„Дај ни ослободување од маките, свети Науме, и избави нѐ од сите искушенија, оти помошта човечка е лажна. Ти стоиш повисоко од луѓето и си соговорник на ангелите, посредуваш за нас кои наоколу те славиме и твоите чесни мошти ги почитуваме“ (Хвалитна стирихира на преподобниот Наум).

Buy Sneakers | NIKE HOMME

Во деновите кога со нетрпение и радост го очекуваме големиот празник на Рождеството Христово, нашата душа уште повеќе се весели со празнувањето на големиот подвижник од Белото Езеро, преподобниот Наум, Охридскиот Чудотворец. Скромниот и верен подвижник и Црноризец го прославивме два дена пред Божик, на 05.01.2013 година, во манастирот „Св. Наум Охридски“, местото каде што почиваат неговите свети и исцелителни мошти. Празнувањето започна ден порано, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, , во сослужение на неговото високопреподобие архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовата обител протоереите Зоран Данев и Игор Никовски, свештеникот Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески.
Празнувањето продолжи утредента со свечена архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоерите Зоран Данев, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Кирил Јованоски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески. На Литургијата присуствуваше многуброен народ, кој зеде активно учество преку заедничарењето во Светата Чаша. На Богослужбата присуствуваше и градоначалникот на град Охрид, г-дин Александар Петрески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополит Тимотеј им се обрати на верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска се собравме во овој свет манастир, посветен на големиот молитвеник и помагач на нашиот народ, преподобниот Наум Охридски Чудотворец, за да го прославиме неговиот свештен спомен.
Во денешното свето Евангелие што го слушнавме за време на светата Литургија, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред многубројниот народ и пред Своите апостоли ја изговорил беседата за Блаженствата на Елеонската Гора. Првото блаженство гласи: „Блажени сте вие, сиромашните по дух, зашто ваше е царството Божјо“ (Лк.6,20). Овие зборови не се однесуваат на луѓето кои се недоволно психофизички развиени или не дај Боже, умствено растроени. Напротив, овие зборови се однесуваат на здрави и прави психофизички лица. Овие зборови бараат од секој еден од нас да започне духовна борба во себе. Пред сè, тие бараат од човекот да ја отсече гордоста, која е почеток на сите гревови и престапи. Затоа е потребно да се смириме, да се покажеме ништожни, сиромашни по дух. Тоа значи да ја отсечеме гордоста, да ја отсечеме суетата, да ја отфрлиме надуеноста, самољубието и сè она што го прави човекот да се истакнува пред другите, некогаш со вистински вредности и квалитети, но најчесто, без вредности и заслуги, туку само од фалење до самозаборав, а во исто време, потценувајќи ги и понижувајќи ги луѓето кои го опкружуваат.

Оние, пак, кои од себе направиле смирени, кротки и доброволно понизени луѓе, Бог ги велича и ги изнесува како пример за сите нас. Тој ги покажува како луѓе од коишто треба и ние како христијани и следбеници на светата Црква да учиме и да го следиме нивниот пример, ако сакаме да го наследиме Царството небесно, како што вели Самиот Спасител во ова блаженство.

Честопати во нашите свети храмови ги слушаме зборовите вера и верност. Тоа се два збора кои ја опишуваат нашата потреба за Бога и благодарение на суштината на овие зборови, можеме да ги добиеме сите благодети што ни се нудат и што ни се ставаат на располагање од Бога. Целата историја на избраниот Еврејски народ на многу јасен и гласен начин ни го илустрира токму овој феномен. Таа ни го предочува исполнувањето на сојузот, односно заветот со Бога, склучен помеѓу Него и патријархот Авраам, претставникот на Еврејскиот народ. Кога луѓето останувале верни на тој завет, Бог секогаш бил доследен на Својот збор, односно секогаш се откривал Себеси на луѓето. Во тој завет само човекот се појавува како неверен и се откажува од условите на истиот. И кога древните Израилтјани ги нарушувале условите дадени од Бога, тогаш и Бог отстапувал од нив. Како што ни е познато од Стариот завет, паралелно на големите добродетели кои Бог му ги правел на Израилскиот народ кога бил верен на Заветот, заради нивното отстапување, истиот тој народ ќе претрпи и големи маки, страдања и странствувања. Тој ќе биде изведен од Египетското ропство, но исто така, и ќе скита по беспатија, по Синајската пустина, заради отстапувањето од Бога и од нивниот склучен завет.

Ако ние живееме според христијанските начела и ако зборовите од Евангелието бидат запазени не само во нашите умови, туку и суштествуваат, односно се остваруваат во нашите животи, тогаш ние навистина ќе бидеме продолжувачи на делото на светите апостоли. Само тогаш ќе го преобразиме нашето срце, нашиот ум, нашата волја, нашиот живот, па ќе можеме со нашиот пример да влијаеме и во нашето семејство, во нашата средина кај што живееме, па дури и кај оние што себеси се декларираат како неверници. Со други зборови, ќе можеме да влијаеме  и кај широките народни маси.

Свети Наум, чиј спомен денеска нашата света Црква го прославува, живеел на крајот од 9 и почетокот на 10 век. Тој бил извонредно обдарен од Бога со јасна мисла, со ученост, со бистар дух, бил обдарен со многу таланти. Бил извонреден учител, организатор, поет, богослов, но сите овие дарови дадени од Бога, тој ги ползувал за доброто на светата Црква Христова, подржувајќи го учителството и колосалното дело на неговиот собрат св. Климент. И покрај сите овие дарби што ги поседувал, тој го исполнувал и ова блаженство, односно бил „сиромашен по дух“. Тој во своите творби, особено во творбата за првоповиканиот ученик Христов светиот апостол Андреј, за кого ќе напише служба, од скромност ќе се потпише ништиј (сиромав, односно безначаен) Наум. Познавајќи го светото Евангелие и живеејќи според принципите на истото, тој никогаш и никаде не се истакнувал. Тој ја уништил гордоста, ги отсекол сите страсти од неговиот ум, срце и волја, се покорил на волјата Божја и живеел и творел според барањата на Господа Христа, односно на светата православна Црква. Затоа, пак, Бог го обдарил со голема сила и моќ за да им помага на луѓето уште додека бил жив, а уште повеќе откако ќе се пресели во Царството небесно. Безбројни се чудата што свети Наум ги направил во овие единаесет изминати векови. Но, што е најважно, тој и денеска ги слуша нашите молитви, ги слуша воздишките на сите мајки, коишто коленичат пред неговиот свет гроб. Тој ги слуша сите воздишки и солзи на секоја христијанска душа, која со искрена молитва и вера му се обраќа за помош. Тој е силен пред Бога, бидејќи се понизил тука на земјата и затоа Бог го возвишил на небото, за да може да помага, да ги пренесува молбите и прозбите пред ликот Божји и да испросува секаква помош на оние што со скрушено срце и понизност бараат од него помош.

Да се обратиме и ние денеска во овој свет манастир со искрена молитва кон свети Наум, тој да ги послуша нашите молитви и нашите прозби и да ги принесе пред Престолот на севишниот Бог, да измоли од Бога  нивно исполнување, а за доброто на нашата света Црква, за нашиот народ и за спасение на нашите души и тела. Преподобни отче Науме моли го Бога за нас. Амин!

05.01.2013 година
преп. Наум Охридски
ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид


svnaumzim2013 1 2

svnaumzim2013 3

svnaumzim2013 5

svnaumzim2013 7

svnaumzim2013 9

svnaumzim2013 11

svnaumzim2013 13

svnaumzim2013 15

svnaumzim2013 17

svnaumzim2013 19

svnaumzim2013 21

svnaumzim2013 23 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1