Христовото воскресение е радост за целиот свет и надеж за секој христијанин. Токму затоа, светата Црква не престанува да го опева, а особено во оваа светла седмица. На Светли Четврток, кој го прославивме на 19.04.2012 година, во храмот „Св. Јован Канео“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Игор Никовски, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sportswear free shipping | off white nike blazer retail shoes Verona Multi-Color DJ5065-144 , Fitforhealth

Митрополит Тимотеј

Христос Воскресе!

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска сме собрани во овој свет манастир, во „Св. Јован Канео“, за да го одбележиме Светли Четврток според локалната охридска традиција. Овој обичај има свои корени од крајот на18 век и почетокот на 19 век, кога нашиот народ бил под турско ропство. Охридскиот бег Џеладин имал земено една христијанка по име Ташула, која многу тагувала по христијанските празници и нивното чествување, зашто според муслиманските обичаи, не можела да ги напушта сараите. Но, бидејќи бегот ја имал за најсакана од жените, а гледајќи ја како тагува, решил да ја задоволи нејзината желба, па и таа да може да учествува во радоста на христијаните за време на светлата седмица, кога во текот на целата недела се прославува Воскресението Христово. Во таа чест, бегот им наредил на сите селани од околината на Охрид на Светли Четврток во народни носии да доаѓаат слободно без никакви стравови, бидејќи нема да се случуваат никакви зулуми врз нив и да го прославуваат Светли Четврток во манастирската црква „Св. Јован Канео“. На тој начин Ташула имала можност да го набљудува христијанското население кое го прославувало Велигден, па и таа да има делумна радост во овој голем христијански празник.

Драги браќа и сестри!
Да се задржиме малку на значењето на овој Празник над празниците, на Торжеството над торжествата, како што го нарекуваат светите отци на нашата света Црква. Како што знаеме, од преголема љубов кон човечкиот род, Светата Троица на Својот предвечен совет одлучува Второто Лице од светата животворна Троица да се овоплоти, односно да постане човек, да прими човечка природа, во сè сличен на нас луѓето, освен во гревот. Господ Исус Христос, преку Света Дева Марија ќе се роди и ќе поживее 33 години во оваа долина на плачот, како што ја нарекува земјата псалмопеачот Давид. За време на Својот овоземен живот Господ Христос ќе проповеда, ќе го учи народот на законот и прописите Божји, ќе прави безброј чуда, ќе лекува секакви болести, маки и страдања кај луѓето, ќе воскреснува умрени и ќе проповеда ново Царство и вечен живот. Но, неблагодарниот свет ќе ги заборави сите овие Негови добродетели и ќе Го осуди, и ќе Го распне на Крст како најголем грешник и престапник. А претходно ќе биде понижуван, тепан и навредуван, и покрај тоа што Тој немал никаква вина и грешка, како кон луѓето, така и кон Бога.

Ние од сопственото животно искуство, кој помалку, кој повеќе, честопати преживуваме разни страдања, измачувања, заради неправди, заради лаги и клевети од страна на нашите непријатели. Заради тоа ние често страдаме и психички и физички, а особено психички, бидејќи сметаме дека страдаме на правдина и дека не сме погрешиле за да ги поднесуваме овие искушенија, пропратени со болки и маки. Но, нема човек кој некогаш живеел на светот, а да не погрешил, зашто како што се вели, единствено Бог е без грев. Затоа секој човек се обидува да се оправда и да ја фрли вината на некој друг, заради неговите искушенија и маки. Додека, пак,  длабоко религиозните луѓе таквите страдања, понижувања и искушенија ги поднесуваат смирено, трпеливо и со утеха дека тоа им е крст кој треба да го носат. Ниедно страдање, ниедно понижување и ниедно човечко „распјатие“ не може да се спореди со Божјото. Тој, Кој што немал никаква вина, ниту кон луѓето, ниту кон Бога, а од љубов кон човечкиот род сè претрпел само за да не спаси и за да ни го покаже патот по кој треба ние да одиме. Затоа сите наши двоумења, разочарувања, потклекнувања, па и паѓања, се плод на нашата слаба вера и неутврденоста во Христовото Воскресение. Но, Христос со Неговото страдање ни го покажува патот, а исто така, и ни напомнува дека после крстните страдања доаѓа и воскресение. Навистина, Господ преку Воскресението ни ја покажа победата над сета лага и сета неправда.

Ние кои се поздравуваме со овие пасхални поздрави, а кои сме ги наследиле од апостолско време, природно се јавуваме и како наследници и продолжувачи на оваа Христова заповед дадена преку Неговото свето Евангелие. И токму заради тоа, за нас Пасхата, односно Христовото Воскресение, е ден на голема надеж, надеж која треба да нè зацврстува и укрепува во нашите искушенија, маки и страдања, неправедни обвиненија, за да можеме сето тоа да го победиме и да одиме напред, знаејќи дека Христос го победил злото и неправдата, а тоа значи дека злото и неправдата и во нашите животи можат единствено да бидат победени преку силата Божја, со силата на молитвата и со силата на верата. Ете зошто празникот на Воскресението Христово се јавува како празник на надежта за сите луѓе.

И на овој свечен ден, би сакал драги христијани да ве поздравам со радосен поздрав и да ви посакам христијанската надеж секогаш да биде со вас. Да допуштиме таа надеж секогаш да биде со нас и да ни дава сили да одиме по животниот пат, имајќи го пред себе Господа Воскреснатиот Христос како образ на нашето живеење и дејствување.

Христос воскресе!

Светли Четврток

19.04.2012 година, ман. „Св. Јован Канео“ Охрид

svetcetv2012

svetcetv2012 2

svetcetv2012 4

svetcetv2012 6

svetcetv2012 8

svetcetv2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1