На ден 29.07.2012 година, во Осмата недела по Педесетница и денот кога ги прославуваме св. свш-мч Атиноген и и св. мч-ка Јулија, во прекрасните предели селото Локов, Струшко, беше осветен храмот „Свето Преображение“. Осветувањето го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Игор Никовски, свештеникот Петре Бојчиноски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

short url link | Men’s shoes

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска се собравме во овој храм посветен на светото Преображение на Нашиот Спасител Господ Исус Христос, изграден на оваа височина во овие питоми предели во Малесија, кои и самите, во голема мера, нè потсетуваат и на местото каде што Господ Исус Христос се преобразил.

Свети апостол Павле во своето послание до Коринтјаните поставува прашање: „Каква сличност има храмот Божји со идолите?” (2Кор. 6, 16). Со ова исто прашање апостолот ни се обраќа и нам на почетокот на 21-от век. Во времето кога немало Божји храмови, луѓето можеле да живеат како јазичници и да се поклонуваат на ракотоворни богови. Некои се поклонувале на ученоста, некои на мудроста, а денес, пак, на автомобили, на власт, на облека, на мода и друго. Има луѓе кои се поклонуваат на сите овие современи божества, но не се поклонуваат на Бога. Ги трошат сите свои сили за да можат да ги задоволат своите потреби, а во таа потрага честопати го нарушуваат моралниот закон, отстапуваат од Бога и нанесуваат зла на луѓето околу себе. А сето тоа го прават само за да можат да се поклонуваат на своите идоли кои самите ги создале.

Кога немало храмови како и да немало и грев и сите живееле во идолопоклонение. Но, сега секој еден од нас е должен да излезе од храмот со овие зборови: „Каква сличност има храмот Божји со идолите?” (2 Кор. 6, 16). Нема ништо заедничко. Со осветување на храмот ние сме должни да започнеме поинаков живот, односно идолите треба да исчезнат и истите да ги заборавиме. Треба на Бога да Му се поклонуваме, да живееме според Божјиот закон, да правиме добро на луѓето, да ја зборуваме правдата, вистината и да бидеме чисти и исправени пред Бога и пред луѓето.

Некој може да каже дека тоа е тешко и просто невозможно? Но, одговорот е многу едноставен и тој, исто така, се наоѓа во зборовите на апостолот Павле до Коринтјаните: „Вие сте храм на живиот Бог” (2Кор. 6, 16). Секој човек се јавува како Божји храм, бидејќи внатре во него е Божествениот образ - односно бесмртната душа. Бог ни го дал нашето тело како храм, како живеалиште на таа вечна и бесмртна душа, за да може внатре во тој храм да се извршува богослужение, та и ние да можеме да живееме во општење со Бога и да Му се обраќаме со молитва и да го памтиме Неговиот закон.

А што се случува со луѓето кои не сакаат да живеат според сето тоа? На тие што сакаат да живеат според совеста Бог им дава сила. Но, многу е тешко да се живее според совеста, а без Бога, бидејќи постојат многу соблазни, опасности и заблуди, кои придонесуваат совеста да може да биде заборавена. Но, кога се живее според Божјиот закон и доколку во срцето имаме страв Божји кој постојано ќе нè потсетува на тоа дека Бог сè гледа и затоа Бог може и да нè казни, тогаш човекот го пренасочува својот живот и го усогласува со чистата совест и со Божјиот закон и тогаш полесно и посигурно живее. Кога човекот вака постапува, тој го утврдува својот овоземен живот според Божјите начела и принципи, кои се општо-човечки, односно живее според вродениот морален закон.

Некој може да биде вчудоневиден  и да каже: не постои чесност, туку само убава плата, поголем дом, поубав автомобил, помодерна облека и слично? Нечесноста е составен дел од овие луѓе. Но, треба да знаеме дека желбите кај човекот кој нема вера и страв Божји немаат граница. Кај нив одново и постојано се појавуваат уште поголеми желби за поголеми богатства, за поголеми домови и слично. И покрај сите постигнувања и богатства кај овие луѓе, нивните души, нивните срца и нивниот разум честопати страдаат и остануваат незадоволени, а сè поради нивниот грешен и порочен живот. Но, има и богати луѓе кои што го спечалиле своето богатство со труд и со чесна работа и живеат чесен христијански живот. Тие се задоволни од животот и знаат да прават и добри дела и со тоа богатство што го поседуваат да помагаат на многу луѓе на кои што им е потребна помош.

Од сето досега што рековме не сакаме да заклучиме дека човекот не треба да се труди и заработува за својот живот и воопшто да не се грижи за материјалните нешта, туку напротив, Бог нè повикува и ја благословува чесната работа, а како резултат на тој труд ни дава и одредена материјална добивка. Но, тука е многу важно да се нагласи дека не треба да правиме идол од богатството што ќе го стекнеме и тоа да не Го заменува Бога. А за да не биде тоа така, вие не треба да го заборавите храмот Божји. И кога имате било какви искушенија на материјален и духовен план, обраќајте се кон Бога во светиот храм. Знајте дека во храмот ве чека вашиот Небесен Родител. Знајте дека за Бога сте негови деца, отворајте го своето срце и Бог ќе влезе во него, ќе престојува во вас, ќе ви даде сила и благодат да можете сите маки, страдања, болести и искушенија да ги надминете, бидејќи Бог е љубов и многумилостив и има сила и начин како на секого да му помогне.

Нека овој свет храм ни послужи на сите за преобразување на нашиот живот, за изменување на нашите постапки, за отфрлање на секаков грев и престап, а за зацврстување на доброто, чесното, трудољубивото, светото, и да отфрлиме сè што нè влече кон гревот и злото, па да го носиме името христијанско достоинствено и да добиеме вечен и блажен живот.

На сите што се потрудија да го возобноват овој храм посветен на светото Преображение Господово, а кој денеска го осветивме, Бог стопати повеќе нека им возврати со Негов благослов, за здравје, напредок, утврдување во верата православна и во зачувувањето на прекрасните македонски традиции. Бог нека ве благослови и честит нека ни е денешниот ден. Амин!

Осма недела по Педесетница

29.07.2012 година, храм „Св. Преображение“ с. Локов, Струшко

lokov2012

lokov2012 2

lokov2012 4

lokov2012 6

lokov2012 8

lokov2012 10

lokov2012 12

lokov2012 14

lokov2012 16

lokov2012 18

lokov2012 20

lokov2012 22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1