На 09.01.2015 година, по повод празнувањето на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи" во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоерејот Темелко Донески, свештениците Петре Бојчиноски, Ристе Наумоски, Васко Голабоски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

best Running shoes brand | NIKE HOMME

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска светата Православна црква, го прославува светиот маченик и архиѓакон Стефан. Во раната Црква, апостолите ќе воведат повеќе и различни чинови. Тие чинови имале различни обврски и задачи, коишто требало да ги извршуваат во христијанската заедница. Меѓу нив биле презвитерите, коишто имале задача, да го проповедаат евангелието, и да ги извршуваат повозвишените работи во заедницата. Додека, пак, ѓаконите имале задача да се грижат за социјалната дејност во заедницата.

Во тоа време, сите христијани, коишто се крстиле и поверувале, живееле како во едно семејство, и сè што имале им било заедничко. Но, потребите и побарувањата, не биле подеднакви кај сите. При овие христијански заедници, за таа дејност и грижа биле задолжени ѓаконите. Прв меѓу таквите е архиѓаконот Стефан.

Овој ѓакон бил еден од седумте, коишто се спомнати во светото Евангелие. Се истакнувал според својата ревност и според своето оддано служење на Бога. Тој ќе биде прв сведок – маченик, за Христовото учење, којшто тоа ќе го потврди со својот живот. Ние знаеме, дека Црквата Христова во првите три века, до 313 год., пред Миланскиот едикт, кој ќе биде издаден од св. цар Константин, христијаните биле прогонувани и биле граѓани од втор и трет ред. Истите биле прогонувани по две основи.

Од една страна, од еврејските првосвештеници и од верските фанатици, затоа што го нарушувале Мојсеевиот закон. Проповедале нова вера, што се спротивставувала, односно била поинаква од нивното разбирање на Стариот Завет. Други гонители, пак, биле, римските императори, и нивните кнезови. Тие, пак, го проповедале и го почитувале многубоштвото и идолопоклонство-то, а како врховен бог на земјата бил самиот император. Па често пати, христијаните биле принудувани од римските власти да принесуваат жртви на разни кипови или идоли. Секој еден што ќе се спротивставел тоа да го стори, бил подложен на најразлични измачувања и убивања.

Св. архиѓакон Стефан е првиот маченик кој ќе пострада од еврејскиот гнев, затоа што не го почитувал Мојсеевиот закон. Затоа бил изведен надвор од градските ѕидини, и бил каменуван. Тој ги разбрал зборовите на Господа Христа, кој сака да Ме следи, нека го земе Мојот крст и нека оди по Мене. Достоинствено и чесно одел по Христа, Го проповедал и Го сведочел со својот живот. Припадноста на Христовата заедница ја покажувал со својата спремност, и својот живот да го даде, но од Христа нема да се откаже. Затоа Бог, ја покажал Својата милост кон него, и ја испратил Неговата благодат, енергијата и сила. Пред да го заврши својот живот маченички, св. Стефан ги видел небесата отворени и го видел Господа Христа како седи од десната страна на престолот Божји. Ова видение, кое овој маченик го гледал со своите физички очи, бил доволен доказ за гонителите на Црквата Христова да го каменуваат и да му го одземат овоземниот живот.

Поминати се повеќе од 20 века откако овој прв маченик за Христа го даде својот живот, а неговото име и неговата историја, постојано се проповеда во светата Црква Христова. А тој, пак, во хорот на Божјите угодници, го слави името Божјо.

Исто така, св. архиѓакон Стефан како прв маченик, светата Црква постојано го истакнува во сите наши храмови. Го гледаме неговиот лик, скоро во сите олтари на фрески. Но, исто така, го гледаме скоро на сите иконостаси на јужната врата светиот архиѓакон Стефан со кадилница во својата рака.

Светата Црква неслучајно го истакнува ликот на овој првомаченик. Од историјата знаеме дека за големи идеи, за големи дела, потребни се големи луѓе. Таа големина се покажува на повеќе нивоа. Се покажува преку пишување, со говорење, со работа итн. Но, малкумина се тие делатели за големите идеи, за големите потфати коишто го жртвуваат својот живот, со вера и надеж дека тоа е исправно и преку тоа ќе добијат награда и спасение за својата душа.

Св. архиѓакон Стефан е еден пример, којшто не го жалел својот живот за Христа и за христијанството. Затоа светата Црква го прославува, го истакнува како пример за сите нас, на кого треба да се огледаме и достоинствено да го носиме нашиот крст. Од нас, светата Црква и Господ не бараат мачеништво. Но, бараат искрено верување, чесно живеење, правење на добри дела и да бидеме христијани не само на збор и формално. Туку да бидеме христијани суштински, доколку сакаме и ние да спечалиме милост Божја, па да ги спасиме нашите души и да здобиеме вечен и блажен живот. Амин!

Св. архиѓакон Стефан
09. 01. 2015 год.
храм „Св. Георгиј" - Струга

svstefzim2015 1

svstefzim2015 3 copy

svstefzim2015 5 copy

svstefzim2015 7 copy

svstefzim2015 9 copy

svstefzim2015 11 copy

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1