„Сè си отфрлила од овој сегашен, лажлив и краткотраен живот кој бргу минува, и пламенот на страсниот оган си го згаснала; со непрестајно умиление и прилежно молење си ги достигнала бесплотните чинови, и со отворено лице ја гледаш славата Божја. Него, преподобна Параскево, моли Го, да ги спаси и просветли душите наши“ (стихира на стиховни на Вечерна на преподобна Параскева).

На 27.10.2012 година, денот кога го прославуваме споменот на преподобната Параскева, големата испочничка и подвижничка, во манастирот „св. Петка“ во с. Велгошти, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Кипријанов и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Кон многубројниот верен народ, кој има големо почитување кон преподобната Параскева, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sport media | New Balance 991 Footwear

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во светото Евангелие ги повикува Своите апостоли со зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе својот крст и нека оди по Мене“ (Мар. 8,34). Господ Христос со овие зборови ги повикува сите луѓе, притоа не правејќи разлика помеѓу учени и неучени, сиромаси и богати, грешни и праведни, и не правејќи никаква разлика според класните слоеви. Нашиот Спасител дојде на овој свет од љубов кон луѓето, пострада за човечкиот род и ја пројави Својата безмерна љубов кон нас. Затоа сите сме повикани, но имаме и слобода сами да го избереме патот или да не го избереме. Тој никого не принудува. Тој вели „кој сака“, бидејќи на сила не се придобиваат следбеници. На сила може само нешто да се одземе, но не и нешто да се даде. Цената на моралниот подвиг е да се откажеме од нашата слобода  и да се определиме за доброволно одрекување од себе и следење на патот на Господа Исуса Христа.

Исус Христос поставува три основни услови за секој еден кој сака да Го следи и да прими живот вечен, односно да добие  спасение на својата душа. Како прво, потребно е секој еден кој има смелост и храброст да Го следи Христа да се откаже од себе. Самоодрекувањето е неопходно за да може да се отиде по тој вистински и спасителен пат. Ние мораме да се откажеме од самољубието, од егоистичното јас, од суетните желби, желбата за богатство, жедта за власт и за секоја страст и од сето она што нè влече кон грев. Сето ова треба да го отсечеме, да го отфрлиме и да го заборавиме, ако сакаме да Го следиме нашиот Спасител. Целта е света - спасението на душата, а свети треба да бидат и средствата за нејзино постигнување. Тоа е одрекување од гревовните наклоности и следење на доброто, на возвишеното, на хуманото. Тоа подразбира да се победиме себеси со сите свои слабости, со сите свои гревовни наклоности. Ние луѓето, потонати во нашите слабости и гревови, тешко ќе можеме со свои сили, а без помош Божја сето тоа да го оствариме  и да се одлепиме од злото и гревот во овој свет. Затоа и ап. Павле во посланието до Римјаните вели: „Зашто не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам“ (Рим. 7,19). Токму така постапуваме и ние во нашиот живот, но треба секогаш да се стремиме кон она што нè приближува кон Бога, а не кон она што нè оддалечува и прави ограда која нè попречува да се доближиме, да Го засакаме и да Го следиме Господа Бога. Затоа Господ Христос ни дава заповед во Евангелието, со која нè насочува кон важноста за спасението: „Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Мт. 16,26).

Како втор услов за следење на Христа е да се земе својот крст. Носењето на својот крст подразбира сите згоди и незгоди, сите радости и таги, сите убавини и жалости што ќе нè снаоѓаат во нашиот живот, да ги носиме со трпение, онака како што животот ни ги налага. А животните крстови се различни, едни се потешки, други полесни. Едни се со телесни слабости и болести, други со непријатности во животот, со слабости, беди, сиромаштии и слично. Нашата вера бара од нас животниот крст да го носиме трпеливо и со молитвен повик за помош Божја. Ние никогаш не треба да ги заборавиме зборовите на Господ Исус Христос „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мт. 11,28-30). Ако човек го понесе својот крст со сознание дека тој крст е негов и дека не може никој друг да го носи, туку тоа му е дадено од Бога, тогаш и покрај тежината и маката, Бог ќе му даде сила и надеж да може истиот да го носи, бидејќи него го носиме заради нашите гревови. Тогаш и Божјата благодат ќе ја поткрепува тежината на крстот, односно  страдањата и маките човекот ќе ги поднесува со леснотија.

Трет услов е да Го последуваме Христа. Како луѓе можеме да страдаме, да патиме, да боледуваме и сето тоа да го поднесуваме не роптајќи, или, пак, да го поднесуваме водени од други идеали, политички, идеолошки, национални, но ако не го правиме тоа како следење на Христа, не можеме да бараме ниту награда од Господа. Носењето на крстот без Христа не ни донесува спасение на нашата душа.

Како пример за носење на крстот, за страдањата, за подвизите и жртвите што ги направила, ни сведочи и нè поучува и животот на светата преподобна Параскева- Петка. Како што знаеме од нејзиното житие, таа биле родена во Епиват, денешна Турција, од релативно богати родители и откако починале нејзините родители, го продала својот имот, парите ги разделила на сиромаси и се упатила на монашки подвиг, најпрво во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што ќе живее во сиромаштво, во подвизи, во маки и немаштии, но сè свесно од љубов кон Христа, а со желба за спасение на нејзината бесмртна душа. Нејзиниот подвиг толку ќе го изнемошти нејзиното тело, што таа при крајот на својот живот ќе се врати во својот роден крај, но никој од жителите нема да ја препознае, туку ќе ја третираат како туѓинка и непозната и така, како непознат човек и ќе биде сохранета, надвор од гробиштата. Откако ќе се прослави, нејзиното тело ќе биде пренесено најпрво во Цариград, а потоа ќе биде пренесувано во повеќе места, во Бугарија и Србија, за денеска да почива во Романија во градот Јаш, каде што безброј чуда секоја година се случуваат на нејзините свети мошти.

Драги  браќа и сестри, и ние да се поучиме од животниот пат на преподобната Параскева – Петка, од тоа како таа храбро и достоинствено го зела својот крст и Го следела Христа до последното издихание, а Бог, пак, заради нејзината верност, оданост и достоинствено носење на својот крст, ја обдарил со благодатна сила, за да може  на секоја христијанска душа што со вера и лубов ќе и се обрати за помош, да и помага и да ја упатува на вистинскиот пат за следење на Христа. По нејзините молитви, Бог нека ги услиша нашите прозби и нека ни дарува сè што добро и спасоносно за нашите души. Амин!

Петковден
27.10.2012 год
ман. „Св. Петка“ с. Велгошти, Охрид

photo 1

photo 1 1

photo 1 copy

photo 2 1

photo 3 1

photo 4

photo 5 1

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1