„Чудесни се твоите тајни, Богородице! Престол на Севишниот се покажа, Владичице, и денес се пресели од земјата кон небесата. Твојата слава богодолична сјае со богоподобни чудеса. Девојки, вознесете се во висините со Царевата Мајка! Радувај се, благодатна, со тебе е Господ, Кој на светот му дава милост голема“ (стихира на Господи повикав... на Успение на Пресвета Богородица).

jordan release date | NIKE

На 28.08.2012 година го прославивме празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица). Торжествата за овој ден, кога го празнуваме светото Успение на Мајката Божја, која од ангелите и по душа и по тело беше воздигната од десната страна на нејзиниот Син и нашиот Спасител, Господ Исус Христос, започнаа со свечена Вечерна богослужба, во манастирот „Св. Јован Крстител – Бигорски“, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на еромонасите Доситеј и Макариј и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По молитвите на Мајката Божја, братството на Бигорската обител се збогати со уште еден член. Искушеникот Маријан Славески од Скопје го прими монашкиот потстриг без завети и го доби името на новопрославениот пречистански преподобномаченик Пајсиј. Богослужбата продолжи во текот на целата ноќ, а беше крунисана со света архиерејска Литургија на која началствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј и Макариј и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Според зборовите на Спасителот, Кој вели дека „жетвата е голема, а работници се малку“, новите свештенослужители, кои напорно и трудољубиво ќе работат на нивата Господова, се секогаш добредојдени. Светата Црква доби уште еден свештенослужител во лицето на монахот Еразмо, кој на Литургијата беше произведен во ѓаконски чин од раката на Митрополитот Тимотеј. По завршувањето на Литургијата, нашиот Митрополит се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

Мајката Божја беше прославена и во Охрид, во храмот посветен на „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, каде беше отслужена света Златоустова Литургија, на која началствуваше архимандритот Нектариј, игумен на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, во сослужение на протоереите Томислав Илиески, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Димче Азески (старешина на храмот), Љупчо Симиџиески, Ромео Петрески, Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески и ѓаконот Сашо Целески. Неизброен народ го посети храмот на Мајката Божја, но и активно учествуваше во богослужбата преку пристапувањето кон Светата Чаша. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа, за сите верни, беше поставена и трпеза на љубовта.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска светата православна Црква прославува голем празник посветен на Успение на Пресвета Богородица. Животот на оваа света душа не бил одбележан со никакви особени почести, слави, богатства, прекрасна облека, дом за живеење и други почести што ги уживаат многу луѓе во овој свет. Напротив, нејзиниот живот бил пропратен со сиромаштво, со служење во послушност, во учење и покорност. Таа севкупниот свој живот ќе го посвети на нејзиниот Син, нашиот Господ Исус Христос, за Кого ќе се грижи како што грижливата мајка се грижи за своето родено чедо. Таа ќе ги претрпи и поднесе сите маки и страдања во подигањето и воспитувањето на Господа Исуса Христа. Света Дева Марија ќе доживее такви маки и болки какви што ретко која мајка доживува, гледајќи Го својот Син, нашиот Спасител, како е суден, осуден и на крст распнат, а потоа и погребан. Многу точно пее црковната песна дека нејзината душа ќе биде со меч прободена, бидејќи не е вообичаено и не е според природниот закон мајка да испраќа во вечност своја рожба. Со неколку збора може да се каже дека целокупниот нејзин живот бил исполнет со мака, плач и лелек. Но, сето тоа, смирено, побожно и покорно на волјата Божја таа стоечки ќе го поднесе.

Нејзиниот, пак, завршеток на овој свет и преселувањето во вечноста, односно нејзиното Успение, ќе биде награда и прослава за сèцелата нејзина оданост на волјата Божја и послушноста на Словото Божјо. Светото предание, преку устата на светите Отци од првите векови, ни зборува дека Архангелот Гаврил ñ се јавил на света Богородица и ñ кажал дека е дојден часот да го напушти овој свет и да се пресели во вечноста. Како знак дека може да влезе во рајот ñ дал маслиново гранче донесено од оној свет, а таа, пак, оваа вест ја примила со смиреност и со радост, како што ја примила и веста за раѓањето на нејзиниот Син: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лк. 1,38). Волјата Божја била нејзиното испраќање да биде организирано во присуство на сите апостоли Христови, кои на чудесен начин биле собрани од целиот свет за да ја испратат Богомајката во вечноста. Заради нејзината чистота и нејзината светост, поради кои била удостоена и да Го смести во нејзината утроба Словото Божјо, Синот Божји, Искупителот на светот, Божјата милост не дозволила нејзиното пречисто тело да добие природно распаѓање, односно трулење, како што се случува со останатите луѓе, туку напротив, небесата се отвориле, а Синот Божји, нејзиниот Син, Господ Исус Христос, со ангели и угодници Божји слегле и го зеле нејзиниот дух, а нејзиното тело преобразено се искачило во небесните рајски предели. За тоа ни сведочи светото црковно предание. Имено, апостолот Тома, кој го проповедал Евангелието во Индија задоцнил и не можел да присуствува на погребението на Света Дева Марија, за што многу тагувал и жалел. Апостолите за да го утешат го однеле на гробот на Пресвета Богородица и го отвориле гробниот камен за и тој да може да се поклони и да се прости од неа, но ќе најдат празен гроб, гроб без телото на Пречистата Богородица.

Токму овој настан светата Црква денеска торжествено и радосно го прославува. Не само што Христос воскресна од мртвите и ни покажа дека смртта нема повеќе сила како што имала пред Христа и пред Неговото воскресение, но денеска ни покажува дека и ние луѓето како и Пресветата Богородица ќе бидеме преобразени и ќе воскреснеме за нов живот при второто и славно доаѓање Христово. А Богородица, пак, постанува скала преку која Бог слезе на земјата, се овоплоти, поживеа, основа Црква со свети тајни во неа и со ерархија и ја утврди преку Светиот Дух, Кој во неа постојано престојува, за да можеме и ние луѓето да се искачиме од земјава, од оваа долина на плачот кон небото, во прегратките на Бога.

Света Богородица, како мајка Божја, има сила пред нејзиниот Син и нашиот Бог, бидејќи таа телесно го раѓа Господа Христа. Ние, како христијани кои сме крстени во името Христово и во Светата Троица, не можеме да ја имаме таа телесна, роднинска блискост, бидејќи и не сме тоа. Но, затоа, пак, можеме и потребно и пожелно е да бидеме во духовна роднинска врска со Господа Христа, преку Светата Дева Марија која е претставник на севкупниот човечки род. Светата Богородица, како мајка која што поднела најразлични страдања и маки, гледајќи го својот Син како страда за човечкиот род, има посебно разбирање и чувство за секоја христијанска душа која има болка, мака, страдање и потреба од помош. Затоа таа им вели и на апостолите: јас ќе бидам со вас до свршетокот на светот, како што вели и самиот Господ Исус Христос (Мт. 28,20). Односно, таа ќе биде наша молитвеница, наша застапница пред лицето Божјо, бидејќи и има смелост за тоа.

Затоа драги браќа и сестри да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја, чие Успение денеска светата Црква го прославува, таа да  биде наша молитвеница, наша патеводителка, наша раководителка, наша заштитничка, поткрепа на нашата вера, да нè води по вистинскиот пат, пат кој води во вечен и блажен живот. Пресвета Богородице помагај ни! Амин!      

Успение на Пресвета Богородица

28.08.2012 година, ман. „Св. Јован Крстител - Бигорски“ Дебар

00x

01x

02x

03x 1

07x

08x 1

12x 1

15x 1

16x 1

19x 2

22x

24x

25x

26x

27x

28x

29x

30x

31x

32x

34x

IMAG0160

IMAG0164

IMAG0165

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1