традиција, им беа поделени Божикни пакетчиња.

 

† СТЕФАН,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО
СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА


Зашто Дете ни се роди – Син ни се даде… и ќе Го наречат:
Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот..[1]


Возљубени празникољупци,
Воплотувањето на Бога, во личноста на Господ Исус Христос, е настан со значење за сиот свет и за сите времиња. Преку тоа собитие, целото создание се преобразува, а на човештвото му се овозможува учество во божествениот живот и му се дава слобода преку победата над гревот и над смртта. А еден од даровите на тој спасоносен настан е потврдувањето на вистината дека секоја личност е посебна и неповторлива, обдарена со посебни дарови и таланти. Христијанството ја возвестува вистината дека секоја личност има непроценлива вредност пред Бога, Кој толку го возљуби човекот и светот[2], што самиот Себеси Се понижи до таа мера да се роди во пештера, да прими лик на слуга, па дури и да биде распнат на Крст – за сите и за сè.
Оваа вистина треба да ни послужи како поттик да дадеме сè од себеси, за во духовниот раст да Му се уподобиме на Христа, Кој, бивајќи Богочовек, е наш совршен пример на човечко битие. Тоа духовно растење, пред сè, започнува да ни се укажува преку Божјиот глас во секого од нас, што ние го нарекуваме совест, а совеста, пак, е како витлеемската ѕвезда којашто нè води до Господа Христа. И токму следењето на таа светлина е почетокот на покајанието, коешто доведува до вистинска промена на нашите животи.

Возљубени чеда во Господа,
Денес го празнуваме Рождеството на Синот Божји. Но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста којашто Христовото рождество ја носи со себе. Веста за доаѓањето на Месијата, пастирите и мудреците ја примиле со радост и љубов, а царот Ирод, пак, ја примил со завист и љубомора. И како што радоста и љубовта нѐ прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нѐ уништат, правејќи нѐ робови на омразата и на стравот. Токму така се чувствувал и Ирод кога од мудреците, коишто ја следеле чудесната ѕвезда, разбрал за раѓањето на пророкуваниот и очекуван Месија. Евангелието ни сведочи дека тој се вознемирил[3], плашејќи се да не го загуби својот престол. На сличен начин, како ова Иродово однесување, и ние честопати претпоставуваме дека квалитетите и успесите на другите луѓе ги засенуваат нашите, па почнуваме да ги гледаме нив како закана. Животот во Бога, пак, и осознавањето на вистината, дека бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нѐ вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање.

Возљубени во Христа Богомладенецот,
Преку Божјата љубов ние сфаќаме дека, како Божји чеда, сите сме примиле дарби коишто треба да ги преоткриваме и утврдуваме. Светиот апостол Павле вели: Даровите се различни, но Духот е ист; и служењата се различни, но Господ е ист; и делувањата се различни, но Бог, Кој извршува сѐ во сите, е ист. Пројавата, пак, на Духот се дава секому, за полза на сите[4].
Каков и да е нашиот призив, какви и да се нашите дарови и таланти, сето тоа ќе придобие вистинска смисла доколку е принесено во служба на Бога, подобно на даровите коишто мудреците Му ги принеле на Богомладенецот. Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри управители на разнообразната Божја благодат[5] – вели светиот апостол Петар. А, пак, светиот апостол Павле ја истакнува нашата меѓучовечка поврзаност, велејќи дека сите сме членови и органи на Црквата и сите тие се важни и неопходни, иако имаат различни функции[6].

Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,
Сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа. Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова. Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усоврушување во радоста на Светиот Дух.
Оттаму Христовата жртва, започната со Неговото рождество по тело, и завршена со Неговото страдање на Голгота, ни укажува дека секој човек е достоен за љубов. Синот Божји, Господ Исус Христос, Се даде Себеси за сите да нѐ направи вечно живи. Затоа свети Иринеј Лионски истакнува дека „Славата Божја е – живиот човек“[7]! А вистински жив човек е оној којшто пребива во љубовта Божја. Според тоа, треба да живееме според поуката на апостолот кој поучува: Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг[8]. Живеејќи така, ќе го стекнеме мирот одозгора и ќе ги почувствуваме во нас плодовите на Царството Божјо, а тоа се: праведност и мир и радост во Светиот Дух[9]. Па, чувајќи го единството на Духот преку врските на мирот[10], да се трудиме да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите, знаејќи дека за тој мир копнееле мирољубивите души низ целата историја.
Затоа, празнувањето на Божик нè поставува пред изборот како ќе одговориме пред Христа Богомладенецот: дали ќе го следиме примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел; или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост Му се поклонија на новородениот Цар?

Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та Нему да Му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство.

Со овие пораки ви го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како во Татковината, така и насекаде по светот, поздравувајќи ве со радосниот поздрав:

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

Честито и од Бога благословено новото 2025-то лето Господово!

 

† СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква
– Охридска Архиепископија


† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, Митрополит Крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски
† ЈОАКИМ, Епископ Дељадровско-илинденски
† МАРКО, Епископ Делчевско-каменички



[1] Ис 9, 6.
[2] Сп. Јн 3, 16.
[3] Сп. Мт 2, 3.
[4] 1 Кор 12, 4 – 7.
[5] 1 Птр 4, 10.
[6] Сп. 1 Кор 12, 12 – 31.
[7] Св. Иринеј Лионски, Против ересите, 4. 20.
[8] Рим 12, 10.
[9] Рим 14, 17.
[10] Ефес 4, 3.

 

bozik2025 1

bozik2025 2

bozik2025 3

bozik2025 4

bozik2025 5

bozik2025 6

bozik2025 7

bozik2025 8

bozik2025 9

bozik2025 10

bozik2025 11

bozik2025 12

bozik2025 13

bozik2025 14

bozik2025 15

bozik2025 16

bozik2025 17

bozik2025 18

bozik2025 19

bozik2025 20

bozik2025 21

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Февруар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 1