„Ти се покажа како пророк и Претеча на Христа уште во утробата, Крстителу Јоване, играјќи и радувајќи се во утробата мајчинска, гледајќи ја Царицата како доаѓа при слугинката и Го носи Оној што беспочетно се раѓа од Отецот; при тебе, којшто засветли од неродна (жена) и старец, според ветувањето. Него моли Го, да ги помилува душите наши“ (стихира на Господи повикав на вечерна богослужба).

Asics footwear | Sneakers Nike

На 07.07.2012 година го прославивме Раѓањето на чесниот, славен, пророк, Претеча и Крстител Јован, кој како светло сонце ни засветли од утробата на Елисавета. Неговото раѓање торжествено го прославивме со сеноќно бдение во манастирот „Св. Јован Крстител – Бигорски“, кое беше крунисано со света архиерејска Литругија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј,игумен на Светијовановата обител,  еромонасите Доситеј и Макариј, еромонахот Никанор од Черногорската обител,  свештеникот Константин, свештеник од Софиската епархија и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Река на верници го исполни манастирот, а радоста беше уште поголема и поради присуството на гостите од Р. Бугарија, односно братството од манастирот „Св. Козма и Дамјан“ од с. Гигинци со својот игумен архимандрит Евгениј, како и црковно-византискиот хор „Фенер“ од Мелник, предводен од хорархот о. Владко. Манастирската слава беше збогатена и со изведбата на стари чалгиски песни од Пиринска Македонија, кои беа отсвирени од страна на Јане и Елена Каменарови од Мелник.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј им се обрати на верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска сме собрани во оваа света обител да го прославиме споменот на раѓањето на свети Јован Крстител. Во принцип, во светата православна Црква телесните раѓања не се прославуваат, освен на три личности и тоа: на Господа Исуса Христа, на светата Мајка Божја - Пресвета Богородица и на свети Јован Крстител. Фактот што свети Јован е сврстен во прославувањето на родениот ден заедно со Господ Исус Христос и Пресвета Богородица, сам по себе ни зборува колкаво значение и важност имаат неговото раѓање и неговата дејност во спасоносната мисија на нашата света Црква. Како што знаеме, тој ќе биде испросен со молитвите на светите праведници Захариј и Елисавета и тие ќе бидат обдарени и благословени од Бога на стари години да имаат пород и да го симнат презирот и прекорот од своите сограѓани во тогашниот Израил. А свети Јован, пак, поради неговиот чист, беспрекорен и исправен живот, ќе биде избран на предвечниот Совет на Троединиот Бог да биде гласник и проповедник на Словото Божјо и будител на заспаната совест кај тогашното еврејско население.

Историјата нè учи дека пред 2000 години еврејскиот народ бил под двојно ропство. Но, особено тешко го поднесувал римскиот јарем, од кој му биле наложувани најразлични закони и прописи и различни давачки за тогашното Римско царство. На духовен, пак, план, израелскиот народ бил потиснат од најразлични суеверија и празноверија и го заборавил Мојсеевиот закон и пророците, а почитувал само чисти формалности кои немале некое особено значение за спас на народот. Во една таква неблагопријатна состојба ќе се роди и свети Јован, а и Господ Исус Христос. Свети Јован ќе добие задача да го приготви патот на израелскиот народ за достоинствено да Го пречека и пресретне Спасителот на светот - Господ Исус Христос. Израелскиот народ имал бледа слика за доаѓањето на Спасителот на светот и таа била повеќе оптоварена и испреплетена  со замисли за доаѓање на земен цар кој ќе ги ослободи од римското ропство, и нив, како избран народ, ќе ги постави на првите места за да раководат со светот и векот. Но, свети Јован ќе ја започне својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“ (Мт. 3,2). Тој се повикува на старозаветните пророци, особено на свети пророк Исаија, кој во своето пророштво многу јасно и прецизно го најавува доаѓањето на Господа Исуса Христа, претскажувајќи дека Он ќе дојде, дека ќе се роди од Дева, дека ќе биде кроток и смирен и ќе пострада и дека ќе го спаси човечкиот род од гревот и смртта. Токму овие пророштва свети Јован со поинакви зборови ќе ги појаснува на луѓето, но, истовремено, ќе ги подготвува очистени, измиени, препородени и крстени во вода од него да Го дочекаат Господа Христа како Искупител и Спасител на човечкиот род.

Свети Јован Крстител ќе биде удостоен и да крсти илјадници луѓе во реката Јордан со својата пречиста рака, подготвувајќи ги за пресретнување на Месијата на светот. Покрај другите, ќе ја има таа чест да Го крсти и Самиот Господ Исус Христос, Кој понизно и скромно, незабележително ќе пристапи и ќе побара човечко крштевање од Јован Крстител. Кога ќе го забележи оваа праведна душа доаѓањето на Спасителот, самиот ќе се возбуди и неговата рака ќе затрепери и ќе Го праша: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?“ (Мт. 3,14). А Господ спокојно и тивко му одговара: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Мт. 3,15).

Свети Јован ја започнува својата проповед со покајание и крштение, а преку тоа ја поучува новозаветната Црква дека и нашето спасение и нашиот вечен живот може да се оствари и реализира само преку  светата тајна Крштение која ја основал и потврдил Самиот Господ Исус Христос, со тоа што дошол кај свети Јован да биде крстен. Свети Јован ќе исповеда една многу силна и јасна вистина: „Јас ве крштевам со вода, но по мене ќе дојде друг, Кој ќе ве крштева со Дух Свети и со оган“ (Мт. 3,11). Светата тајна крштение е една од основните принципиелни свети тајни во Црквата Христова, преку која се станува член на заедницата и без оваа света тајна не може да се прими ниедна друга тајна, ниту, пак, благодатта од Светиот Дух, Кој ја разделува на своите верни.

Но, не  е доволно само да бидеме крстени и миропомазани во светата Црква и преку тоа автоматски да добиеме спасение. Црквата, односно Господ Исус Христос има дадено и други обврски и задачи на секоја христијанска душа, која што сака да Го исповеда, а преку исповедувањето да добие вечен и блажен живот. Затоа постојат и многу закони и прописи кои треба да се исполнат и да се живее според нив, па да го добиеме ветеното царство што Бог го приготвил за секоја душа која верува и го исповеда Христа, но уште повеќе, и живее според принципите на нашата света вера. Можеби некој ќе рече: Па каде имаме можности и време и сили и знаења да ги изучиме сите закони и прописи и разни канони и одлуки на една институција, како што е Црквата со 2000 годишен животен век? Точно е тоа дека никој ниту може, ниту ги знае, но ниту, пак, Црквата тоа го бара од нас. Ако се придржуваме кон еден закон којшто е вроден и даден на секое разумно човечко суштество, а тоа е моралниот закон, со други зборови, да разликуваме зло од добро, и да се придржуваме кон тој глас на нашата совест, кој вика: не прави ништо на никого што не сакаш тебе да ти прават, тогаш и без многу знаења и без теолошки наобразби ќе ги исполниме законот и прописите, па семилостивиот Бог, и ако погрешиме некаде, ќе биде милостив и справедлив и ќе ја има Својата милост и наклоност кон нас и во денот кога ќе нè наградува заради нашите дела и постапки.

Верата има многу силна улога во формирањето на образот, ликот и карактерот на луѓето. Некои велат дека човекот може да биде добар и длабоко морален, а истовремено, да нема вера. Тоа е можно да се случи. Навистина има луѓе добри, морални, а да не се верници. Тогаш се поставува прашањето зошто е тоа така? Тоа е така бидејќи Бог во нашето срце, во нашата природа го посадил тој природен морален закон и доколку ние не го повредуваме, а живееме според Божјиот закон, дури може и да се случи и да не знаеме многу за Бога. Но, неретко, односно често се случува под влијание на надворешни фактори околу нас, човекот да не е во состојба да го сочува и задржи поредокот на своето морално чувство. Но, верата е повикана во прв план и назначена за таа улога да му помага на човекот да може побезболно да го запази, сочува и утврди токму тој морален, природен закон, кој е всаден од Творецот на луѓето и светот, односно од Бога.

Има многу разни религии и вери. Ако ја земеме многубожечката религија, таму е потребно да им  се принесуваат жртви на божествата за да ги одоброволиме па тие да ни помагаат во некое конкретно и корисно дело. Во христијанството односот на верникот и Бога комплетно се менува. Во православната вера тоа не е способност за да го придобиеме Бога, туку способност да се влезе во посебно општење со Него. Православната вера ни дава можност да влеземе во живо заедничарење и да се допреме до Бога, а Бог му помага на човекот да го зачува и да го запази тој морален закон и етичкото чувство.

Да се обратиме со искрена молитва кон свети Јован Крстител и Претеча, тој да содејствува пред престолот на Севишниот Господ, да измоли милост од Бога, та Семилостивиот да покаже човекољубие кон нас, да допре до нашите срца и души, да ја запали љубовта и верата во нашето битие, за да можеме достоинствено, чесно и христијански да го изодиме патот и да ја добиеме десната страна од Семилостивиот Господ Исус Христос во Царството небесно. Амин!
 

Митрополит Тимотеј

Раѓање на свети Јован Крстител - Иванден
07.07.2012 година, ман. „Св. Јован Крстител - Бигорски“

ivanden2012 1

ivanden2012 3

ivanden2012 5

ivanden2012 7

ivanden2012 9

ivanden2012 11

ivanden2012 13

ivanden2012 15

ivanden2012 17

ivanden2012 19

ivanden2012 21

ivanden2012 23

ivanden2012 25

ivanden2012 27

ivanden2012 29

ivanden2012 31

ivanden2012 33

ivanden2012 35

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1