Возљубени верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во продолжение ви ја пренесуваме беседата изговорена од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, изговорена на празникот Богојавление на водите на реката Црн Дрим во Струга.
† СТЕФАН,
Архиепископ Охридски и Македонски
ТАЈНА ШТО ГИ ОБЈАСНУВА СИТЕ ТАЈНИ[1]
Возљубени празникољубци,
Да Му благодариме на денес објавениот Троичен Бог што сме удостоени како народ да се радуваме на денешниов спасоносен настан од реката Јордан, и што сме дел од торжественото празнување како меѓу нашиот, така и меѓу сите православни народи, коишто се раководат по Јулијанскиот календар. А јас, пак, особено сум радосен и благодарен што, по Светата Литургија во Охрид и по положувањето на светиот Крст во езерските води, еве, се најдовме заедно со вас, овде, покрај недотекливиот Црн Дрим. И восхитени од неописливата убавина, ве повикувам за миг од овде со мислите да се пренесеме на богоблагословениот брег на реката Јордан, чии води се удостоија да Го примат Синот Божји, Спасителот на светот, за и ние денес, да го слушнеме и да го примиме „гласот Господен; кој е над водите и кој нè повикува да пријдеме за да го примиме Духот на премудроста, Духот на разумот, Духот на стравот Божји, да Го примиме – Христа, Кој се јави”, како што денес пее Светата Црква.
На Богојавление, на настанот во водите на реката Јордан, покажана е најголемата Тајна: Самиот Бог се објавил во трите Лица – Отецот, Синот и Светиот Дух! И исклучително е битно да ја разбереме длабочината на таа тајна! Зашто, без да го разбереме богојавувањето, без да го доживееме неповторливото светотроично сведочење во мигот на Господовото крштевање во водите на Јордан, не ќе можеме да ја разбереме ниту целта на човековиот живот и, воопшто, целта на сè што постои.
Настанот со Христовото крштение ни ја објаснува сета човекова историја: и создавањето на светот и првите луѓе, и нивниот грев и гревот на следните поколенија, и потопот, и ропствата, и местото на пророците и праведниците. Тој ни дава да ја разбереме потоа и „полнотата на времето” [2] и да сфатиме зошто Христос, Синот Божји, и како Човек дошол на земјата, зошто и Тој постел,зошто се крстил, зошто проповедал, како и зошто без кривица бил обвинет и суден, и бил осуден и распнат.
Троичното богојавление ни помага да го разбереме и воскресението и сета спасоносна мисија на денес крстениот Христос. Затоа Богојавлението е наречено и Просвештение, зашто е настан што просветува и помага да ја сфатиме постојаната грижа на Бога за човекот и за светот. Богојавлението е настан што трае, настан што постојано се доживува, но само од луѓето исполнети со љубов и добра волја, е настан што постојано „тече” само во душите на луѓето што ја живеат вистината и градат и го чуваат мирот. Богојавлението е настан што постојано поучува како да Го љубиме Бога, како да ги сакаме луѓето. Тој е настан што нè поттикнува да растеме духовно, да се утврдуваме во верата и да бидеме постојани исполнители на заповедите и законите Божји и црковни, нè учи како да живееме богоугодно и човекољубиво, како да имаме живот исполнет со достојни дела и добродетели.
Богојавлението, таа неповторлива вистина за Бога во Троица, по Охрид, еве, нè собра и овде, во Струга, како што денес е и во Скопје, и на Преспа и во Дојран, како што се собрани на водите и нашите иселеници и во Гетеборг и во Детроит и во Сиднеј, и покрај сите води каде што живее нашиот побожен народ.
А ние овде се собравме да празнуваме и да покажеме дека ни трае многувековната традицијата и дека дојдовме не само да го слушнеме, туку и да го следиме „гласот над водите, гласот Господен”, кој ни говорел многу пати и на многу начини[3], и дека ќе продолжиме да го прославуваме Бога во Троица, Кому и овде и насекаде, денес и секогаш Му се поклонуваме, за сѐ што направи за нас и за нашето спасение
Честито кумството на кумот и благодарност на сите вас, што дојдовте за да ја споделиме радоста на овој голем ден. Честитки до оној што ќе го извади светиот крстот од Црниот Дрим и до сите учесници во овој богоугоден чин.
Нека ни е честит и вечен празникот! Амин!
[1] Слово на Големиот водосвет на реката Црн Дрим, на 19.1.2025 година.
[2] Сп. Гал 4, 4.
[3] Евр 1, 1.