„Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецу, великомаченику Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души“ (тропар на св. вмч. Георгиј).

На ден 06.05.2012 година го прославивме споменот на св. вмч. Георгиј Победоносец, голем маченик за верата во Христа, чиј култ, на нашиве простори, е особено распространет. Празнувањето започна со Вечерна богослужба во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебарско, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение архимандрит Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Јосиф, свештеникот Благоја Спироски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Мнозина дојдоа во овој наш свет манастир за да се поклонат на моштите на овој прекрасен страдалник, а кон нив со пригодно слово се обрати Митрополитот Тимотеј.

Христос воскресе!

trace affiliate link | Nike Air Force 1 , Sneakers , Ietp STORE

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света Црква го прославува светиот великомаченик Георгиј. Во оваа прилика би сакал да ве потсетам на зборовите на големиот проповедник на Словото Божјо, светиот апостол Павле, со кои тој се обраќа до својот сакан ученик апостол Тимотеј, во посланието напишано до него. Тој му пишува: „Поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа“ (2Тим. 2,3). На друго место, пак, му вели: „Чедо Тимотеј, оваа заповед ти ја предавам според поранешните пророштва за тебе, за да се бориш согласно со нив како добар војник“ (1Тим. 1,18).

Во лицето на свети ап. Тимотеј, апостолот Павле се обраќа до сите нас и сите нè нарекува добри војници и ни зборува дека ние сме должни да се бориме. Ако сме, пак, војници, тоа значи дека имаме непријатели со кои ние се сретнуваме. Сретнувајќи се со нив, на крај дефинитивно имаме непријатели, не надворешни, туку внатрешни, бидејќи ние не сме обични војници, туку војници на Господа Исуса Христа. Ако сме, пак, војници, тогаш сме должни да имаме и оружје за борба и тоа не надворешно, туку внатрешно, како што зборува свети ап. Павле во посланието до Коринтјаните: „Оружјето на вашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини...“ (2Кор. 10,4).

Гревот, драги браќа и сестри, е нашиот најголем непријател и ние сме должни постојано да се бориме против него. Свети апостол Павле зборува дека секој еден христијанин на својата глава има шлем на спасение, па затоа и вели: „Земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е Словото Божјо!“ (Ефес. 6,17). Така тој ја нарекува христијанската надеж и зборува за тоа дека промислата Божја не остава никој од нас, кои сме искушувани од гревот, без помош Божја и на никого не му допушта повеќе искушенија од она што човекот може да поднесе (1Кор. 10,13).

Со тоа оружје секој од нас е должен да излезе на таа духовна борба, која ние ја согледуваме од најраната наша сознателност, па сè до крајот на нашиот живот, токму онака како што често пати ги пееме стиховите од четвртиот антифон: „Од младоста моја ме напаѓаат многу страсти“. А шлемот на спасението е надежта наша христијанска. Таа е нашата сила, нашиот помошник во борбата со страдањата. Ние знаеме дека нашиот Спасител знае за страдањата на секој од нас, и тоа не само затоа што е Бог семоќен, туку  зашто и Он ги има поднесено и претрпено, па затоа и Самиот е толку блиску до тие души што ги носат страдањата во себе. И никогаш не треба надежта да го напушта страдалникот, затоа што Бог има речено: „Дојдете при Мене сите обременети и изморени и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11,28). Семилостивиот Господ Исус Христос ја слуша секоја наша воздишка  и ја гледа секоја наша солза. Словото Божјо ни дава уште еден завет на Спасителот кога вели: „Ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен“ (Мт. 10,22). Господ има сила да го закрепнува и утврдува секој еден од нас кој ќе падне за време на животниот пат под тешкиот животен крст.

Денеска ние го прославуваме светиот великомаченик Георгиј победоносец. Тој е образец или пример на добар Христов војник. Со неговиот чист и непорочен живот, полн со љубов и милосрдие, тој се јавува како победител на гревот и неправдата. Во своите претсмртни мачења за името Христово, тој се јавува како победител на страданијата. Тешки биле неговите претсмртни измачувања. Но, тој сето тоа го претрпел како добар Христов војник, со вера, надеж и најголемо трпение и како победител се здобил од Господа со венец на вечна слава на Оној Кој вели: „Биди верен до смрт и Јас ќе ти дадам венец на животот (Откр. 2,10). Таков венец и таква слава примил на својата глава свети великомаченик Георгиј.

Господ на сите нас ни заповеда да бидеме добри војници, давајќи ни во рацете духовно свештено оружје, бидејќи знае и дека честопати, поради нашата човечка слабост, мечовите ни испаѓаат од нашите раце. И шлемот на спасението паѓа од нашите глави и штитот на верата не го држат цврсто и силно нашите раце. Срцевидецот Господ знае дека ние не ја издржуваме таа тешка борба и поразени бегаме и го напуштаме тоа борбено поле. Но Он, пак, Кој е дојден да нè повика и да го најде паднатиот, не нè остава во такви тешки моменти. Он ни помага. Исто така, ни ја дава и Неговата Мајка, таа да биде наша застапница и помошничка во моментите на нашето паѓање. Таа да ни подава нејзина помош, да нè зацврстува преку нејзините молитви, да ја закрепува нашата вера, да го бодри нашиот дух и да ни дава сила за да можеме да се бориме со внатрешните непријатели. И светите Божји луѓе, односно светите Божји угодници, исто така, имаат сила да им помагаат на луѓето. И свети вмч. Георгиј победоносец ја има таа сила од Бога да ни помага кога со искрена вера му се обраќаме за помош.

По молитвите на св. вмч. Георгиј, Бог нека ги услиши нашите молитви и нека ни подари сè што е корисно и спасоносно за нашите души и тела, сега и во сета вечност.

Христос воскресе!

Митрополит Тимотеј

Вечерна на св. вмч. Георгиј

05.05.2012 година, ман. „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица, Дебар

svvmgeor2012

svvmgeor2012 2

svvmgeor2012 4

svvmgeor2012 6

svvmgeor2012 8

svvmgeor2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1