„Светата и Непорочна, од Светиот Дух се воведува во Светињата над светињите и хранета е од светите ангели, бидејќи е најсветиот храм на светиот наш Бог, Кој со нејзиното влегување освети сè и ја обожи паднатата природа на земните“ (стихира на Господи повикав... на Голема вечерна на Воведение на Пресвета Богородица).

На 04.12.2012 година го прославивме споменот на Воведение на Пресвета Богородица во Ерусалимскиот храм, познат кај нас уште како Пречиста. Во спомен на овој голем Богородичен празник, кој е почеток на Божјата милост и проповедта за спасение на луѓето, во храмот „Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Владо Недески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој речиси без исклучок пристапи кон светата Чаша. Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Кога Господ Бог ги создал нашите прародители, ги создал за вечност. Ги обдарил да живеат во заедница со Бог. Им дал можност да општат со својот Создател и да го гледаат Неговото лице. Но, поради непослушноста и поради отстапувањето од заповедта Божја, тие ќе бидат истерани од Рајската градина и ќе добијат плата за гревот - смртта. Престапот на нашите прародители има сеопшта важност за сите луѓе, независно од различноста, бојата, нацијата, местоположбата и слично. Со други зборови, сите ние како луѓе се раѓаме и умираме, бидејќи ја наследуваме таа прародителска клетва - во пот и мака да го заработуваме својот леб и за гревот да вкусиме смрт. Затоа и животната цел е спасение на душата, а тоа значи повторно враќање во првобитната состојба за која е создаден човечкиот род. Само на тој начин можеме да општиме, да комуницираме, да разговараме и да го слушаме Бога и да го гледаме Неговото лице.

Но, тоа не можеме да го направиме самите. За да го постигнеме спасението, Господ Бог одлучува да Го испрати Својот Син, Господ Исус Христос, во оваа долина на плачот. Го испраќа да прими човечко тело и да постане Човек, во сè сличен на нас, освен во гревот. Он Го испраќа за да живее меѓу луѓето, да проповеда, да основа Своја Црква, со свети Тајни во неа, како лекарства што ќе ни послужат за нашето избавување од гревот и престапот. Долго време Бог го подготвувал спасението на човечкиот род. Уште во Стариот завет испраќал вдахновени свети луѓе кои го навестувале доаѓањето на Спасителот и укажувале на законите и прописите кои треба да се исполнат, за да се вратат во тоа единство со Бога. Затоа имаме старозаветни праведници, пророци, учители, цареви, кои зборуваат јасно или со симболи, пред сè, подготвувајќи го израелскиот народ за дочекување на Месијата на светот, односно Господа Христа. Свети апостол Павле вели: „Кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син... за да ги откупи оние што се под Закон“ (Гал. 4,4-5).

За да се роди Господ Исус Христос, потребно било да се подготви чиста, невина, благородна, света душа, без никакви лични престапи. Таа требало да биде сецело предадена на Бога, очистена, измиена, да биде „почесна од херувимите  и пославна од серафимите“. Таква душа ќе биде Пресвета Дева Марија, која ќе биде удостоена да Го смести во својата утроба Несместливиот, Кој е поголем и поширок од сета вселена. Нејзината чистота и нејзината благост ќе биде скалило за спасение на човечкиот род. Господ Христос ќе се овоплоти како дете, како човек, за Кого Пресветата Мајка ќе се грижи, ќе Го храни, како претставник на севкупниот човечки род. Кога таа ќе биде повикана со зборовите на ангелот Господов: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!... ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус“ (Лк. 1,28 и 31), Пресветата, ќе одговори: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ (Лк. 1,34). Ангелот Господов ќе и рече: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото од тебе ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лк. 1,35). Таа, во име на целокупниот човечки род, потврдно ќе одговори: „Нека ми биде според твоите зборови“ (Лк. 1,38).

Овој момент на прифаќање на зборовите на светиот Архангел Гаврил, на оваа блага вест, претставува почеток на спасението на човечкиот род. И токму затоа, сите настани од животниот пат на Пресвета Богородица, нашата света Црва ги прославува: нејзиното раѓање, нејзиното успение, Благовештението, како и Воведението во Ерусалимскиот храм, чиј спомен светата Црква денеска го чествува. Како што знаеме, на тригодишна возраст Света Дева Марија, која била испросена со молитви од Бога од нејзините прастари родители Јаким и Ана, ќе биде одведена во Ерусалимскиот храм и предадена на првосвештеникот Захариј, на воспитание во истиот храм. Уште со самото доведување во Ерусалимскиот храм, таа покажува натприродни способности. На тригодишна возраст ќе ги искачи високите скалила на тогашниот Ерусалимски храм и сама, без ничија помош, ќе се најде пред влезот на овој величествен дом Божји. И самото нејзино воведување од страна на првосвештеникот во Светињата на светиите, зборува дека таа е избран сосуд Божји, дека таа е избрана за Мајка на Исупителот на светот, Господ Исус Христос.

Од секој празник треба да извлечеме јасна поука како треба да живееме и како да постапуваме во нашиот живот, за да ја вратиме таа изгубена присност со Семоќниот и Семилостивиот Бог. Првите прародители отстапиле од заповедта Божја и добиле казна. Таа казна сите ние ја наследуваме по автоматизам, но од нас Црквата Божја бара да живееме според законите и прописите што ги наложува Словото Божјо. И тоа не само одлуките од Вселенските и помесните собори, туку треба да живееме според нашата совест, според пишаниот закон кој постои кај секој нормален и здрав човек. Престап или грев е грешење или работење против својата сопствена совест, бидејќи секој еден има всаден елемент кој ни зборува што е добро, а што лошо. Но, ние, определувајќи се за лошото, за она што не е создадено од Бога, туку е создадено од нечестивиот, се навикнуваме да правиме грев, а со тоа се оддалечуваме од Бога, од Црквата и од Божјите угодници. Како што вели св. ап. Павле: „А што правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам“ (Рим. 7,15).

Ако сакаме и светата Мајка Божја, како најсилна застапничка и молитвеница да ни помага и да содејствува во нашиот од кон Бога и кон тоа заедничарење со Бога, треба да се потрудиме во нашиот живот да оттргнеме сè што е ниско, страсно, нечесно, несправедливо, лошо, и да го замениме со добро, возвишено, чесно и справедливо. Исто така, потребно е да побараме прошка за нашите гревови преку вистинско покајание и со вистинска молитва. Тогаш Божјата благодат и молитвите и застапувањата на Божјите угодници, а пред сè, на Мајката Божја, ќе ни притекнат на помош и ќе можеме да се надеваме на враќање на изгубеното општење со Бога и соединување со Господа Христа, преку светите Тајни, а особено преку светата Тајна Евхаристија.

Да се обратиме со искрена молитва кон Пречистата Владичица Богородица, чие Воведение денеска го празнуваме, таа да биде наша молитвеница и застапница пред ликот Божји, за наше спасение и соединување со Господа Христа, сега и во сета вечност. Амин!

                                    04.12.2012 година
Воведение на Прес. Богородица – Пречиста
храм „Пресвета Богородица – Каменско“ Охрид

prec2012

prec2012 2

prec2012 4

prec2012 6

prec2012 8

prec2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1