„Со нас се радуваат сите небески чинови, откако оформија единствен духовен хор, гледајќи ја Царицата и Господарка на сите, славена од толку имиња на верници; се радуваат и душите на праведниците, кои беа гледачи на тоа видение, како во воздухот молитвено ги шири своите сечесни раце, барајќи мир за светот и спасение за душите наши“ (стихира на Слава, и сега... на Господи повикав... на Вечерна служба на Покров на Пресвета Богородица).

Running sport media | New Releases Nike

Опкружувана од божествениот сјај на пророците и апостолите, Мајката Божја постојано го пружи својот омофор и нè заштитува од сите зла и неволји. Пречистата секогаш ги закрилува оние кои со искрена молитва и чисто срце се обраќаат кон неа. Тоа ни го сведочат безбројните спомени и чуда, што светата Црква низ текот на годината ги прославува. Едно од нив е и чудото во храмот во Влахерна, посведочено од светиот Андреј Јуродив и неговиот ученик Епифаниј, познато во Црквата како Покров на Пресвета Богородица. По повод овој Богородичен празник, на ден 14.10.2012 година, во параклисот во митрополитската резиденција во Охрид, посветен на овој празник, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештеникот Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј им се обрати на присутните верници со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква денеска прославува еден од Богородичните празници, познат како Покров на нашата Владичица, Пресвета Богородица. Овој празник, воспоставен од православната Црква, почива врз основата на едно чудо што се случило во почетокот на 10 век, поточно во 910 година, кога Цариград бил нападнат од Сарацените. Тогашниот цар Лав Мудри немал никакви перспективи да ја одбрани оваа православна Византиска столица со реални овоземни сили. Непријателот бил поброен во секој поглед, поорганизиран, поснабден со оружје и на жителите на Цариград не им останувало ништо друго, туку да се обратат со молитва во храмот Влахерна и да молат спас на Царскиот град. Во истата црква со многубројниот народ се молел и Андреј Јуродиви, заедно со неговиот ученик Епифаниј. За време на молебенот, што го извршувалo свештенството, јуродивиот Андреј го запрашал својот ученик дали ја гледа Пресвета Богородица како го раширува својот небесен омофор над градот и народот, а самата, пак, блеска во сјај небесен што овоземните очи не можат да го гледаат? Ученикот Епифаниј го потврдил истото видение, а утредента многуилјадната наоружана сараценска војска се растурила, како и никогаш да не била. Така, Пресвета Богородица ги избавила од страдања и од уништувања и градот и народот. Во чест на ова видение и чудо, светата Црква го воспоставила овој празник, познат како Покров на Пресвета Богородица.

Ние знаеме од Светото писмо дека нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да биде издигнат и распнат на крстот, Својата Пресвета Мајка ја доверува на свети Јован Богослов со зборовите: „Жено, ете ти син“ (Јн. 19,26), а на него, пак, му вели „Ете ти мајка“ (Јн. 19,27). Преку овие зборови Самиот Спасител, Господ Исус Христос, нè учи дека Неговата мајка, која телесно ќе Го роди и ќе Го одгледа, е Мајка и на сите христијани, бидејќи нејзината улога е огромна и неспоредлива во спасителната мисија на човечкиот род. Првото чудо што Господ Христос ќе го направи додека го проповедал Евангелието и одел од град во град, од село во село, и го поучувал народот со дело и со збор, ќе биде на молба на неговата Мајка во Кана Галилејска. Таа ќе Му каже дека луѓето немаат вино, а Нејзиниот Син ќе и одговори „Уште не дошол Мојот час“ (Јн. 2,4). Но, Богородица ќе им рече на слугите: „Сè што ќе ви рече направете“ (Јн. 2,5). Тогаш Господ Исус Христос ќе ја претвори водата во вино и нема да дозволи свадбената радост да се намали, туку напротив уште повеќе ќе ја зголеми, благодарение на молбата и прозбата на Пресветата Богородица.

Ако светата Мајка Божја имаше сила и храброст да го моли својот Син и наш Бог, Господ Христос, за време на овоземниот живот, тогаш таа има уште поголема сила на небото и да моли, но и да бидат услишани нејзините прозби и молитви за луѓето. Затоа и на третиот ден по своето Успение, таа им се јавува на апостолите во воскресенска слава и им вели: „Радувајте се, јас сум со вас во сите дни“. Исто така, и од житијата на нашите свети угодници, имаме безброј сведоштва како света Богородица се јавува во небесна слава, придружувана од хорови на ангели и архангели, а следена од светите апостоли, светиот Јован Крстител, светиот Никола Мирликиски и други Божји угодници.

Во Влахерна имало многу луѓе кои нејзе и се молеле за личен спас и за спас на градот и земјата, но со нивните телесни очи не можеле да ја видат, а ја виделе само Андреј Јуродиви и неговиот ученик Епифаниј, зашто тие биле очистени од секакви гревови и од секакви искушенија и живееле духовен, очистен, просветен и осветен живот. Затоа само овие двајца биле удостоени и со телесните очи да ја видат Богородица како го закрилува градот и народот и како го разбива непријателот кој го напаѓа Цариград. Преку овој пример и светата Црква нè поучува и нас дека не може секој што и се обраќа со молитва да го има тоа видение и да ги слушне утешните зборови, бидејќи честопати ние од една страна ја молиме Богородица и Божјите угодници и бараме помош, но од друга страна не се откажуваме од нашите грешни и гревовни постапки и живеење, па затоа и ја немаме таа благодат и нашите духовни очи не се отворени во доволна мера, за да можеме да измолиме и да го испросиме тоа што го бараме. Пресветата Богородица помага и ги слуша сите молитви на секој верник, кој со искрена вера, надеж и љубов и се обраќа за помош. Но, како услов, пред да бараме нејзина помош, таа чека од нас да го отсечеме гревот, да го отфрлиме злото, да се исповедаме со солзи покајни, та очистени и измиени да и се обратиме, ако сакаме нашите молби и прозби таа да ги претстави и да ги принесе пред нејзиниот Син, Господ Исус Христос.

Да го земеме и примерот со Мојсеј од Стариот завет, кој како претставник на еврејскиот народ бил удостоен да го види лицето Божјо на Синај и да ги добие десетте Божји заповеди. Но, кога народот се посомневал и почнал да прави идоли и златно теле и ним да им се клања наместо на Бога, Бог се оддалечил од Мојсеја и му рекол дека Неговиот гнев е врз нив. Преку овој пример светата Црква нè повикува и нè поучува како треба со цврста, непоколеблива и истрајна вера и надеж да се обраќаме во нашите молитви кон Бога и Богородица, ако сакаме нашите молитви и прозби да бидат услишани и исполнети за доброто на нашите души, на нашата света Црква и на нашата родна лулка. Да и се обратиме на Мајката Божја, таа да нè има под нејзин покров, да нè штити од секакво зло, да ни ја зацврстува верата и љубовта, та да можеме подостоинствено да го изодиме патот со правење на добри дела и да ги спасиме нашите души. Амин!

                                                                                         Покров на Прес. Богородица
14.10.2012 година
Параклис „Покров на Прес. Богородица“
Митрополитска Резиденција, Охрид

pokr2012

pokr2012 2

pokr2012 4

pokr2012 6

pokr2012 8

pokr2012 10

pokr2012 12

pokr2012 14

pokr2012 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1