Меѓу различните служби што постоеле во раната Црква, постоеле, и постојат и до ден денес, служби што во Црквата не може да бидат укинати. Грижата за тие служби, согласно Божјата волја, се наоѓала во рацете на помесните цркви. Тоа се епископската, презвитерската и ѓаконската служба. Секоја локална црква самата се грижела да не остане без нив, особено без епископската служба, без која Црквата не може да постои. После смртта на едни лица се поставувале други, и на тој начин епископската служба непрекидно се чува во Црквата уште од апостолското доба.

Running sneakers | Nike Air Force 1 Low White Grey Gold - CZ0270-106

И кај нас, во Македонија, уште од апостолот Павле, преку архиепископите на славната Охридска Архиепископија, па сè до ден денес, во лицето на Македонската православна црква, се одржало ова апостолско преемство. И тоа не престанува да се одржува и понатаму, зашто паствата секогаш имаат потреба од нови пастири. А сè што се случува во православната Црква, се случува на Литургијата, зашто само преку учеството во Телото и Крвта Христови се потврдува единството на Црквата и се дава „печатот на Духот Свети“.

На 07.10.2012 година, денот кога го прославивме споменот на сите македонски светии, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на светата архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на членовите на САС на МПЦ и многубројно свештенство од Македонија и од дијаспората, од рацете на Архиереите на нашата света црква, беше ракоположен новоизбраниот Епископ Велички Јосиф (Тодороски). Откако новоизбраниот Епископ ги прочита трите дела од Архиерејското исповедание на верата и ја потврди својата послушност на светата Македонска православна црква, на одреденото место од Литургијата се изврши ракополагањето, а на крајот од Литургијата, Архиепископот, од архиерејскиот трон, изговарајќи поздравно слово, му го предаде архиерејскиот жезол на Епископот Јосиф со зборовите: Прими го овој жезол, за да ја пасеш поверената ти паства Христова и на оние кои те слушаат биди им жезол и поткрепа, непослушните, пак, и неразумните упатувај ги кон поправка, кротост и послушание, та во должна одданост да живеат. Архиепископот изговори и поздравно слово, во кое меѓу другото, на епископот Јосиф му порача: Помагај секому за и Бог да ти помага во твоето служење! Со своите дела и постапки биди постојана радост за нашиот народ - радувај го во Господа! Знај, Царството Божјо не е во зборови, туку во сила (1 Кор 4, 20), односно во силни - големи дела! Живеј достојно за Христа и Неговото благовестие (Фил 1, 27) и угледај се на достојните богослужители и богоугодници од нашиот род и во Црквата Христова!Внимавај, зашто низ времињата, во име на вистината, биле изречени многу невистини, и во име на правдата, биле извршени многу неправди! Ние, како македонски народ и Црква, за жал, и денес гледаме како се извртуваат вистината и правдата кога се во прашање МПЦ, нашето име, култура, историја и сѐ што е македонско. Биди долготрпелив и живеј со надеж! Како млад не плаши се од претстојните обврски, зашто со тебе е Оној Кој те избра и те обдари со Светиот Дух, и сè ќе можеш преку Христа, Кој ќе те поткрепува (Фил 4, 13). Чекори храбро, придружуван од божествената благодат, која секогаш ги лекува немоќите и ги надополнува недостатоците, којашто од слабите прави силни и од грешниците воздига свети. Заедно со браќата архиереи, свештенослужителите, монасите и верниот наш народ придонесувај за доброто на нашата света Црква и татковина, а за слава на Бога и Неговите светии.

Архиепископот Стефан, според востановениот обичај, го дарува новоракоположениот Епископ Велички Јосиф со крст и панагија, а го даруваа и Митрополитот Тимотеј, кој му подари прекрасно црвено одејание, митра и панагија, Митрополитот Петар му подари мало одејание, а Митрополитот Иларион му подари полно архиерејско одејание.

Литургијата и свеченоста завршија со пристапната беседа на новоракоположениот Епископ Јосиф, која интегрално ви ја пренесуваме.

Епископ Велички Јосиф

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! 

Ваше Блаженство, Ваши високипреосвештенства, Ваше преосвештенство,
Сечесни отци и богољубиви монаси,
Возљубени во Господа, браќа и сестри.

Денес сите ние сме сведоци, а истовремено и учесници на овој свештен литургиски собор во овој древен храм на некогашната Охридска Архиепископија. Денес сите ние преживуваме и доживуваме историја и сегашност, доживуваме стагнација, но и континуитет, доживуваме радост во слава на Бога. Овој храм преживеал многу, тој е сведок и на мир и на војни, и на тага и на радост, и на постоење и на уништување, но и на повторно обновување, на воскреснување. Благодарение на Бога, а во Негова слава и благодарение на нашите предци, овој храм, еве, повторно е сведок на она за што бил изграден да го доживува – во него, во слобода да Му се служи на Бога, да живее Црквата и да живее верно и заедно народот Божји, свештенството и лаосот. И, еве, денес овој храм се радува, зашто е сведок за една искрена и благословена желба – тоа што пред 45-години беше возобновена нашата мајка – Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Се радува поради тоа што во него повторно се живее полн литургиски и црковен живот, што повторно се причестуваат верници, се ракополагаат свештеници и се хиротонисуваат епископи – кои се гарант за постоењето на една автокефална Црква.  

Свети апостол Павле за епископоството вели: „тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа“, но колку се опоменувачки и трезвени зборовите во понатамошниот текст: „Епископот треба да е непорочен... разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува, не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и несреброљубив“ (1 Тим 3/1-3). Светиот Игнатиј Богоносец, чиј живот и служба во Црквата се пример за секој епископ, вели: епископската служба е возвишен призив, и оној што е повикан на вакво служење, облечен со благодатта на епископскиот чин, треба да се грижи за единството на Црквата, кон сите да биде трпелив во љубовта, непрестајно да се посветува на молитвите, барајќи од Бога мудрост; да ги носи болките на сите, како совршен подвижник, зашто каде што има поголем труд, таму и духовната добивка е поголема. Особено да се потруди ништо да не прави без Бога, и често да го собира верното стадо на литургиски собири. За секој од нас треба да биде мотив она што се вели во светото Евангелие: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Мт 5/ 16). Значи сè да правиме во слава на Бога, а најмалку, би рекол воопшто, за своја корист. Епископот е добриот пастир, кој се грижи за своето словесно стадо. Епископот е икона на Христос во Црквата и како што Христос, како Жених, се принесе себеси за Црквата, така треба и епископот да се принесува за Црквата, народот Божји. Епископот заборава на себе, на својата волја, на својата желба – едноставно се заборава себеси, за да го носи крстот на сите.

Знаејќи ги овие работи, кој смее да се осмели на едно такво дело, особено јас, грешниот, недостојниот и непотребниот слуга Божји? Ако се прашувам само јас, знам дека сега немаше да говорам од овој свет амвон. Но послушанието е важен и особен мотив за секој православен христијанин. Треба да бидеме послушни на Црквата и на волјата на светиот архиерејски собор на нашата МПЦ. Послушанието раѓа чудесни и неописливи плодови. Послушанието е, всушност, отсекување на нашата волја, а прифаќање на волјата Божја!

Јас се одлучив да и служам на Црквата, како и кога и да ме повика... Но на овој пат особено ми се потребни вашите молитви, верни браќа и сестри на нашата Црква, за да останам пред сè човек и за да бидам добар епископ. А за овој позив, најпрво Му благодарам на Христа Бога, Кој си спомна за мене во својот божествен Домострој, потоа на Пресветата, Пречистата, Преблагословената славна Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија, Која како свое чедо ме чува со своите молитви. На светиот славен пророк и претеча Јован Крстител, од чијшто манастир доаѓам. Најискрена благодарност до возглавителот на тој свет манастир, отец Партениј, заедно со моите браќа и сестри од најголемата македонска духовна матица – Бигорскиот манастир, кој правилно ме воведе во огнот на подвигот и на животот и ми ја покажа љубовта со која Бог сите нè милува, ми го покажа и докажа најпотребното – живото предание на Црквата. Многу ме научи и на многу ме заложи. Во манастирот научив што е молитва, научив што е послушание, гледав што значи да живееш за другиот... Таму се видов себеси и во најдлабока побожност, но и во најниска гревовност. Но, сепак, топлата татковска и несебична поддршка и поука на мојот духовен отец - игуменот на манастирот, и искрената љубов и желба за простување на моите браќа, беше и останува моја сатисфакција, моја утеха и моја цел. Зашто само оној што ја видел и доживеал искреноста во животот, ќе научи како да ја дава, но ќе знае и како да се спротивстави на неискреноста, на злобата, на суетата, на немањето страв Божји и вера.

Голема благодарност и до митрополитот Тимотеј, кој уште од моите средношколски денови особено се залагаше за моето образование и секогаш бев пазен под покровот на неговиот архипастирски омофор. 

Особена благодарност до нашиот блажен архиепископ Стефан за тоа што благоизволи да го прими моето недостоинство за свој викарен епископ. Тој како вистински голем татко го закрилува во својата прегратка секое верно чедо, но и како оној човек Македонец, од видението на светиот апостол Павле, смирено стои пред престолот на Севишниот Бог и се моли за својот народ. 

Во таквите јуначки подвизи – во молитвата за секого и сè, е нашата сила, со која ќе им одолееме на сите искушенија. Тешко му на оној народ кој нема јунаци да се молат за него. Но верувајте, возљубени браќа и сестри, дека овој наш народ има такви јунаци. Доказ за тоа е токму денешниот спомен кој го славиме, Соборот на сите македонски светители, кој веќе беше и наскоро ќе биде збогатен со уште светители од македонската земја, чија канонизација ја подготвува и објавува Македонската православна црква.

На Црквата и требаат смели луѓе. Денес, како и секогаш, на Црквата и требаат луѓе што ќе знаат да се спротивстават на себе самите, на својата желба и похота. Ќе треба секогаш да го имаме предвид она кон што нè повика еден современ богослов: Да се вратиме кон светите отци, да се вратиме кон нивниот ум; Ветувам дека поткрепен од Духот и по вашите молитви ќе ја претставувам Црквата вистински и тука во храмот, на Литургијата, и по Литургијата, и ќе го порачувам тоа и на верните, а особено на свештениците. 

Браќа и сестри, „мојата душа го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога Спасителот мој“ (Лука 1,46-47). Зарадувајте се и вие со мене и, уште еднаш ве молам и се смирувам пред вас, непрестајно молете се за мене, за да бидам достоен пастир на словесното стадо, за секогаш да останам во чистотата на Црквата, во словото на Евангелието и во духот на светоотечкото предание, никогаш не заборавајќи го монахот во себе. Да не даде Бог никогаш да не ја изгубам вашата љубов, туку духовно спокоен да ја започнам својата епископска работа, сеоддано служејќи ви вам, заради кои и ми се даде овој благослов. 

А на Бога, прославен во Три Лица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Му принесувам непрестајна слава и Го молам да ме раководи во овој и да не ме заборави во идниот век. Амин!

На многаја лета јубилејот на нашата света Црква!

Собор на сите македонски светители
07.10.2012 година
храм „Св. Софија“ Охрид

Подготвил:
о. Н.Х.

hirjosif

hirjosif 2

hirjosif 4

hirjosif 6

hirjosif 8

hirjosif 10

hirjosif 12

hirjosif 14

hirjosif 16

hirjosif 18

hirjosif 20

hirjosif 22

hirjosif 24

hirjosif 26

hirjosif 28

hirjosif 30

hirjosif 32

hirjosif 34

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1