На 17.11.2012 година, денот кога го празнуваме свештениот спомен на светиот Јоаникиј Велики, беше осветен храмот „Св. Архангел Михаил“ во с. Могилец, Македонски Брод. Според Црковните канони, храмот беше осветен пред почетокот на светата Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Игор Никовски, свештениците Боге Богески, Марко Трпкоски и Саше Костадиноски и ѓаконот Васко Голабоски. Храмот е изграден уште во далечната 1919 година, а фрескоживописот, чиј автор е г. Гоце Милески од Македонски Брод, се завршил оваа година. Изградбата на храмот и негово завршување е по иницијатива и доброволни прилози на верниците од селото и пошироката околија, како и по заложбите на г. Стојанче Трпески и членовите на црковниот одбор: Љупче Синадиноски, Милисав Димоски, Анѓеле Веселиноски и Гоце Веселиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

affiliate tracking url | Women's Designer Sneakers - Luxury Shopping

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска сме собрани во овој свет храм посветен на свети Архангел Михаил, изграден на почетокот на минатиот век. Поради разните тешки околности, истиот не бил довршен и не бил подготвен да биде осветен и да постане дом Божји или света црква Христова, во вистинска смисла на зборот. Благодарение на заземањето на благочестиви христијани кои потекнуваат од ова сиромашно, но благородно село, овој храм се приготви и денеска, според утврдениот поредок на светата Црква, го осветивме. Тој денес постанува место за средба со Бога, место каде што сите православни верници кои тука влегуваат, ќе се молат во него, ќе ги исповедаат своите слабости, маки, болки и ќе го почувствуваат Духот Божји, благодатта и утехата Божја и присуството на Самиот Бог, преку раздавањето на Неговата Божествена благодат. Црквата е дом Божји, тоа е место каде што Бог постојано престојува. Човек може да се моли на секое место и Господ, нашиот Бог, да ја послуша искрената, чистата и вистинска молитва, но Тој особено ги сака, ги милува и ги услишува молитвите во Неговите домови, во црквите и манастирите. Бог ја сака индивидуалната молитва, бидејќи Тој е на секое место и во секое време, но особено ја сака заедничката молитва, бидејќи во Светото писмо се вели: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Мат. 18,20).

Нашиот Промислител, Господ Бог, кога го создал светот и сè што е во него, го поделил на видлив и невидлив свет, односно телесен, или оној што можеме да го допреме и видиме, и невидлив, односно бестелесен. Токму на тој бестелесен свет, поточно на светиот Архангел Михаил, е и посветен овој свет храм. На секој човек Бог му дава по еден небесен ангел кој го штити, чува, пази и води по патот на спасението. Тој ангел чувар нема сила принудно да прави нешто со нас. Онака како што и Христос бара наша согласност, наша слободна волја да се определиме за Него и да го следиме Неговиот пат, така и нашиот ангел чувар нè наведува и ни укажува да се определиме за Христа. Тој нè учи да се определиме за доброто, за возвишеното, за светото и спасоносното. Доколку го послушаме тој внатрешен глас што постои во нашето битие, односно во нашата совест, тогаш ангелот Божји појасно и поцврсто пристапува и нè раководи и нè изведува низ сите животни премрежија на патот којшто води во Царството небесно. Светиот Архангел Михаил, пак, е началник на многуилјадни ангели и архангели и тој е предводник на овој небесен невидлив свет. Небесните ангели имаат сила и овластување од Бога да се застапуваат и да се грижат за поверените им души и да ги запазуваат од секакви напаѓања, искушенија и страдања, но само доколку ние луѓето им се обраќаме со искрена молитва и бараме нивно содејство за наше спасение.

Домот Божји, без разлика на кого е посветен, служи за разговор со Бога, за молитва, за добивање на светите Тајни и црковни молитвословија, за извршување на светите богослужби, а пред сè, на светата Литургија. На неа, Господ Исус Христос, во вид на леб и вино, на чудесен и таинствен начин ни го предава Своето вистинско Тело и вистинска Крв, а ние, примајќи ги преку светата причест, се соединуваме со Христа и постануваме едно Тело и еден Дух. Токму затоа Црквата Христова е света и спасоносна. Во светиот храм Божји секој човек полесно ја отвора својата душа, ги исповеда своите маки, страдања, измачувања. Тука се пролеваат покајни солзи за сторените престапи и гревови, тука се бараат и просат молитви за здравје на своите деца, за самите себе, за целиот народ и за секоја христијанска душа. Бог, пак, преку молитвите на Божјите угодници - на светителите, побрзо ги услишува молитвите и ги исполнува. И ние денеска да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја, која е наша покровителка, молитвеница, патеводителка и чуварка на нашите души и тела. Таа да нè земе под нејзиниот покров и под нејзината закрила. Па да можеме нашиот живот да го поминеме онака како што бара светата Црква, христијански, добродетелно, и да можеме да дадеме добар одговор на страшниот Христов суд. Кога ќе дојде денот да го напуштиме овој свет и да излеземе пред лицето Божјо, каде што секој еден од нас ќе добие справедлива награда според своите дела и постапки, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, да ни каже: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Мат. 25,34). По молитвите на светиот архангел Михаил, Бог нека ги услиши нашите молитви и нека ни подари сè што е добро и спасоносно за нашите души и тела сега и во сите векови!

Ја користам оваа прилика да искажам благодарност на црковниот одбор, којшто се ангажира за реновирање, поправање и украсување на овој свет храм, како и на вас што дојдовте да ја споделите оваа духовна и црковна радост во овој есенски ноемвриски ден. Во нашиот народ се вели: „Кој на црква подарува, на Бога позајмува“, а Тој, пак, Семилостивиот, никого и никогаш не го остава без награда и стоструко возвраќа за она што е потрошено, во пари или работа. Да се обратиме уште еднаш со благодарност и со молитва кон Бога, Тој семилостивиот штедро да ги награди сите што се потрудија за овој свет храм. Благословението Господово да дојде на вас, со Неговата благодат и човекољубие, постојано - сега, и секогаш и во вечни векови. Амин!

17.11.2012 год.
храм „Св. Архангел Михаил“
с. Могилец, Мак. Брод

osvmog2012

osvmog2012 2

osvmog2012 4

osvmog2012 6

osvmog2012 8

osvmog2012 10

osvmog2012 12

osvmog2012 14

osvmog2012 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5