„Крстот е чувар на сета вселена, Крстот е красота на Црквата, Крстот е сила на царевите, Крстот е поткрепа на верните, Крстот е слава на ангелите и рана за демоните“ (светилен во среда и петок).
Бог, Творецот на сета вселена, постојано го повикува човекот, но, и го помага и го поткрепува во неговите патишта. Он не го создаде човекот за тој да умре и да се претвори во небитие, туку го создаде за вечен живот, за вечна радост и вечно учество во љубовта Божја. Токму затоа, не го остава и кога тој (човекот) ќе се откаже од Него, а плодот на најголемата Божја љубов е предавањето на Неговиот Син, нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој доброволно се предаде на распнување на Крстот и од орудие на срамот, го претвори во орудие на победата. Затоа и ние постојано се осенуваме со крстниот знак и велелепно го славиме празникот на Крстот.
latest Running Sneakers | off white nike blazer retail shoes Verona Multi-Color DJ5065-144 , Fitforhealth
На 26.09.2012 година, во навечерието на празникот Воздвижение на чесниот и животворен Крст Господов, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, беше отслужена свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритите Партениј и Јосиф, еромонасите Доситеј, Макариј и Еразмо, свештеникот Благоја Спироски, ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски и ероѓаконот Ефросиниј. Навечерието на овој празник донесе уште еден „војник Христов“, кој треба верно и со Божја помош и благослов да го носи својот крст во овој наш манастир.. Митрополитот Тимотеј изврши монашки потстриг и ја положи својата рака врз искушеничката Јасмина Зајакова од Битола, која како свое монашко име го доби името Ефимија. По завршувањето на вечерната, нашиот Митрополит се обрати кон верните, а особено кон новозамонашената, со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска се собравме во оваа света обител посветена на светиот великомаченик Ѓорѓи во Рајчица, за да прославиме еден од големите Господови празници, Воздвижението на животворниот Крст Господов. Почитувајќи го крстот Христов, ние го спознаваме вистинското значење на крстот, поточно на страдањата на нашиот Господ Исус Христос. Он на крстот претрпе неописливи страдања, маки, болки, шлаканици, биења, исмејувања, понижувања и подбивања и иронично исмејување. Он сето тоа доброволно го поднесе и претрпе, за да ги измие нашите гревови и нас грешните луѓе да нè спаси и избави од вечните маки.
Прославувајќи го крстот Господов, ние се збогатуваме со благодатта Божја и добиваме помош Божја, за да можеме нашите маки, искушенија, страдања и болести што нè снаоѓаат во животот полесно да ги поднесуваме. Нашите маки и болки се неспоредливо мали во споредба со Христовите, а ако пак, на тоа го додадеме и тоа дека Он страдал без никаков грев, односно бил безгрешен, а ние страдаме заради нашите гревови и заради нашето спасение, тогаш навистина тие се неспоредливи.
Честопати преку електронските и пишаните медиуми слушаме за големи катастрофи во современиот свет, некаде од водни стихии, некаде земјотреси, авионски несреќи и други непогоди во кои луѓето страдаат. Следствено ни се наметнува прашањето зошто толку страдања во овој свет? Но, да се присетиме на евангелската парабола кога: „Господ Исус Христос минувајќи, виде еден човек, слеп од раѓање. Учениците Негови Го прашаа и рекоа: Рави, кој згрешил – тој или родителите негови, та се родил слеп? Исус одговори: Ниту тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него“ (Јн. 9,1-3). Овој одговор не го разбрале доволно ниту учениците, а ниту ние, пак, денеска целосно го разбираме. Ние луѓето имаме наша логика и сè гледаме и расудуваме од наша гледна точка, а Бог има поинаков поглед и Неговите патишта честопати остануваат неразбирливи за нас. Да се сетиме само на старозаветниот многустрадален Јов, врз кого Бог допуштил надчовечки искушенија и страдања. Од извонредно богат човек со респект од сите луѓе и од хармонично многудетно семејство, Јов се разболува од крајно опасна болест, заради која сите се гаделе од него, а заради која и бил исфрлен на буниште. Но, тој сето тоа го претрпел и Бог повторно го обдарил со уште поголеми земни богатства, но, најважно од сè, со трпение, зашто ниту во еден момент не се спротивставил и не роптал против Бога, за што добил спасение на својата душа. Ние како верници знаеме дека Бог е многутрпелив и многумилостив и Он сака сите луѓе да се спасат, па затоа го чека грешниот човек да сознае дека е грешен и да се покае, а преку тоа да дојде до спасение на својата душа.
За да може денешниот човек да ги сфати Божјите планови, потребно е од своето срце и од својата душа да ги исфрли сите знајни и незнајни пороци, гревови и слабости, да ги отсече и исфрли од себе, па да почне со својата душа, срце и волја да го бара она што е небесно, вечно и непреодно, свето и возвишено и да го сврти својот поглед кон Бога.
На секој човек му е дадено да го носи својот животен крст. Господ Исус Христос ни порачува: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме последува“ (Мт. 16,24). Да се оди по Христа во денешното материјалистичко и конформистичко време, не е ниту малку лесно. Оној кој ќе одлучи да оди по Христа, пред сè, треба да е подготвен за многу искушенија и страдања, но и за многу одрекувања во овој материјален свет. Но, сите тие страдања и одрекувања имаат своја смисла само тогаш кога ќе решиме да го носиме својот животен крст, и ќе тргнеме по Христа и со Христа. Он ќе ни помогне нашиот труд и залагање секогаш да бидат корисни и да можеме да ги решаваме сите животни проблеми, искушенија и слично. Господ Исус Христос, по Неговото страдање, славно и победоносно воскресна и ја победи смртта и сите зла на ѓаволот. Неговата победа е и наша победа. Неговото воскресение е и наше воскресение. И ние ќе ги победиме сите зла во нас, сите наши беззаконија и ќе воскреснеме за вечен живот, но само ако мирно и достоинствено одиме по Неговиот спасителен пат, а носејќи го со Него, по Него и во Него нашиот животен крст.
За да нè утеши да не се плашиме во носењето на својот крст, нашиот Спасител во светото Евангелие според Матеј ни порачува: „Јас сум со вас до свршетокот на светот“ (Мт. 28,20).
Сè што кажавме за носењето на крстот и одењето по Христа се однесува на секоја христијанска душа. Но, вечерва овие зборови особено како поука нека ги прими сестрата која преку монашките завети го зеде крстот Христов. По молитвите на светиот великомачник Ѓорѓи, кој го понесе маченичкиот крст, Господ Бог да те укрепува и засилува во монашкиот повик, па достоинствено да го носиш својот крст по Христа и со Христа, а по застапништвото на твојата покровителка св. Ефимија, чие име го носиш, сега и во сета вечност. Амин!
Крстовден
26.09.2012 година, ман. „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица