„Претечата, Крстител и ангел на Избавителот на сите, откако го укори Ирода за беззаконието Иродијадино, умира со сечење на неговата глава, верни, та и на оние во адот, смело да им благовести дека Бог слегува таму смртта да ја заплени“ (седален на утрена на Отсекување на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован).

bridgemedia | Men’s shoes

На 11.09.2012 година го прославивме споменот на Отсекувањето на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован. Како и секоја година, овој празник свечено и торжествено се прославува во манастирот „Св. Јован Крстител – Бигорски“, кој го има овој пустиник и предвесник за свој ангел чувар. Празнувањето започна на 10.09.2012 година со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на архимандрит Јосиф, еромонасите Доситеј и Макариј, свештеникот Ненад Ѓорѓиески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Илија Поп Гонов. На вечерната присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со чиј благослов братството на Бигорскиот манастир се збогати со уште тројца нови војници Христови, кои беа потстрижани во монашки чин. Искушениците Маријан, Игор и Михаил со радост и смелост, но и подготвеност да ги победат сите ѓаволски искушенија, ги примија имињата на сесловенскиот просветител Кирил Солунски и на преподобните пречистански маченици Евнувиј и Аверкиј. По завршувањето на вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон новозамонашените, но и кон сите верни, со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме.

Прославата продолжи утредента со свечена архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Агатангел, архимандритот Партениј, игумен на Бигорската обител, еромонасите Доситеј и Макариј, свештеникот Димче Азески, ероѓаконот Еразмо и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Илија Поп Гонов. Уште не беше помината радоста и восхитот од придобивката на тројцата нови браќа, кога по молитвите на светиот Јован Крстител, манастирот доби уште двајца нови свештенослужители. Митрополитот Тимотеј го ракоположи монахот Ефросиниј во ероѓаконски чин, а ероѓаконот Еразмо се вброи во редот на свештенството. По завршувањето на Литургијата беше осветено коливото и беше извршен чинот на Мал водосвет, а Митрополитот Агатангел се обрати кон присутните со пригодна беседа.

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј, изговорена на Вечерната богослужба.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска сме собрани во оваа света обител за да го прославиме патрониот празник Отсекување на главата на свети Јован Крстител и Претеча Господов. Но, исто така, се собравме и да присуствуваме на замонашувањето, односно на давањето на монашки завети на овие браќа од Бигорската света обител.

На сите нам многу добро  ни се  познати зборовите на нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене” (Мар. 8, 34). Вечерва овие зборови ги слушнавме и во молитвите за монасите, кои се одрекуваат од овој свет и се заветуваат на Господа Бога и на светата Црква дека ќе им служат во сиромаштво, девственост и покорност на претпоставената ерархија. Овие  зборови ни откриваат многу важен елемент за разбирањето и смислата на човечкиот живот и неговото опстојување на земјата. Во нив ни е дадена евангелската норма за тоа како човекот е должен да се однесува кон потребите на душата и телото. Задоволувањето на тие потреби не е ништо друго, туку исполнување на Божјата промисла за човекот. Без да ги задоволува овие потреби човекот не може да се оформи како личност, не може да го усовршува својот дух, не може да го развива својот ум и да ја зацврстува својата волја. Без задоволувањето, пак, на телесните потреби не може физички да постои.

Нашиот Господ укажува да го земеме крстот и да се откажеме од себе, за да можеме полесно и слободно, но и доброволно да Го следиме Христа. Носењето на крстот е задача на секој еден што е крстен во Светата Троица, односно на секој што постанал член на светата православна Црква. Секој еден од нас го носи својот крст - некој преку науката, некој преку бракот, некој свештенички, некој монашки, некој бездомнички, некој преку богатството, а други, пак, преку сиромаштвото. Но, секој еден си го носи својот крст. Нема можност некој да носи туѓ крст, а својот да го остави на некој друг да го носи. Со други зборови, Господ на секого му допушта таков крст каков што може таа личност да носи. Носењето, пак, на крстот подразбира сите маки, страдања, искушенија, животни задоволства, радости и таги што ги носи овој живот да ги поднесуваме достоинствено и без роптање кон Бога и кон нашите ближни. Секој еден христијанин треба со смиреност, покорност и предаденост на волјата Божја да го поднесува сето она што животот ќе му го донесе, а како средство допуштено од семилостивиот Бог, а за наше добро, односно за спасение на нашата душа.

Со гревот се појавува и пристрасноста. Секоја страст во себе носи страв, бидејќи страста е победа на човечкото телесно начело. Кога страста господари, тоа се нарекува пристрастие, тогаш човекот не може да постапи поинаку од она што му го велат страстите, односно што му вели гласот на неговото тело.

Кога ние размислуваме за страстите во современиот свет, честопати луѓето тоа го подразбираат како нешто апстрактно и далечно од реалниот живот. Но, всушност, во практичниот живот страста господари над луѓето и последиците од тоа господарење имаат огромно значење за духовниот живот кај луѓето и не само за спасение  на нивната душа, туку и за опстојување на човечкото тело. Современиот свет малку размислува за душата, бидејќи  страста или гревот кои ја разрушуваат душата воопшто не му се покажуваат како опасни. Но, современиот свет го признава како страст сè она што го разрушува човечкиот живот. А тоа се: страст кон пиење, кон дрога, коцка, блуд и слично. Во многу држави во светот постојат посебни  институции кои се борат против овие страсти и против овие современи зла.

Современиот свет се појавува како бесчувствен кон другите страсти и падови, кои, исто така, можат да бидат поразителни и кои го уништуваат човечкиот живот, а не само душата. И кога Црквата зборува и повикува на борба против гревот многумина не ја разбираат, а некои се потсмеваат, дури и  иронично се однесуваат, а најголемиот дел ја игнорираат како нешто неважно.

Страста е господарење над човечкиот дух и глас на телото. Се поставува прашање: Зошто е потребно да се надмине страста, за да би можеле да го следиме Христа и уште зошто е потребно да се надмине пристрасноста, за да може да се земе својот крст? Тоа е врската помеѓу господарењето на страстите и неспособноста да се надминат реалните страдања, кои што  многу јасно се нагласени со Словото Божјо. Човекот којшто  живее под власта на страстите не е способен да го носи својот крст. Тој е слаб и во него нема трпение, нема храброст, тој не е слободен, бидејќи страста господари над него. Да го земе својот крст може само духовно слободен и духовен човек. Затоа е потребно да се земе својот крст и да се одрече од себе, бидејќи без тоа одрекување не е можно да се носи крстот и  човекот не ќе може да се оддели од страстите. А тоа значи својата слободна волја која сме ја употребиле да Го избереме и следиме Христа, да ја потчиниме на волјата Божја и да се откажеме од самоволието и своето уверување дека нашето расудување и размислување ќе биде подобро и покорисно за нас, отколку ако ја исполнуваме волјата Божја. Со други зборови ние треба со покорност и скромност да го носиме крстот, т.е. да го поднесуваме сето она што Бог ни го допушта во нашиот живот. Носењето на крстот ни служи како искупување на нашите гревови, за да се очистиме од нив. Никаква епитимија, или казна, не може така да нè очисти, како што може нашето душевно сознание за нашата грешност и носењето на својот крст. Носењето на крстот е пат кој води кон Бога и спасение. 

И свети Јован ја исполнувал волјата Божја и не се плашел од никакви страдања, па затоа и својата храброст и оданост на Бога ја запечатува со изобличување на тогашниот цар Ирод, што го чинело и неговата глава. Неговата одлучност и неговата решителност да се спротивстави на гревот, на порокот и на неморалот, во ниту еден момент не била разнишана од некакви овоземни понуди. Тој никогаш не  се одрекол од вистинскиот пат, којшто е зацртан во законот Божји, запишан во тоа време во Стариот завет. Новиот завет и нашата света Црква нè обврзуваат на уште поголеми морални идеали и принципи, кои ги донесува нашиот Спасител Господ Исус Христос во новозаветната Црква. Затоа потребно е да се угледаме на ликот и делото на свети Јован Крстител и да научиме како треба одлучно и храбро да се спротивставиме на секој грев и како треба да постапуваме со секое искушение што може да нè снајде во нашиот живот.

Овие пораки и ова учење светата Црква го упатува кон сите христијани, без разлика на пол, боја, нација и образованост. Тие закони и прописи важат за секоја христијанска душа. Но, зборовите „кој сака да се откаже од себе и да Го следи Христа“, вечерва  се однесуваат и имаат особена тежина за браќата монаси кои ги зедоа монашките завети. Тие посебно се заветуваат дека ќе го земат крстот Христов и ќе Го следат. Затоа нека сфатат дека оваа порака доаѓа од Господа Исуса Христа, а тоа подразбира дека сите нивни искушенија, коишто неизбежно ќе доаѓаат во понатамошниот живот, да ги поднесуваат достоинствено, христијански, со пост и молитва и предавање во исполнувањето на волјата Божја, а отсекувањето на своето самоволие. Живеејќи во братство, и маките и страдањата и искушенијата полесно се пребродуваат, бидејќи и духовниот раководител им помага сите недоумици полесно да ги победуваат и надминуваат. Да се обратиме со искрена молитва кон свети Јован Крстител и кон светиите чии имиња монасите ги носат, тие на оние што ги почитуваат и слават, нека им бидат молитвеници, помагачи и поткрепувачи, та да можат животниот пат со носење на својот крст достоинствено да го изодат, а за добро на оваа света обител, за прослава на нашата света Црква и за спасение на нивните души. Амин!

Вечерна на Отсекување на чесната глава на св. Јован

11.09.2012 година, ман. „Св. Јован Крстител - Бигорски“ Дебар

otsbig2012

otsbig2012 2

otsbig2012 4

otsbig2012 6

otsbig2012 8

otsbig2012 10

otsbig2012 12

otsbig2012 14

otsbig2012 16

otsbig2012 18

otsbig2012 20

otsbig2012 22

otsbig2012 24

otsbig2012 26

otsbig2012 28

otsbig2012 30

otsbig2012 32

otsbig2012 34

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5