„Ни глад, ниту беда, ни живот, ниту смрт, можат да те разделат од љубовта на твојот Владика, преславен, зашто не си го отфрлил стружењето на телото и запалениот оган, Еразмо, бидејќи роса од небото разладуваше околу тебе кога страдаше, давајќи ти венци за твоите маки“ (стиховна стихира од вечерна на св. Еразмо Охридски).

Св. Еразмо Охридски е навистина преславен и препрославен насекаде низ светот, како на Исток, така и на Запад. Но, неговиот култ е особено голем тука во Охрид, каде овој голем чудотворец обитавал, се подвизувал и поучувал. Затоа и прославувањето на неговиот спомен е навистина торжествено. Празнувањето започна со свечена вечерна богослужба во манастирот каде престојувал св. Еразмо. На богослужбата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Игор Никовски, свештениците Кирил Јованоски, Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Дека култот на св. Еразмо е многу голем, потврдија и многуте верници, кои неуморно чекаа во долги редици, само за да влезат и да се поклонат во храмот во кој светиот служел и се молел.

Sports News | Nike nike air max paris 1 patch 2017 , Sneakers , Ietp STORE

Утредента, на 15.06.2012 година, во истиот манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен и чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света православна Црква прославува еден голем светител, просветител, учител и проповедник на словото Божјо, свети Еразмо Охридскиот Чудотворец. Свети Еразмо, после свети апостол Павле, се појавува како втор проповедник на христијанството на просторите на Македонија. Тој живеел во 3 век, а се упокоил на почетокот на 4 век, поточно во 303 година. Потекнувал од Антиохија и бил во епископско достоинство. Доаѓа во Охрид и затекнува паганство, незнабоштво и големо идолопоклонство. Во неговото житие се вели дека со неговата силна проповед и со дарот од Бога да прави чуда уште за време на неговиот живот, им ги срушил сите незнабожечки жртвеници и покрстил огромен број во православната Христова вера. Тој и пред да дојде на овие наши простори имал успешни мисионерски потфати и на други места, пред сè во Антиохија и Сирија, каде што покрстил огромно мноштво христијани. Заради неговата сèпредана дејност кон светата Црква, од страна на тогашните многубожечки владетели, пред сè римски, бил прогонуван, измачуван и како таков прогонат епископ се наоѓа на овие наши балкански страни. Тој тука, во оваа карпа, се подвизувал, живеел во испосништво, во мака и страдање, но ревносно Го проповедал Живиот, Вечниот и Единиот Бог. И оттука, заради неговата голема ревност и успех во проповедта, бил протеран од Охрид во Јужна Италија, во областа Кампања, каде во Формија и Гаета го завршува својот маченички и подвижнички живот. И денеска, во градот Формија, во една од тамошните цркви се наоѓа неговиот гроб, а додека, пак, огромна катедрала во Гаета е посветена на свети Еразмо.

Животот на овој Божји угодник нè учи и опоменува како треба и ние како христијани и припадници на Црквата Христова да ја исповедаме нашата вера и како да живееме според неа. Основно начело на нашата вера е да се бориме против гревот. Некој ќе постави прашање, а што е грев? Грев е секој наш престап против Христовите заповеди. Грев е секогаш кога ќе подлегнеме на ниските чувства и страсти и ќе дозволиме тие да нè раководат, наместо против нив да се бориме и да ги совладуваме, а со тоа не дозволувајќи слабостите да раководат со нас. Гревот може да биде од најразличен карактер: интелектуален, емоционален, страстен и слично. Но, златно правило е дека ние како христијани треба да се трудиме да направиме секогаш нашата совест да биде будна, таа да бдее над нашиот ум, над нашето срце, над нашите чувства и да го почитуваме доброто, а да го осудуваме лошото, пакосното, ниското, страсното, нечовечкото. Ние треба да ја респектираме и подржуваме вистинската вредност, она што е свето, чесно, возвишено, благородно, достоинствено, она што нè прави да се разликуваме од останатиот свет и од луѓето кои се декларираат за неверници, сакајќи преку тоа и да си ги оправдаат своите слабости, престапи и гревови. Со ова не сакаме да кажеме дека и во неверниците нема чесни луѓе, но нивната идеологија и филозофија е поинаква од христијанската и доколку грешат и се оддадат на сите овие слабости, престапи и гревови, имаат оправдување бидејќи живеат и размислуваат само за овој свет и за своето тело. Девизата на таквите е „Земете сè што животот ви дава“.

Но, ние како христијани сме должни гревот, а тоа значи таа преграда, тој ѕид кој нè дели од Бога, кој нè попречува на Христовиот пат и кој нè сопнува во нашите намери за правење добри дела, да го срушиме и да не дозволуваме да се гради, туку секогаш преку молитва, пост, покајанието и преку правење добри дела, да се грижиме за нашата вечна и бесмртна душа. Свети апостол и евангелист Лука во своето евангелие вели: „Зашто, каква му е ползата на човека, ако го придобие целиот свет, а себе погуби или си направи зло?“ (Лк. 9,25). За вредноста на човековата душа зборува и Самиот Господ Исус Христос во една парабола за еден Овчар што има 99 овци, но една има изгубено и ќе ги остави 99 и ќе тргне по едната да ја бара, што во преносна смисла значи дека Овчарот, односно Господ Христос, се грижи за секоја една човечка душа која е создадена од Семоќниот Бог за вечен и блажен живот. Потклекнувајќи на гревот и на страстите и отстапувајќи од вистинскиот пат, душата место да добие вечен и блажен живот ќе добие вечни маки и страдања, како за време на тукашниот живот, уште повеќе во идниот и вечниот.

Затоа драги браќа и сестри да се угледаме и ние на свети Еразмо Охридски, кој целокупниот свој живот го посветил на мисијата на Црквата, на проповедта Христова, на утврдување на христијаните во правата вера, а сè за спас на неговата душа. Затоа и Бог го прославил и го овенчал со неовенлив венец на бесмртноста, вечно прославувајќи го. И ние да се потрудиме за време на нашиот живот да ја зацврстиме нашата вера, не само формално, туку и вистински и суштински, онака како што бара од нас светата Црква, а уште повеќе нашата совест, која е најголем коректор и учител за сите наши постапки и за сите наши дела, па да можеме достоинствено и христијански да го изодиме нашиот пат и кога ќе дојде денот да се сретнеме со Семилостивиот Бог да ни каже: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Мат. 25, 34-36). По молитвите и застапништвото на свети Еразмо Охридскиот Чудотворец, Бог нека ни подари сè што е корисно и спасоносно за нашите души и тела, сега и во сета вечност. Амин!

  

Свети Еразмо

15.06.2012 година, ман. „Св. Еразмо Охридски“ Охрид

sveraz2012

sveraz2012 2

sveraz2012 4

sveraz2012 6

sveraz2012 8

sveraz2012 10

sveraz2012 12

sveraz2012 14

sveraz2012 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1