Човекот е битие, чија цел на создавање е вечно и постојано учество во животот Божји, во Неговата радост, прослава и во Неговата неизмерна љубов. И иако Адам и целата човечка природа паднале и биле истерани од првата Црква - Рајот, сепак тие засекогаш копнееле и тежнееле да ја вратат таа заедница со Бога. Човечкиот род отсекогаш во својата душа ја чувствувал блискоста со Бога и врската со својот Творец. Навистина, човекот многупати паѓал, се одрекувал од Него, на моменти и богохулел, но секогаш одново и одново се враќал кон таа заедница, а неретко и пред самата блиска средба со Севишниот. Како религиозно, заедничарско битие, човекот чувствувал потреба своите чувства да ги изразува преку разговор со Бога, односно преку молитва и не само приватно, туку и соборно. Токму затоа, низ многуте изминати векови, почнувајќи од Скинијата и Соломоновиот храм, катакомбните цркви, големите храмови посветени на Премудроста Божја, илјадниците храмови низ целиот свет, човекот градел домови Божји, во кои заедничарел со своите браќа христијани и станувал едно Тело, Тело на својата глава Христос.

Best jordan Sneakers | Best Custom Jordans of All Time - Fashion Inspiration and Discovery

Кога зборуваме, пак, за Македонија, а особено за Охрид, тогаш навистина чудесен е фактот колку многу храмови изградил македонскиот народ, и тоа најчесто во времиња кога бил под ропство од иноверна власт, кога немал никакви права и живеел во сиромаштија. Токму затоа и секој јубилеј од изградбата на овие храмови, претставува и прослава на сите луѓе кои целосно се вложиле во подигањето на истите.

На 08 и 09 септември 2012 година, го прославивме големиот Јубилеј 180 години од подигањето на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид. За податоците кога точно била изградена оваа црква, и дали на местото на денешната постоела друга помала црква, не може точно да се тврди, но во Митрополитскиот кодекс на Охридската архиепископија од 1694 година, составен од тогашниот драчки митрополит Козма Китијски, а во седмата енорија (парохија) Каменско, се наведени две активни цркви – „Св. Богородица“ и параклисот „Св. Петар“. Денешната црква, според еден исклесан во камен запис, е изградена во 1832 година од протомајсторот Теодор. Во 1845 година е поставен резбаниот дрвен иконостас, изработен од Мијачката копаничарска школа. Истата 1845 година зографот Мануил Георгиу од Магарево ги слика престолните и празничните икони, а фрескописот е дело на Димитрија Дичо Зограф.

Прославата на овој голем Јубилеј започна на 08.09.2012 година со свечена вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофорите Ефтим Бетински и Сашо Богданоски, свештениците Љупчо Симиџиески, Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Сашо Целески. На вечерната присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој од архиерејскиот трон ја започна вечерната богослужба со читање на Предначинателниот 103 псалм.

Торжествата продолжија по завршувањето на вечерната, кога беше промовирана книгата „Галерија на икони при црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско Охрид“, дело на ценетиот проф. д-р Сашо Цветковски, а промотор беше многупочитуваниот академик проф. д-р Цветан Грозданов. Делото на професорот Цветковски е навистина од големо значење, зашто дава исцрпни податоци за градбата на храмот, за нејзиниот иконопис и фрескоживопис, и како што рече академикот Грозданов, „авторот навистина се потрудил и успеал во подредувањето на иконите според периодот на изработката и нивните автори, иако за многу од нив имал малку, или речиси, воопшто немал податоци“. После промоцијата беше и официјално отворена галеријата на икони при овој храм, која содржи шеесетина непроценливи икони, а вечерта особено ја збогати младиот хор при црквата Каменско, кој со своите прекрасни изведби не остави никого рамнодушен.

Празнувањето продолжи на 09.09.2012 година, со архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј и Агатангел, архимандритите Нектариј и Јосиф, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоерејот Игор Никовски, еромонахот Доситеј, свештениците Љупчо Симиџиески, Ромео Петрески, Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески и Владо Недески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беа осветени новите мозаици, кои се поставени на влезната врата од храмот, а Архиепископот Стефан се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

На ова место да му оддадеме почит и признание и на старешината на храмот, свештеникот Димче Азески, кој несебично и целосно се предаде во подготовките за отворањето на галеријата и разубавувањето на црквата. Господ, нашиот Бог, нека ги упокои душите на сите починати ктитори и помагачи на овој свет храм, а нас нека нè укрепува и нека ни дава сили достојно да го продолжиме и зачуваме нивното дело. Амин! 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
                            СТЕФАН

ДЕЛО НА ВЕРАТА И ХРАБРОСТА

Ако ја пролистаме духовната историја на народите кај сите генерации пред нас, ќе видиме дека отсекогаш и насекаде имало места и градби определени и подигнати за религиозни потреби. И кон секое култно место или светилиште луѓето имале посебно почитување или однесување. Во Библијата сретнуваме термини за сакрални градби како се градени, дарувани, или урнати и ограбени од војсководачи и владетели во историјата на древните народи, или, пак, за личности и народи кои имале некакви случувања на култните места и градби, особено кај еврејскиот народ. Така, се споменува вавилонскиот цар Навуходоносор, кој го освоил Ерусалим и го ограбил храмот и дел од садовите ги однесол во своето идолско светилиште во Вавилон. Исто така, сретнуваме идолско светилиште и дом на Дагон, се опишува домот на Месерах, домот на богот Нимрох, како и големиот храм на Артемида во Ефес. Потоа, скинијата што ја подигнале  Евреите ја нарекле Дом Господов и храм Господов, а храмот во Ерусалим го именувале како црковен трем и храм Господов.

Во Новиот Завет ерусалимскиот храм се именува како храм Божји, храм Господов  и дом Божји, односно дом на Мојот Отец или само храм или светилиште.

Инаку, храмот, според христијанската симболика означува: Тело на Господ Исус Христос, ги означува следбениците на Христа, кои се храм на Бога и место во кое обитава Светиот Дух, односно христијанската Црква, го претставува небото – храмот Божји на небесата. Како што ни е познато од историјата, христијанството како религија била забрането сè до 313 година, кога императорот Константин им дал слобода на сите во Римското Царство. Христијаните во првите векови не можеле да подигаат храмови, туку на богослужби се собирале тајно во домовите на христијаните, во катакомбите (подземните тајни места за молитва) и на гробиштата. Императорот Константин и мајка му Елена не само што го изедначиле христијанството во слободата со другите религии, туку тие се и првите градители на христијански храмови. Тие ги подигнале храмовите на Христовото Рождество во Витлеем, на местото на Христовото страдање и Воскресение во Ерусалим, на Христа Спасителот, на светиот Крст, на светите апостоли Петар и Павле во Рим, храмот на апостолите во Цариград, каде што императорот Константин бил погребан итн. Со примањето на христијанството, особено меѓу византиските цареви, имало еден вид натпревар кој ќе направи повелелепни цркви или кој побогато ќе ги дарува и украси некоја црква. Така, императотот Јустинијан, кој се родил во с. Таор – Скопско, ја изградил најголемата христијанска црква во Цариград, познатата Света Софија. И во Македонија први храмови биле домовите на првите христијани. Апостол Павле, при своите патувања низ Македонија ги формирал првите христијански заедници. Како резултат на неговата мисија, покрај во Солун, Филипи, Бер, уште во првите векови епископски седишта биле и Скупи, и Хараклеја, Баргала, Стоби и други градови и места, за што ни сведочат остатоците од ранохристијанските базилики како и учеството на епископи од Македонија уште на првите вселенски и помесни собори.

А Охрид, кога се во прашање градбите на христијанските храмови, има посебно место не само на просторот од Македонија, туку и пошироко. Охрид е град на цркви и манастири, Охрид е град црква! Според преданието во Охрид имало посебна црква за секој ден во годината, односно дури 365. А дека е така сведочат многубројните откриени темели и остатоци од стари цркви скоро на секој чекор во Охрид. Сведоци сме дека само таму, каде што не се копнало, само таму не се откриле сведоштва од некогашните градби, од богатото христијанско минато на Охрид. Но посебен белег на Охрид оставила дејноста на светите Климент и Наум, како и на Охридската архиепископија. Всушност, тие имаат свое место по градбите на Плаошник, односно на северниот и јужниот брег на Охридското Езеро, но уште повеќе се заслужни со духовната градба која, еве, повеќе од 11. столетија се гради и надградува во душата на нашиот народ. Впрочем, желбата и љубовта да се гради за Бога и за Неговите светии извира од градбата што се носи во себе! Во таа смисла македонскиот народ има посебно место кога се во прашање сакралните градби. Ги спомнавме ранохристијанските центри, но со нив не завршува нашето градителство за Бога. Во сите периоди, во изминативе 20 столетија, се градело и надградувало. Овој наш народ и роб, и сиромав, и гладен – секогаш можел и имал за Бога! И во времињата на ропствата и туѓите владеења, единствената и најголемата слобода ја имал во Господа. Сè можеле да му земат, сè можеле да му забранат, но верата, тој нерушим храм во себе, никој не можел да му го урне и спречи. И во повеќевековното друговерно отоманско владеење со Македонија, нашиот народ не престанал да гради за Бога. Имањето на дом Божји значело имање и на свој дом, како што и уривањето и претворањето на црква во џамија, се разбирало како уривање и губење на својот дом.

Деветнаесеттиот век е исклучителен период во нашата духовна и национална историја. Тоа е време на преродба, време на навраќање на своето, време на будење, време на обнова. За нас, Македонците, а особено за нашата Црква е период рамен на воскресение во црковното градежништво. Како во ниеден век пред тоа, па ни потоа, не се изградило и не се создало такво духовно богатство како во тој 19. век. Ни отоманските ропски стеги не можеле да ја запрат силната желба да се гради и создава за верата и Бога. Скоро секој македонски град е претворен во градилиште, па, меѓу другите, во Скопје се гради Света Богородица, во Куманово – Свети Никола, во Велес – Свети Пантелејмон, во Штип – Света Богородица и Свети Никола, во Радовиш – Свети Илија, во Тетово – Света Богородица, во Прилеп – Свето Благовештение, во Битола – Свети Димитриј и Света Богородица, како и Беровскиот, Осоговскиот, Бигорскиот и уште во многу други градови и села. Но и Охрид, покрај имањето на бројните цркви, не заостанува во тој поглед. Град што ги има Светиклиментовиот и Светинаумовиот манастир, што ја има Света Софија, што ја има Света Богородица Перивлепта, што го има Свети Јован Канео, и што има уште многу, многу други, и можел и знаел да направи уште една, да ја направи оваа Света Богородица овде, во Каменско. И, еве, по молитвите на Мајката Божја дочекавме да одбележиме 180 години од нејзината градба. Можеби и не и се многу години на оваа црква, но тоа се години како ниедни други, тоа се години во кои се случија големи настани за нашиот народ и Црква. Овој храм памти и турско и грчко, и српско и бугарско, памти буни и востанија, памти секого што чекорел по оваа измачена земја и знае кој што донесол и однесол, знае кој што дал и кој што зел од Охрид и Македонија. Но да Му благодариме на Бога што и овој храм ја доживеа целосната и духовна и национална слобода, што дочека да се возобноват Светиклиментовата Охридска архиепископија и Самуиловата држава во лицето на МПЦ и РМ. А за нашата современа црковна, па и национална историја, овој храм ќе остане и сведок и споменик за тоа дека ние сме на страната на вистината – зашто во овој храм пред речиси половина век служеа нашиот прв Архиепископ, возобновителот Доситеј, Рускиот патријарх Алексеј I и Српскиот патријарх Герман.

Нека ни е честита годишнината на овој прекрасен храм, како и 45-годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ и, дај Боже, вечно да го чуваме и овој и сите древни и нови наши градби за Господа и за неговите светии. Амин!

Прослава по повод Јубилеј 180 години од изградбата на храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“

09.09.2012 година, храм. „Успение на Прес. Богородица - Каменско “ Охрид

KAMPROS2012

KAMPROS2012 1 1

KAMPROS2012 2

KAMPROS2012 3 1

KAMPROS2012 4

KAMPROS2012 5 1

KAMPROS2012 6

KAMPROS2012 7 1

KAMPROS2012 8

KAMPROS2012 9 1

KAMPROS2012 10

KAMPROS2012 11 1

KAMPROS2012 12

KAMPROS2012 13 1

KAMPROS2012 14

KAMPROS2012 15 1

KAMPROS2012 16

KAMPROS2012 17

kamprosl

kamprosl 2

kamprosl 4

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1