„Мирото на благодатта што се излеа на тебе, те помаза да го свештенодејствуваш Евангелието за Царството небесно, секогаш споменуван светителе! Откако стана Христово благоухание, со мирисот на Неговиот разум ја исполни македонската земја. Поради тоа, милостиво примајќи ги гласовите на твоите слуги, славен Клименте, проси (од Него) да ни се даде милост голема“ (литиска стихира од Голема вечерна на свети Климент Охридски).

На ден 07.12.2012 година, со свечената празнична Вечерна богослужба, почна прославата на патронот на нашата света македонска црква и на градот Охрид, светиот Климент Охридски Чудотворец. Торжествата започнаа во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ – Плаошник во Охрид, на истото место каде и овој наш просветител го ширеше словото Божјо и го водеше народот на патот кон Царството небесно. На Вечерната богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Ефтим Бетински и Сашо Богданоски, протоерејот Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Running Sneakers Store | NIKE AIR HUARACHE

 Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Историјата на христијанската Црква е исполнета со многу примери кои нè поучуваат и упатуваат на патот кој води кон спасението. Почнувајќи уште од Стариот завет, Бог испраќал избрани луѓе, кои му укажувале на израелскиот народ како треба да постапува во одредени моменти, за да не ја изгуби релацијата со Бога. Он им испраќал праведници, пророци, учители, страдалници, а сите со единствена цел - да го изведат Еврејскиот народ од погрешниот на вистинскиот, правиот и спасоносен пат. Он ќе им го испрати и Мојсеј, кој ќе биде удостоен да се искачи на планината Хорив, каде Бог ќе му ги даде десетте Божји заповеди, напишани на две камени плочи. Ќе им испрати и други пророци, како што е пророк Исаија, кој со исклучителна јасност зборува за света Дева Марија, за раѓањето и воскресението на Господ Исус Христос, а особено во 53 глава, која е позната и како пртоевангелие. Бог ќе го испрати и пророкот Јона, кој со тридневното присуство во китот ќе го симболизира Христовото воскресение. Господ го испратил и праведниот Јов, кој бил извонредно богат и чесен човек. Јов бил клеветен од нечестивиот пред Бога, со зборовите дека тој му е благодарен и послушен на Бога, само затоа што е обдарен со такво богатство и со таква чест и слава. Кога Јов не би го имал сето тоа, тој би се откажал и би хулел на Бога. Со Божјо допуштање, на нечестивиот му било дозволено да му земе сè на праведниот Јов, но не и неговата душа. И така, Јов, од богат и славен, постанал човек исфрлен на буниште и кога сите од него барале да похули на Бога и да умре, тој останал до крај со Бога фалејќи го името Божјо: „Господ даде, Господ го зеде... Нека е благословено името Господово!“ (Јов 1,21).

Исто така, и во новозаветната историја, имаме безброј примери опишани во светото Евангелие и во житијата на Божјите угодници, кои нè поучуваат, утврдуваат, зацврстуваат во верата, во вистината, во правдата и во љубовта Христова. Во првите векови тоа се апостолите, кои ќе Го примат Светиот Дух на Педесетница и ќе бидат утврдени во вистинитоста на науката Христова. Тие ќе се расеат по цела вселена и ќе го проповедаат словото Божјо, словото на спасението. Потоа ќе се појават безброј маченици, кои својата припадност кон верата ќе ја потврдат со своите животи.

Како и многу други народи, и нашиот народ е благословен од Бога. Он ни испратил учители и просветители, кои го сееле и проповедале словото Божјо во Македонија, особено во свештениот Охрид. Како што знаеме, делото на светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските и македонските просветители, не би оставило такви цврсти и непоколебливи корени на православието, ако св. Климент Охридскиот чудотворец, чиј спомен денеска го прославуваме, не ја продолжеше таа мисионерско-просветителска мисија, токму на ова свето место. Свети Климент е наш апостол Павле, кој неуморно и постојано ќе бдее на својата паства, учејќи ги луѓето на законот на Евангелието, на љубовта, на правдата, на вистината и на сè она што е благородно, чесно и возвишено. Во Охрид, покрај епископската дејност која ќе ја развива во овие наши краеви, најголемо внимание и труд тој ќе вложи во учителската и просветителската дејност. Тука ќе основа и прв словенски училиштен центар, каде што ќе подготвува безброј млади и стари сејачи на словото Божјо. Тој тука ќе развива и книжевна дејност. Ќе подготвува поучителни слова за сите големи празници и ќе ги умножува учениците, кои, пак, ќе ги рашируваат кај свештенството, за да ги читаат како готови поуки за истите празници.

Можеби некој ќе постави прашање, која била целта и задачата на свети Климент, тука да развива такви дејности, во тој далечен 9 и почетокот на 10 век? Свети Климент бил извонреден богословски талент со извонредно голем дух. Тој бил голем организатор, но ништо помалку голем духовен раководител и промислител за спасение на доверената паства. Токму овие начела ќе бидат мотив за грижата и спасението на христијаните и на паствата во доверената му епархија. Тој многу добро ја знае смислата на животот, но, исто така, ги знае и препреките и искушенијата кои го пресретнуваат секој еден во овој свет. Онолку колку што Бог милува и посакува секој човек да ја спознае вистината, да го засака Бога и да живее според волјата Божја, толку нечестивиот, пак, се обидува со најразлични измами и подвали луѓето да ги оддалечи од Бога, да ги наведе на грев, да изгради бедем помеѓу Бога и луѓето. Токму со неговите творби, со неговите проповеди и дејност, свети Климент ги рушел сите тие сплетки од овој свет, кои го оддалечувале човекот од Бога и од патот кој води кон Царството небесно.

Свети Климент не помагал на луѓето само додека бил на овој свет, туку и откако се преселил во Царството Божјо. Тој непрестајно се грижи и му помага на православниот народ, којшто со искрена молитва му се обраќа за помош. Затоа и Григор Прличев, во еден од своите написи, пишува: „Знаеш ли дека машко и женско трча кон Светиклиментовиот храм? Знаеш ли колку свеќи горат пред свети Климента за вашето спасение?“. Додека, пак, охридскиот народ цврсто верува дека свети Климент и сега со фенер во рака шета низ охридските тесни улички и им помага на оние кои со вера, надеж и љубов му се обраќаат за помош.

Да се обратиме и ние денеска со искрена молитва кон свети Климент Охридскиот Чудотворец, тој да биде наш молитвеник, наш заштитник, наш помагач на нашиот пат кон враќањето кон Бога и возобновувањето на тој првобитен однос помеѓу првосоздадените праотци и Бога. По молитвите на светиот Климент, и ние да се соединиме со Господа Исуса Христа преку светата тајна Евхаристија, и постојано да Го имаме во нас и со нас. Амин!

08.12.2012 год.
Св. Климент Охридски Чудотворец
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид

svklizim2012

svklizim2012 2

svklizim2012 4

svklizim2012 6

svklizim2012 8

svklizim2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5