„Богомудри Кириле и Методиј, еднакви по дух со апостолите и учители на словенските земји, Владиката на сите молете Го словенските народи да ги утврди во Православието и едномисленоста, да го смири светот и да ги спаси нашите души“ (тропар на свети Кирил и Методиј).

Светите сесловенски учители и просветители Кирил и Методиј се исклучително значајни личности во животот на Црквата, но особено за сите словенски народи. Знаејќи го нивното потекло и нивното значење за македонскиот народ, посетата на гробот на свети Кирил за нас е чест, но и обврска која не смее да биде никогаш заборавена. Токму затоа, како и многу години наназад, делегација на Македонската православна црква, заедно со државната делегација го посетија Рим, градот каде светиот Кирил во 869 година го остави своето тело, долго измачувано заради неговите заложби за рамноправност на словенскиот јазик.

buy footwear | New Balance 530 Til Kvinder, hvid - MR530SG

Црковната делегација беше  предводена од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а во негова придружба беа Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј Најдоски, игумен на манастирот „Св. Наум Охридски“  и свештеникот Никола Христоски. Претставник на Римокатолчката црква од Македонија беше скопскиот бискуп г.Киро Стојанов. Државната делегација беше предводена од Премиерот на Р. Македонија г. Никола Груевски. Во делегацијата беа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Вида, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска и амбасадорот на Р. Македонија во Ватикан, г. Ѓоко Ѓорѓевски.

Македонската делегација најпрво беше на аудиенција кај папата Бенедикт XVI, како и кај државниот секретар на Ватикан, кардиналот Тарчизио Бертонеа потоа, на гробот на свети Кирил, се одржа молебен на кој чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј. По завршувањето на молебниот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Свети Кириле моли го Бога за нас!

Со голема почит и молитвена радост и со нашата вера, ние денеска се обраќаме со овие прозбени зборови пред гробот на свети Кирил Солунски и Сесловенски. Се обраќаме така затоа што веруваме дека тој ги слуша нашите молитви и дека тој Го моли Бога за нас, зашто ние се надеваме на Неговата помош. А „Бог е прекрасен во своите светии“. Да се потсетиме на зборовите кои светиот апостол Павле ги кажал за старозаветните праведници: „Тие преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања,  затворија уста на лавови, угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки...“ (Евр. 11,33-34). Ете што може да прави вистинската вера, и тоа уште во Стариот завет. Таа ја привлекувала Божја моќ, која се манифестира како голема, неисцрпна и неискажлива сила, која прави чуда. За таа сила, не еднаш, туку многупати зборува старозаветниот цар и пророк Давид во неговите Псалми. Во еден од нив тој вели: „Бог ни е прибежиште и сила...“ (Пс. 45,1). А во друг, пак, вели: „Блажен е човек, на кого силата негова е во Тебе“ (Пс. 83,5) и воскликнува: „Господи, Ти си мое спасение“ (Пс. 137,7).

Поминало времето на Стариот завет, а на земјата, од голема љубов кон човечкиот род, доаѓа Синот Божји, Кој се овоплотува и прима лик на Богочовек. Господ Исус Христос бил Самиот Извор на таа сила. Он лекувал болни, воскреснувал умрени, им проштевал гревови на грешници и блудници и правел секакви добри дела за време на Својот овоземен живот. Сето тоа е силата Божја за која светиот апостол Павле и евангелистот Лука велат: „И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите“ (Лк. 6,19).

Спасителот зборува за Себе како за Извор на таа сила, бидејќи и Самиот така нè научи да се молиме во Господовата молитва „Оче наш...“, па ни заповедува да ја завршуваме оваа молитва со зборовите: „Зашто Твое е царството и силата и славата во вечни векови“ (Мт. 6,13). Господ Исус Христос е Господар на Неговото Небесно Царство и затоа Он е и Извор на силата и на Својата вечна слава.

Но, Господ Исус Христос со Неговото вознесение, чиј спомен денеска нашата света православна Црква го прославува, таа сила не ја однесе со Него на небото, туку ја остави во својата света Црква и Он ја раздава на своите верници преку светите Тајни во Црквата. Исто така, таа сила ја раздава и преку Неговата Мајка и нашата небесна Мајка, според нашите молитви кон неа, како и преку безбројните угодници Божји, на кои им се обраќаме со вера и со молитва преку нашиот ангел чувар, кој му е даден на секој еден од нас за време на светата тајна Крштение.

После Христовото Вознесение, апостолите го проповедале Словото Божјо по многу градови и села и по целата вселена. Народот ги слушал, ги следел, го примал крштението и покајанието, а луѓето најмногу биле потресувани од силата на проповедта, а таа сила била Божја, сила која ги освојувала срцата на луѓето.

Црковната историја нè учи дека безброј христијани, а особено во првите три века, го завршиле нивниот живот маченички заради верата во Христа. Овие свети души биле подвргнувани на најразлични измачувања, но тие со радост и со песни на усни оделе во смртта, не плашејќи се за нивните овоземни животи, бидејќи верувале во Господа Бога и дека преку тие страдања ќе примат венец на вечен и блажен живот. Нивната вера ја привлекувала таа голема неисцрпна сила Божја која секогаш и секаде прави чуда.

Светиот Кирил Солунски го проповедал Словото Божјо кај повеќе народи, но особено значајно е неговото дело кај Словените. И тој претрпел разни маки и страдања и својот млад живот го завршува тука во вечниот Рим, како плод на долги и мачни патувања, пропратени со страдања од разни човечки пакости. Но, свети Кирил, заедно со неговиот брат Методиј, се избориле за воведување на словенското писмо во богослужбениот живот како рамноправен јазик со останатите тогаш признати јазици, како што се: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Тие се епохални дејци за словенската култура, цивилизација и просвета, бидејќи од непризнат и потценет јазик, словенскиот станува признат во светски рамки. Затоа ние сите им искажуваме најискрена и топла благодарност за ова нивно епохално дело. И денеска пред неговиот свет гроб го молиме свети Кирил да нè заштити со неговите молитви пред Бога, за да можеме сите маки и искушенија кои нè снаоѓаат како Македонска православна црква и македонски народ и Република Македонија да ги совладаме, а за прослава на Бога и за спасение на нашите души. Амин!

Свети Кириле моли Го Бога за нас!

 

Митрополит Тимотеј

Свети Кирил и Методиј

24.05.2012 година,гроб на свети Кирил, храм „Сан Клементе“ Рим, Италија

svkir2012

svkir2012 2

svkir2012 4

svkir2012 6

svkir2012 8

svkir2012 10

svkir2012 12

svkir2012 14

svkir2012 16

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1