„Штом ја дознаа од ангелот светлата проповед за воскресението Господовите ученици, и ја отфрлија прадедовската осуда, фалејќи им се на апостолите, говореа: се уништи смртта, воскресна Христос Бог, дарувајќи му на светот голема милост“ (воскресен тропар 4 глас).

На 17.02.2013 година, во 37 недела по Педесетница, како и денот кога ги празнуваме преподобните Исидор Пелусиот и Николај Студит, во храмот „Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Игор Никовски, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески и ѓаконите Сашо Целески и Ѓорѓи Блажевски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон своите верни чеда со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

Best jordan Sneakers | jordan Release Dates

По примерот на нашиот Спасител, Господ Христос, како и апостолите, кои според потребите на Црквата, повикуваа и полагаа раце на нови ученици, кои го ширеле Словото Божјо, и до ден денес, ова апостолско преемство се одржува и во нашата Црква. Преку благословот и раката на нашиот архиереј, Митрополитот Тимотеј, во оваа света 37 недела, светата Црква доби уште еден проповедник на благата вест, во ликот на ѓаконот Ѓорѓи Блажевски, кој беше ракоположен во свештенички чин. Од името на нашиот Митрополит и целата епархија, му го честитаме чинот, со молитви за чесно и достоинствено исполнување на позивот.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денешното свето Евангелие ни изнесува за пример еден човек цариник по име Закхеј, кој имал преголема желба да Го сретне и да Го види Господа Исуса Христа. Кога Спасителот поминувал во Ерихон, Закхеј, бидејќи низок по раст, се искачил на едно суво дрво за да Го види оттаму. Царинската служба, пак, кај израелскиот народ била една од најомразените, бидејќи цариниците често се збогатувале и на недозволен и нечесен начин. Еврејскиот народ ги мразел и затоа што тие биле служители на Римската империја, а неа ја сметале за окупаторска сила, која ги експлоатира и угнетува луѓето. Дополнителна причина била и тоа што цариниците ја ползувале Римската припадност и најчесто наплаќале многу повеќе, отколку што било пропишано според законот. На тој начин се стекнувале со огромни богатства за свои цели.

Закхеј слушал за новиот Учител и Проповедник на Словото Божјо, за Кого се пренесувале најразлични гласини. Закхеј слушал дека доаѓа Проповедникот на новата наука, Кој придружуван од многу народ, лекувал секакви болести, им помагал на луѓето, ги критикувал неправедните и им помагал на луѓето кои се наоѓале во најразлични маки и непријатности. И кај него се јавува таква желба да види Кој е Тој Христос, но бидејќи бил мал по раст и не можел да го види во толпата, се искачил на едно дрво и оттаму ги вперил своите очи за да го види ликот и образот на Господа Исуса Христа. Но, кога пристигнал Спасителот до тоа дрво, застанал, ги подигнал очите кон Закхеј и му рекол: „Закхеј, слези побргу, зашто денеска треба да бидам во твојот дом“ (Лк. 19,5). Закхеј постапил според желбата на Христа и Го примил со радост во неговиот дом.

Самиот Закхеј бил свесен дека не е сакан од народот, кој изразил негодување, дофрлувајќи дека Христос „отиде во куќата на грешен човек“ (Лк. 19,7). Христос, не давајќи им големо внимание на овие прекорни зборови на народот, оди во домот на овој цариник и ја прифаќа гозбата и радоста. Присуството на Господа Исуса Христа побудува силно покајание и сознание кај овој цариник, дека тој навистина постапувал несправедливо кон луѓето и се стекнувал со туѓо богатство. Тој јасно и гласно се исповеда пред Христа и пред народот: „Господи, еве, половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам“ (Лк. 19, 8). Таквото покајание и смиреност, но и таквата подготвеност да го подели половината од својот имот на сиромаси и четворно да го врати несправедливо одземеното, го оправдува Христовото влегување во неговиот дом, зашто Господ дојде да ги спаси од грев и пропаст луѓето, пред сè, израелскиот народ, но и сите останати.

И светиот Јован Крстител, кој е претходник на Господа Исуса Христа, кога најпрво започнал да го проповеда Евангелието и да Го најавува Христа, ги подготвува луѓето: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ (Мат. 3,2). Токму такво покајание исповеда овој цариник и тоа не само со збор, туку тој покажува и вистинска подготвеност тоа да го направи и да посведочи дека и големите грешници и престапници можат да се покајат и да се поправат, и да бидат удостоени во заедничарењето со Христа.

И ние, кои се декларираме како православни верници и исповедници на нашата света Црква, треба да го земеме овој пример за преиспитување на нашите постапки и делување, пред сè, како луѓе, а потоа и како православни верници. Од нас Господ Христос не бара ниту имоти, ниту враќање на некого четворно, но бара искрено покајание, искрено исповедание и исполнување на законите на нашата света вера и Црква, доколку сакаме да бидеме не само по име и традиција следбеници и припадници, туку и искрени исполнувачи на она што го бара нашата света Црква. Тоа барање не е ниту страшно, ниту неизводливо. Сиот Закон и прописи се содржат во овие Христови заповеди: „Возљуби Го Господа својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум! Оваа е првата и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси“ (Мат. 22, 37-39). Втората заповед, која е дополнување на првата, нè учи и нè води на патот кон почитувањето и љубовта кон ближниот.

Секој разумен човек природно се сака себеси и тоа не е грев, се разбира, ако тоа не преминува во патолошки проблем. Но, тоа, истовремено, ни дава можност и таа љубов и тоа сакање и почитување да го споделиме и со нашите блиски, соседи, познаници, роднини. Тоа значи да не правиме лошо, да не мразиме, да не мислиме да му нанесеме пакост и зло на некого, да бидеме задоволни на тоа што го имаме и да не му завидуваме на другиот ако тој е побогат или има повеќе имот, или е поубав или има подобар општествен статус и слично. А сето тоа можеме да го исполниме, само ако имаме душевен мир и вистинска вера кои нè обврзуваат кон такво однесување.

Да се обратиме со искрена молитва кон Господа Христа, а преку застапништвото на Светата Мајка Божја, Он да ја излее Својата благодат во нашите срца и души и да нè препороди и упати на патот на покајанието и исповеданието, та искрено да Го следиме Христа, онака како што тоа го направил и цариникот Закхеј.

Ја користам оваа прилика на новоракополжениот отец Ѓорѓи да му го честитаме свештеничкиот чин и да измолиме милост од Господа Исуса Христа, Тој да му даде мудрост и благодат, за да го исповеда и проповеда Словото Божјо како вистински пастир и служител. Нека послужи како примерен свештеник на нашата света Црква и да ја води својата душа, како и душите на оние кои ќе му бидат поверени кон спасение. Амин!

37 недела по Педесетница
17.02.2013 година
храм „Пресвета Богородица – Каменско“ Охрид

37nedped2013

37nedped2013 2

37nedped2013 4

37nedped2013 6

37nedped2013 8

37nedped2013 10

37nedped2013 12

37nedped2013 14

37nedped2013 16

37nedped2013 18

37nedped2013 20

37nedped2013 22

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1