„Красота на мачениците и слава на праведниците се покажа, венценосецу Георгие, оти, со храброста на умот и мудроста на душата, го порази непријателското безумие на земјата и со нас викаш: Алилуја, алилуја, алилуја на Христа Животодавецот“ (стиховна стихира од Вечерната служба за св. вмч. Георгиј).

На 09.12.2012 година, денот кога го прославуваме споменот на св. вмч. Георгиј, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Владо Недески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 jordan Sneakers | Nike React Element 87

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Ние денеска се обраќаме со молитвата: „Свети великомачениче Ѓорѓи, моли Го Бога за нас“. Ние се обраќаме со овие молитвени зборови, бидејќи веруваме во неговата сила и моќ, која тој ја постигнал пред лицето Божјо со неговиот живот и со неговиот маченички подвиг. Исто така, сигурни сме дека неговите прозби и неговите молби Бог ќе ги услиша и ќе ги исполни.

Уште во Стариот завет, Бог испраќал праведници кои се молеле и се застапувале пред ликот Божји за својот народ. Затоа големиот старозаветен цар и псалмопевец Давид, во еден од псалмите вели: „Бог ни е прибежиште и сила“ (Пс. 45,1). На друго место, пак, вели: „Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе“ (Пс. 83,5) и уште: „Господи, Господи, сило на моето спасение (Пс. 139,7). Преку овие прекрасни зборови на овој боговдахновен старозаветен поет, Бог нè упатува и нè насочува кон вистинскиот извор на нашето спасение. Тоа е Бог Господ, Кој го создаде светот и векот и Кој постојано промислува за избавување и враќање во првобитната благодатна состојба, за која е и создаден човечкиот род. Да се потсетиме на зборовите на светиот апостол Павле за првите христијани и ученици Христови, кога вели: „Тие преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови; угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски“ (Евр. 11,33-34). Преку овие зборови можеме да се увериме во силата која ја добивале праведните луѓе уште во Стариот завет, но се разбира, уште повеќе и во Новиот. Таа вера можела и привлекувала голема, непресушна и неисцрпна Божја сила, која правела и чуда.

Од историјата знаеме дека во првите векови, христијанската вера во Господа Христа била гонета и многу римски императори донесувале разни декрети, а со цел империјата да биде очистена од секој еден кој се нарекува христијанин. Затоа и течеле цели реки од христијанска крв, без никакви поводи и без никаква вина. Но, христијаните убедени и зацврстени со силата Божја и со благодатта на Светиот Дух, не се поколебувале и не се плашеле од какви и да е маки и страдања на кои биле подложувани. Некои биле со пили сечени, некои со камшици биени, некои распнувани, некои каменувани, тепани, затварани во глад и мразови, со меч сечени, некои во врели води и катрани потопувани, некои пред гладни лавови во арени фрлани. Но, христијаните со песна на уста и со радост во срцето, побрзо се решавале своите животи да ги изгубат во овој свет, за да спечалат вечен и блажен живот. За ова сведочи и Тертулијан,  црковен писател од 2 век, кој вели: „Ако Тибар се излее - виновни се христијаните, да бидат фрлени пред разјарени диви зверови. Ако има голема суша - христијаните повторно се виновни“. Но, наредбите на римските императори не би можеле да бидат толку жестоки во практичниот живот, ако и подолните класи, нивните потчинети, не биле исто така жестоки гонители на христијаните и заслепени идолопоклоници на многубожествата. Просто се натпреварувале кој повеќе ќе измисли страдални вештини во измачувањата и убивањата на христијаните.  Но, како што рековме, силата Божја била со нив, бидејќи тие во Господа се надевале, во Господа верувале и во Него и со Него ја црпеле силата и подвигот, за да можат сите тие страдања и маки достоинствено и херојски да ги поднесуваат.

Токму денеска прославуваме еден од многуте такви херои, светиот великомаченик Ѓорѓи Победоносец. Како што знаеме од житието на овој маченик, тој бил роден во Кападокија од богати родители и благочестиви христијани. Татко му пострадал во гонењето на Црквата како христијанин, а мајка му потоа се преселила во Палестина, во градот Лид, каде што свети Ѓорѓи изучил воена школа. Поради неговата храброст и физичка сила се издигнал на високо ниво и постанал воен трибун. Но, и покрај овие високи постигнувања, тој останал вистински христијанин и исповедник на Господа Христа. Кога императорот Диоклецијан, еден од најжестоките гонители на верата Христова, дознал дека неговиот трибун Ѓорѓи е христијанин, се обидел најпрво со ласкања и убедувања да го придобие, за да се откаже од Христа и да принесе жртва на киповите. Откако тоа не успеало, применувал затвор, измачувања и тепања, но кога и тоа не го оддалечило од Христа и кога не помагале никакви убедувања и измачувања, во 303 година било наредено на свети Ѓорѓи да му биде отсечена главата со меч. За време на неговото измачување, светиот Ѓорѓи направил многу чуда со силата Божја. Многу болни се излекувале, многу слепи прогледале, многу сакати прооделе, па дури и еден мртовец воскреснал. Многубројниот народ кој ги гледал овие чуда што свети Ѓорѓи ги правел со молитва кон Бога, поверувал и го исповедал Господа Христа. Меѓу нив ќе биде и жената на императорот Диоклецијан, Александра, која исто така маченички ќе го заврши својот живот, по наредба на нејзиниот сопруг.

Драги браќа и сестри!
Да бидеме благодарни на Бога што нè поштедува од такви ѕверски измачувања и убивања. Ние денеска можеме во слобода и непречено да Го исповедаме Христа Бога и да го извршуваме словото Божјо. Но, да не заборавиме дека како христијани сме повикани на духовна борба. Повикани сме да се бориме против гревот, против страстите, слабостите и против сè она што нè оддалечува од Бога и од Црквата и што ни го скршнува патот кој води во Царството Божјо. Тој пат и таа борба не се ни малку лесни. Бог од нас бара подвиг, бара да отсечеме сè што нè привлекува и залепува кон она што е земно, човечко, што нè оддалечува од Бога и од Неговиот закон. Он сака да отфрлиме сè што се спротивставува на нашата совест, што е против оној пишан морален закон во сечија душа. Сето тоа ќе можеме да го постигнеме ако цврсто и непоколебливо веруваме, се молиме и бараме помош од Божјите угодници, од Мајката Божја и од светиот Ѓорѓи. Тие со нивните молитви да се застапат пред нашиот Отец небесен  да добиеме благодат Божја, па сите искушенија, страдања и маки, болки и болести, без роптање, достоинствено и христијански да ги поднесуваме и да го исповедаме името на Господа Исуса Христа. По молитвите на светиот великомаченик Ѓорѓи Победоносец, Бог нека ги услиши нашите молитви, та и ние како старозаветниот пророк да извикаме: Господи, Господи, сило на моето спасение! Амин!

09.12.2012 година
св. вмч. Ѓорѓи Победоносец
храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Охрид

svgor2012

svgor2012 2

svgor2012 4

svgor2012 6

svgor2012 8

svgor2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1