„Да не се молиме фарисејски, браќа, оти кој се возвисува себе си, ќе се смири; со пост да се смириме пред Бога, викајќи како митарот: Боже очисти нè грешните“ (стихира на Господи повикав... од Вечерна на Недела на цариникот и фарисејот).

На ден 24.02.2013 година го прославивме споменот на светиот Власиј и  на светиот Ѓорѓи Кратовски. Во овој ден, со Божја помош, почнавме и со употреба на книгата Посен триод, со што се означува почетокот на подготовката за големиот велигденски пост. Во првата подготвителна недела, се чита Евангелието за цариникот и фарисејот, зашто „првото оружје кон добродетелта се покајанието и смирението, а пречка кон врвното смирение се горделивоста и надуеноста“.

На овој свет ден, во храмот „Св. Власиј“ во с. Ложани, Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Игор Никовски и Митре Попоски, свештениците Зоран Попоски и Ристе Наумоски и ѓаконот Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

buy shoes | Nike React Element 87

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква, како духовна мајка, постојано води грижа за своите верни чеда. Како секоја грижлива мајка, која води сметка за воспитување, образување и поучување на своите деца, а за правилно живеење во овој свет, така и духовната мајка - Црквата, нè подучува и подготвува за духовниот живот. Од таа причина, од денеска започнуваат т.н. подготвителните недели пред почетокот на големиот Велигденски пост.

Од денешното свето Евангелие, што го слушнавме за време на светата Литургија, Господ Исус Христос, главата на Црквата, ни изнесува пример преку една парабола, како два човека влегуваат во храмот за да се помолат. Првиот, фарисејот, се поставил на првите видни места каде можеле сите да го видат, а и тој со неговата молитва повеќе се фалел, отколку што барал милост и помош од Бога. Неговите зборови биле „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој цариник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам. А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ (Лк. 18, 11-13).

Од историјата, ние знаеме дека царинската служба била презрена во времето на земниот живот на Господа Христа. Цариниците собирале даноци, и тоа за Римската империја, која од еврејскиот народ била сметана за окупаторска и непријателска. Се разбира дека имало и многу злоупотреби, бидејќи тие ползувале повластен статус како римски граѓани, и покрај тоа што по род биле Евреи. Но, тоа не ја исклучува можноста меѓу нив да имало и чесни луѓе, коишто си ја извршувале службата онака како што барале законот и прописите. Но, во секој случај оваа служба била оценета и однапред осудена за предавство на својот народ, на своите традиции и обичаи, и цариниците априори биле третирани за грешници. Но, примерот на овој цариник покажува скромност, подготвеност за покајание и барање на милост, зашто и Самиот Христос вели: „Милост сакам, а не жртва“ (Мат. 9,13).

Во Стариот, како и во Новиот завет, имаме безброј примери за тоа како гордоста станува причина за уште многу други тешки гревови. Таа е подмолна болест што го води човекот во заслепување, отуѓување и во пропаст. За разлика, пак, од неа, смирението претставува голема добродетел, која е мила и пријатна на Бога. Прв пример за гордоста е нашиот прародител Адам, кој кога се погордеал и посакал и тој да биде Бог, бил истеран од Рајот, а „како плата за гревот добива смрт“ (Рим. 6, 23). Потоа гордиот Голијат, кој сакал со потценување да се бори против слабиот Давид, но затоа, пак, ја изгубил својата глава. Каин од завист ќе го убие брата си Авел, и уште многу други значајни личности, кои заради нивната гордост и суета губеле глава, царство, положба, чест и слично.

Во одредени записи стои како поедини византиски цареви, со цел да не се погордеат поради нивните силни императорски положби, секогаш со себе носеле една мала торба со земја, што ги смирувала и ги потсетувала дека и покрај сите овие овоземни сили, богатства и чест што ги имаат како византиски цареви, сепак се од земја и во земја ќе се вратат. Всушност таа торба со земја ги скротувала, ги правела нормални луѓе и ја отстранувала гордоста, која е мајка на сите гревови.

И денешното свето Евангелие завршува со зборовите: „Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат“ (Лк. 18, 14). Со други зборови цариникот го напуштил храмот оправдан пред Бога, додека фарисејот го напуштил храмот како голем грешник. Бидејќи се вели: „Срце понизно и смирено, Ти, Боже, не отфрлуваш“ (Псалми 50,17).

Преку овој пример на покајание, на смирение, на подготвеност да се признаат своите гревови и престапи, цариникот нè учи како и ние како луѓе од крв и месо, кои сме подложни на престапи и на гревови, секојдневно сме должни да се преиспитуваме, пред сè, пред својата совест, а потоа и пред Бога, од Кого треба да побараме милост и прошка, бидејќи нема човек кој живеел, а да не згрешил, освен Едниот Христос. А „Бог, Кој е љубов“ (1Јов. 4,16), е многумилостив и долготрпелив, и колку и да сме погрешиле и да сме отстапиле, или каков и грев да сме сториле, ако се обратиме со искрена молива и со покаен дух кон Него, Тој ќе ни прости секакво беззаконие. Со други зборови, не може човек да направи таков грев, што ќе биде поголем од љубовта Божја. Ние знаеме дека од преголема љубов кон човечкиот род, Бог Го испрати Својот Единороден Син да прими човечко тело, да живее со нас, да нè учи, да прави чуда, да лекува болни, да воскреснува умрени, да претрпи дури и крстни маки и страдања, за на крајот да воскресне и да го измие гревот од севкупниот човечки род со својата скапоцена крв. Затоа, во овие денови, кои се подготвителни пред почетокот на големиот Велигденски пост, да се поучиме од денешната парабола, па преку смирение и покајание да се подготвуваме достоинствено и како вистински христијани да го живееме нашиот живот. Мудрите зборови од великопосната молитва на светиот Ефрем Сирин да станат наша постојана прозба и правило: „Еј, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија, за да не го осудувам мојот брат“.

Денеска, исто така, го прославуваме и светиот Власиј, на кого е и посветен овој свет храм. Како што знаеме од неговото житие, свети Власиј бил епископ во Севастија, денешна Турција. За време на неговото епископување имало повеќе гонења, а тој како вистински добар пастир ги храбрел христијаните да не се откажуваат од Христа, туку да бидат подготвени ако треба и животите свои да ги положат за верата во Господа Исуса Христа. Кога биле истребени сите христијани од местото каде што епископувал и тој се повлекол во планината, каде што се населил во една пештера и живеел само со диви ѕверови. Но, бидејќи бил просветлен со Божјата благодат, и ѕверовите доаѓале при него, а тој ги милувал и им ги лекувал раните. Но, за време на царот Ликиниј, настапило уште едно страшно гонење на христијаните. На војниците им било наредено да го доведат Власиј пред суд. Најпрво се обидувале со разни примамливи ветувања да го принудат да принесе жртва на идолите, на што Власиј категорично одбил. Затоа бил измачуван, тепан и затворан во темни зандани. И втор пат бил изведен пред судот и бил измачуван со намера да го разубедат,  но Власиј му одговорил на управителот: „Не се мачи и не се залажувај дека преку маките и страдањата ќе ме одвратиш од мојот Бог, Исус Христос“. И по трет пат му се заканувале дека ќе го фрлат во езеро да потоне, но свети Власиј преку молитвата и помошта Божја одел по водата како по суво и го проповедал и величал името Христово. Тогаш ги повикал и војниците да се приближат кон него, а тие, молејќи се на нивните лажни идоли, пропаднале и се удавиле во езерото. Тогаш ангел Господов му се јавува на Власиј и му кажува дека од Господа ти е приготвен венец неувенлив, појди на копното и прими го подготвениот маченички венец. Така свети Власиј, заблагодарувајќи му се на Христа за трпението и за помошта што му ја дал за време на мачењето, ја наведнал главата пред џелатите и го завршил својот овоземен живот во 316 година. Денеска светата Црква го прославува и светиот Ѓорѓи Кратовски, кој и покрај тоа што е млад, ќе го жртвува својот живот за Христа, не откажувајќи се и не примајќи го исламот.

Да се обратиме со искрена молитва кон Господа Бога, овие три за нас полезни примери да ни послужат како инспирација за покајание, смирение и исповедание на православната вера. Бог нека ги услиши нашите молитви, и нека ни дарува плодови на покајание, па со срце смирено и понизно да го поминеме и овој Велигденски пост, и да се зарадуваме во светлото Христово воскресение. Амин!

24.02.2013 година
св. Власиј, св. Ѓорѓи Кратовски
храм „св. Власиј“ с. Ложани, Струга

SVVLAS2013

SVVLAS2013 2

SVVLAS2013 4

SVVLAS2013 6

SVVLAS2013 8

SVVLAS2013 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1