„Оној што пред ѕвездата Деница се роди од Отецот без мајка, денес на земјата се воплоти од тебе без татко. Затоа ѕвездата им благовести на Мудреците, а ангелите со пастирите го воспеваат твоето неискажливо раѓање, Благодатна“ (кондак на Собор на Пресвета Богородица).

„Што да Ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјата?“  - пее Црквата на вториот ден Божик, кога го прославуваме празникот Собор на Пресвета Богородица. Навистина секое создание Му принесува благодарење на Оној, Кој се понижи и стана Богочовек, истовремено и Бог и човек, неизменливо и без да претрпи мешање. А човечкиот род Му ја принесува Пресветата Богородица, која без двоумење Му вели на својот Бог: „Нека ми биде според зборовите Твои“.

На 08.01.2013 година, во храмот „Собор на Пресвета Богородица –Челница“ во Охрид, Му принесовме на Господа благодарствени пофалби на светата архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Adidas shoes | Air Jordan XXX1 31 Colors, Release Dates, Photos , Gov

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света православна Црква денеска го прославува вториот ден на Божик, како и празникот Собор на Пресвета Богородица, Мајката на нашиот Господ и Спасител. Светите отци и учителите на православната Црква многу мудро и достоинствено одлучиле овој празник посветен на Богородица, да се прославува веднаш по раѓањето на Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Како што знаеме, промислата Божја од самиот почеток на светот и човекот размислувала и водела грижа за спасение на човечкиот род. Тајната на спасението била долги векови сокриена од очите на луѓето. Пророците пророкувале, некои појасно, а некои позатскриено, дека ќе дојде Спасител на светот, но не доволно јасно каков ќе биде Он и во кое време ќе се појави. Пророкот Исаија, во 53 глава од својата книга, најсликовито и најоткриено пророкува дека тајната сокриена ќе се објави преку девојка, која ќе зачне и ќе роди Син и ќе се нарече Емануил. Но, и Бог очекувал да се исполни времето, да се подготви почвата и теренот, односно да се подготви чиста и пречиста Дева, која ќе биде удостоена да Го прими во својата утроба Оној, Кој е поширок и поголем од севкупната вселена.

Пресветата Дева Марија живеела чесен, свет, благочестив и ангелски живот, па затоа и Црквата и пее: „Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Заради таквиот нејзин живот, таа ќе биде удостоена да биде Мајка на Спасителот на светот. Таа како Мајка ќе го застапува севкупниот човечки род пред лицето Божјо, бидејќи ќе се грижи и ќе бдее над својот Младенец, за Кого таа уште од самиот почеток на зачнувањето знаела дека Он е чудо Божјо. Тоа чудо и таа радосна вест ќе и бидат соопштени од ангелот Господов, кого таа зачудено ќе го праша: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж? Ангелот, пак, ќе и одговори и рече: Светиот Дух ќе слегне на Тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето  и ќе се нарече Син Божји“ (Лк. 1, 34-35). Тогаш таа ќе одговори со потврдните зборови: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (Лк. 1,38).

Ова сознание и оваа увереност, Мајката Божја никогаш нема да ги заборави и постојано, и кога ќе Го храни и кога ќе Го поучува, но и во моментите кога ќе го гледа Неговото понижување, одрекувањето на Неговите најблиски следбеници од Него, таа ќе остане цврсто уверена дека Он е Спасителот на светот. И во моментот кога неправедно ќе биде обвинет, наклеветен и изведен на суд, биен и понижуван, дури и на крст издигнат и распнат, Светата Богородица ќе ги поднесе сите маки, страдања, болки и мајчински таги кои ја прободуваат нејзината душа. Таа ќе остане цврста во своето уверување дека сè што се случува е плод на Божјата волја за откуп на човечкиот род.

Светата Црква прославува многу угодници во различни степени на ерархиско достоинство. Меѓу нив има апостоли, проповедници, маченици, подвижници, столпници и други. Но, сите тие може да се соберат и да се видат во ликот и делото на Мајката Божја. Токму затоа, таа е онаа која го соединува небото со земјата. Таа е онаа која прави скалило на кое ангелите небесни можат да слезат кај нас луѓето, но, исто така, и ние луѓето, преку добродетелен живот, можеме да се искачиме во небесните висини кај нашиот Отец Небесен. Света Дева Марија навистина живеела живот исполнет со благодат, живот во кој небото и земјата се сретнувале во свештената добрина на бескрајната Божја љубов. Божјата Мајка е првата православна христијанка, а сите ние отпосле сме нејзини следбеници. Затоа, откако Бог нè обдари со Божикни подароци на радост, мир и љубов, и ние сме должни со иста таква љубов да Му поднесеме наш Божикен подарок. На овој втор ден кога го прославуваме рождеството Христово, како и Соборот на Пресвета Богородица, не можеме да поднесеме поскап подарок од молитвата, која ја изговараме речиси на сите ектении: „Спомнувајќи ја пресветата, пречиста, преблагословена, славна, владичица наша, Богородица, и секогаш Дева Марија, со сите светии, самите себе, еден друг и сиот наш живот на Христа Бога да го предадеме“, а тоа подразбира наша послушност, наша оданост и наш повик кон Пречистата.

Како луѓе кои се нарекуваме христијани и кои сме крстени и воведени во светото православие, треба да се потрудиме не само со збор или по обичај и традиција да се фалиме дека сме православни христијани, туку да се потрудиме и  со нашите дела и со нашиот живот тоа да го потврдиме. Тогаш нема да ни биде тешко да го следиме примерот на Пресвета Богородица. Во нејзиното блаженство таа ни покажува како самите себе, еден друг и целиот наш живот на Христа да го предадеме. Кога ангелот Гаврил пред девет месеци и благовестил дека таа ќе роди Син Божји, таа му одговорила со чудесните зборови: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои!“ (Лк. 1,38). Каква послушност, каква смиреност, каква подготвеност да ги изговори овие зборови! А сето тоа ни кажува дека таа е сецело предадена на Бога и затоа има таква внатрешна духовна сила да одговори со овие вдахновени зборови. Токму заради таа нејзина подготвеност и скромност и послушност и смиреност и понизност и сите останати добродетели на чистата и пречистата, Бог милостиво погледнал на Својата слугинка и оттогаш ја величаат сите родови (Лк. 1,48). Бог ја обдарил со духовна крепост и со смирение и благословение, со сите неопходни благодатни дарови, а нејзиното срце се преполнило со светлина и живот вечен.

Драги христијани! Колку е силна оваа порака што Пресветата Богородица, како избран сосуд Божји, ќе ја искаже на небесниот благовесник, архангелот Гаврил: „Нека ми биде според зборовите твои!“. Токму од животниот пат и од зборовите на Пресвета Богородица, денеска на овој светол ден, и ние, како православни христијани, треба да извлечеме поука како треба да се однесуваме во нашиот секојдневен живот. Светата Богородица нè поучува дека сè што доаѓа од Бога и нè снаоѓа во нашиот живот, било да е тоа добро, радосно весело, спокојно, или, пак, тажно, мачно, жалосно и болно, со еднаква увереност и достоинство треба да го поднесуваме, онака како што постапувала и Мајката Божја. Светата Мајка Божја, која има огромна сила и моќ пред Нејзиниот Син, Господ Исус Христос, секогаш е подготвена да ги послуша сите наши молби, сите наши воздишки, сите наши разумни  барања и да се застапува за нивно исполнување пред лицето Божјо. Да се обратиме со искрена молитва кон Пресвета Богородица, таа да биде наша молитвеница, заштитница и патеводителка во овој земен живот и да нè изведе во небесните височини, та постојано да Го прославуваме Триединиот Бог, сега и во сета вечност.

Христос се роди!

08.01.2013 година
2 ден Божик и Собор на Прес. Богородица
храм „Пресвета Богородица-Челница“ Охрид

sobpresbog2013

sobpresbog2013 2

sobpresbog2013 4

sobpresbog2013 6

sobpresbog2013 8

sobpresbog2013 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1