„На Твојот Крст се поклонуваме Христе, и Твоето свето Воскресение го пееме и славиме“ пее денеска сета Црква и вселена. Дрвото на срамот стана Рајско дрво, кое како она во Едем, и нам денеска ни дава спасение и живот вечен. Затоа и на денот кога го прославуваме празникот на Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов, на 27.09.2012 година, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритите Партениј и Јосиф, еромонасите Доситеј, Макариј и Еразмо, ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски и ероѓаконот Ефросиниј. На овој прекрасен и величествен празник, Митрополитот Тимотеј благоизволи да го ракоположи ероѓаконот Ефросиниј во чин еромонах, со што братството на Бигорскиот манастир се збогати со уште еден извршител на светите Тајни. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | Best Nike Air Max Shoes 2021 , Air Max Releases and Deals

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска светата православна Црква го прославува Воздвижението на животворниот Крст на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Како што знаеме, крстот во Римската империја бил облик за казнување на најголемите престапници и грешници. И нашиот Спасител Господ Христос, бидејќи бил обвинет од страна на Јудеите, првосвештениците, книжниците и фарисеите како најголем престапник на Мојсеевиот закон, бил осуден како најголем грешник да биде распнат на крстот, како на орудие на срамот, и тоа заедно со двајца потврдени криминалци и разбојници, познати на севкупната тогашна јавност. Господ Христос е безгрешен, без никаква мана или престап и Тој како Богочовек имал и сила и моќ да не биде подложен на вакви маки и страдања и распнувања, но од преголема љубов кон човечкиот род, доброволно прифаќа да биде издигнат и распнат на крст. Со Неговото распнување на крстот и со проливање на Својата пречиста Крв, Христос го осветува и просветува крстот и ќе му даде поинакво значење како симбол на христијанството и ќе го обдари со благодатна сила и моќ, та сите што ќе го почитуваат и ќе му се поклонуваат да наоѓаат изобилство на духовна и телесна помош и спасение на нивната душа.

Светиот крст во нашата света православна Црква има необјаснива и недостижна сила и моќ Божја. Затоа и свети апостол Павле појаснува дека проповедта за крстот ги надминува сите човечки мудрувања и дека крстот за оние што загинуваат е лудост, а за оние што се спасуваат сила Божја. Со разумот тоа е неможно да се постигне и да се разбере. Самољубивиот човек кој го прима само тоа што е достапно, и тоа само според своите сфаќања и разбирања, подготвен е да ја отфрли таквата проповед. Но, крстот Христов е таква појава и дејство на сила и благодат Божја која делува на еден поинаков начин. Кога човекот ќе ја отфрли својата надменост, гордост и самозадоволство, кога ќе проникне и ќе ја разбере и сфати својата грешност и сиромаштво, кога ќе ја сфати бесцелната бесмисленост на животот без добри дела и љубов кон Бога и луѓето и кога во неговото срце ќе почувствува потреба за молитва заради опростување на гревовите, дури тогаш ќе почувствува дека во неговата душа дејствува благодатната сила на крстот Христов. Тогаш ќе започне да ја открива во духовен поглед смислата и значењето на крстот и преку тоа ќе најде смислата на својот живот во овој свет.

Од една страна, сите овие морални принципи и законитости можеби се многу тешки и несфатливи за разбирање, но, од друга страна, тоа ни го олеснува искуството на светата Црква, која веќе 2000 години ни дава премногу аргументи и факти за силата и благодатта Божја која се пројавува преку светиот, чесен и животворен крст Господов. Да се потсетиме само дека на денешен ден и Марија Египетска сакала да влезе во Ерусалимскиот храм, во време кога многубројни христијани од сите краеви на светот доаѓале да се поклонат на чесното дрво, но сила Божја ја задржала и не ñ давала да пристапи поради нејзиниот општопознат неморален живот. Но, кога во нејзината душа се јавува сознанието и подготвеноста да побара прошка за своите престапи и за својот изминат неморален живот, тогаш Божјата благодат се јавува врз неа и ñ дава можност да пристапи, да се поклони, да го целива, но и сила да може да замине во пустина и во строг пост и молитва да ги покае сите нејзини гревови од минатото и да се упокои како ангел во тело.

Благодатната сила на крстот Господов дејствува во Црквата Христова од Воскресението па сè до денеска. Таа и денеска е спасителна, бидејќи во Светото писмо се вели: „Господ Исус Христос е ист и вчера и денес“. Тој секогаш нè милува и сака да се спасат сите луѓе, но чека од нив да се обратат со молитва и со покајание, за Тој да ја излие својата благодат преку животворниот крст, со кој како со меч се сечат сите наши зла и недела.

Драги браќа и сестри, пред да го целиваме светиот животворен крст Господов, да се преиспитаме дали и ние со нашите престапи и гревови, без покајание и без молитва пристапуваме кон светиот и животворен крст, и ако така пристапуваме да се покаеме и да побараме прошка и милост од Бога, а Бог преку животворниот крст да ни даде солзи на покајание и очистување, за да одиме по вистинскиот Христов пат, којшто води кон Царството небесно. На крстот Твој се поклонуваме Христе. Амин!

Крстовден

27.09.2012 година, ман. „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица

krslit2012

krslit2012 2

krslit2012 4

krslit2012 6 1

krslit2012 8 1

krslit2012 9 1

krslit2012 11 1

krslit2012 13 1

krslit2012 15 1

krslit2012 17 1

krslit2012 19 1

krslit2012 21 1

krslit2012 23 1

krslit2012 25 1

krslit2012 27 2

KRSNED2012

KRSNED2012 2

KRSNED2012 4

KRSNED2012 6

KRSNED2012 8

KRSNED2012 10

KRSNED2012 12

KRSNED2012 14

KRSNED2012 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1