„Првопрестолни меѓу апостолите и учители на вселената, молете Го Владетелот на сите да и даде мир на вселената, а на нашите души – голема милост“ (тропар на светите апостоли Петар и Павле).

На ден 12.07.2012 година ги прославивме светите врховни апостоли Петар и Павле. Ревносни во верата и љубовта кон Бога, двајцата, проповедајќи го Евангелието меѓу евреите и незнабошците низ целиот свет, маченички го дадоа својот живот за Христа. Во нивни спомен, беше отслужена света архиерејска Литургија во храмот „Св. Патер и Павле“ во Кичево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереите Војне Ристески и Стевчо Тошевски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

best Running shoes | 【国内4月発売予定】プレイステーション5 × ナイキ PG5 PS EP 全2色 - スニーカーウォーズ

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква има четири годишни повеќедневни пости, и тоа: Божикен, Велигденски, Петровденски и Богородичен. Тоа што Црквата ги распределила четирите поста за време на четирите годишни временски периоди не е случајно.

Црковната година не смее да се третира како некое хаотично натрупување на празници и на пости. Црковната година е цела поема која раскажува за преобразување на човековата душа и тоа сè со една цел - победа над гревот и смртта, а за спасение на човечкиот род од власта на ѓаволот. Но, за да ја разбереме таа поема потребно е истата да ја препрочитуваме преку сопствениот живот.

Во тој контекст треба да се постави и прашањето која е смислата и особеноста на невообичаеното видување на Петровденскиот пост и празникот на светите апостолите Петар и Павле? Зошто споменот на овие луѓе, кои живееле 2000 години пред нас, така силно влијае на нашата душа и вдахновено делува на христијанскиот живот? Какви биле овие двајца луѓе, кои покажале такво делување врз историјата на светот што пред нив не е познато?

Апостолот Петар пред да се сретне со Христа се викал Симон и бил прост рибар, беден и сосема необразован. Тој имал семејство и секојдневно се занимавал со тешка работа, односно со рибарство, за да го прехрани своето семејство. Но, во неговата душа живеела силна вера и страв Божји, кои му дозволиле по првиот збор на Спасителот да остави сè, и куќа и покуќнина, и богатство и семејство, и да тргне по Христа.

Сосема поинаков бил апостолот Павле. До неговото обраќање се викал Савле и произлегувал од видно семејство. Потекнувал од родот Венијаминов и имал почесно римско граѓанство, а како припадник на фарисеите бил строг извршител на Јудејскиот закон. Бил воспитаник на прочуениот учител Гамалиил, кој бил уважуван од сиот народ. Покрај ова, Савле бил извонредно образуван и вешт во античката мудрост и прекрасно ја познавал античката култура. Тој имал голема власт, т.е. имал посебно полномошно од свештеникот да ги прогонува христијаните и да ги предава за казнување. Сето тоа тој го работел и по своја убеденост, како ревносен исполнувач на законот Јудејски. Токму затоа, кога самиот Господ Исус Христос му се открил на патот за Дамаск, Савле со таква ревност застанал во заштита на Црквата и станал голем проповедник на Христа и христијанството.

Апостолите Петар и Павле поднеле огромен труд и претрпеле неверојатни страдања. Апостолот Петар проповедал со таква сила, па наеднаш обраќал и прекрстувал во христијанство и од две до три илјади луѓе, лечел безнадежно болни, дури воскреснувал и умрени. Луѓето толку многу го почитувале што ги изнесувале болните по патиштата, па само сенката од апостолот Петар да ги осени. Тој прв бил затворен, а потоа и поднел понижување, тепање од Јудеите, но на сето тоа се радувал зашто претрпел маки за Христа и продолжил без страв да Го проповеда Христа по разни страни на светот. Апостолот Петар обратил во христијанство и две жени на римскиот император Нерон, за потоа истиот император да нареди да биде распнат на крст.

Апостол Павле, пак, правел непрестајни патешествија за да го проповеда Евангелието. За време на неговите мисионерски патувања напишал 14 посланија, кои, според зборовите на свети Јован Златоуст, станале ограда на светата Црква, направена од непобедни камења од најцврст гранит. Со неговата сила на ученост и ораторска способност обраќал илјадници луѓе во христијанство. Јудејците не еднаш сакале да го убијат апостолот Павле: тој бил каменуван, прогонуван, протеруван, понижуван, малтретиран и претрпел најразлични понижувања, а сè заради Христа. Еднаш и 30 луѓе се заколнале дека нема да јадат, ниту да пијат, сè додека не го убијат, но со промисла Божја тој го продолжил неговото служење. Врз болните ја постилал својата облека и појас и тие што страдале и имале болки се излекувале. Лоши духови изгонувал од луѓето, па дури еднаш и еден млад човек кој паднал од трет кат го воскреснал. На крај, Нерон наредил да биде посечен со меч, бидејќи бил римски граѓанин. Преданието зборува дека и двајцата овие апостоли настрадале во ист ден.

Во една стихира, во службата на свети Петар и Павле се вели: „Господи на Твојата Црква си и дал тврдина. Петровата цврстина и Павловиот разум и светла мудрост“ (стихира на Мала вечерна). „Петровата цврстина“ е храброста во исповедањето на верата и страдањето. Самото име Петар, кое го добил од Господа, значи камен, како што и Петар цврсто Го исповедал својот Учител Синот Божји. На каменот, на тоа исповедување, на таа права православна вера во Господа, Христос ја создал Својата Црква. „Павловиот разум“ - тоа е таа невообичаена мудрост која веќе над 2000 години ги привлекува срцата на луѓето кон Бога. Навистина, во историјата на луѓето не може да се најде поумен човек од апостол Павле. Тој може да се споредува со премудриот Соломон. Доволно е да се прочитаат посланијата на апостолот Павле за да се увериме дека тој има „ум Христов“, како што вели во едно од неговите посланија.

Но, и при такви обилни благодатни дарови, при постојано правење на чуда, при откровенијата што им ги давал Господ, апостолите Петар и Павле најдлабоко ги сочувале смирението и покајанието. Апостолот Петар целиот негов живот се каел заради неговото трократно откажување од својот Учител. И покрај тоа што Господ одамна му простил на Петар за неговиот грев со трократното прашување: „Ме љубиш ли?“ (Јн. 21,16) и му го вратил апостолското достоинство, апостолот Петар никогаш не можел да го заборави своето паѓање. Постои предание дека на секое слушање на пеењето на петелот апостолот Патар горко плачел, потсетувајќи се на неговото отпадништво. Апостолот Петар, кој се удостоил да присуствува на гората Тавор, на Преображението Господово, кој со безбројните негови дела и страдања заради Христа ја докажал својата полна преданост на Бога до крајот на својот живот, постојано ја чувал во својот ум одамна искупената вина. Сведоштво за ова горко покајание е и тоа што апостолот Петар молел да не биде распнат како Христа, туку со главата надолу, како недостоен ученик.

Апостолот Павле, некогашниот гонител на Црквата Христова, исто така, целиот свој живот се каел заради својата заблуда од младите години. Во своите посланија се нарекува „недоносен“ и „најмал од апостолите“ и недостоен воопшто така да се именува, а сите чуда што се направени не ги правел тој, туку Божјата благодат. За да не биде на товар на ниту еден човек при патувањата, тој се трудел сам да си го заработи својот леб со рачна работа. Апостол Павле кој бил удостоен да биде издигнат до третото небо и кој слушнал неискажливи зборови, многу смирено размислувал за себе.

„Господи, Твоите двајца апостоли им ги даде како пример за преобраќање: едниот се одрече од Тебе за време на страдањата и се покаја; а вториот се противеше на Твојата проповед и поверува“ - така пее светата Црква во една песна. Ако ние не можеме да ја достигнеме таквата силна вера каква што ја имал апостолот Петар, кој можел да оди по вода, да воскреснува умрени и ако ние не можеме да ја достигнеме божествената мудрост на апостолот Павле, кој со неговите зборови обратил илјадници луѓе кон Христа, тогаш да се потрудиме да ги подражаваме во нелицемерното покајание и длабокото смирение, сега и во сета вечност, за да добиеме вечен и блажен живот. Амин!

 

свети Петар и Павле

12.07.2012 година, црква „Св. Петар и Павле“ Кичево

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2