„Од Твојата татковска слава се оддалечив безумно, на зло го потрошив богатството што ми го предаде. Затоа како блудниот (син) Ти се обраќам: Згрешив пред Тебе, Оче Штедар, мене покајникот прими ме и, како еден од Твоите наемници, направи ме“ (кондак на Недела на блудниот син).

Со Божја помош и промисла стигнавме и до втората подготвителна недела пред Великиот пост. Во оваа света недела, Црквата нè учи на покајание и враќање на патот на добродетелите, сакајќи да нè извлечи од очајанието. Во оваа недела, на 03.03.2013 година, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Темелко Донески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Running Sneakers | Men’s shoes

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Веќе втора недела како нашата света Црква нè подготвува за започнување на големиот Велигденски пост. Минатата недела Црквата ни го изнесе примерот за цариникот и фарисејот. Денеска, пак, преку параболата за Блудниот син, Црквата, исто така, нè учи и оспособува како поисправно и похристијански да го поминеме Велигденскиот пост.

Откако постои Земјава, мајчината љубов единствено е надмината од Божјата љубов. „Бог е љубов“ (1Јов. 4,16). Господ Христос, таа љубов кон севкупниот човечки род, ја покажал и во најстрашните маки на Крстот. Дури и на разбојникот, кој во последен момент побарал прошка, Христос му покажал неизмерна љубов, велејќи му: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лк. 23,43). Христос неизмерно се радува за овој покајник како никој друг, и покрај тоа што се наоѓа во најтешките маки од Неговиот овоземен живот. Божјата љубов ги надминува сите можни форми на љубов, бидејќи таа ги содржи трите основни темели на вистинската љубов: трпение, простување и радост. И ако може да постои вистинска љубов освен Божјата, тогаш таа неминовно треба да ги поседува овие својства.

Денешното Евангелие ни ја пренесува параболата за еден човек, кој имал два сина. Помладиот го побарал својот дел и таткото му го дал. Овој, пак, го распродал и заминал по белиот свет, каде што живеел расипнички живот и се довел на просјачки стап. Немајќи што да јаде отишол да биде чувар на стока. Но, бидејќи во таа земја настапил голем глад, дури и храната што животните ја ископувале од земјата не му дозволувале да ја зема. Сепак, во едно такво очајание, искрата на божествениот оган, која тлеела во неговата душа, се запалила и тој просветлен од Божјата љубов одлучил да се врати кај својот татко, но не да бара право на син, туку да биде еден од многубројните слуги, бидејќи „не е достоен да се нарече син“ (Лк. 15,21). Одлучил да падне пред нозете на својот родител и да побара милост и прошка за сè што сторил и за расипувањето на родителскиот имот. Но, родителот го пресретнува со радост и го прима повторно како свој возљубен син, наредува да се заколе угоеното теле, да му се даде прстен на раката и нова облека. Таткото наредил да се повикаат и гости, за да се зарадуваат и веселат, бидејќи овој негов син бил изгубен и се нашол, бил мртов и оживеал.

Постариот, пак, син, кога слушнал за веселбата се налутил и почнал да се кара со својот татко. Тој го прекорува својот татко, зашто нему не му дозволил ниту едно јаре да заколе и да се провесели со неговите другари и покрај тоа што го слушал и никогаш не погазил ниту една негова заповед. Не помогнала ниту учтивоста, ниту молбата на неговиот татко, за тој да влезе и да се весели заедно со неговиот изгубен брат.

Преку сликата за овие двајца браќа, светата Црква ни изнесува жив пример од секојдневниот живот. Родителот тука е семилостивиот Бог, Кој има стрпливост, нежност, љубов и храброст да прости. Во синовите, пак, се презентираат два различни типа на луѓе. Првиот е расипник, човек кој живее распуштено, неморално, човек оддалечен од сите норми и принципи на пристојност. Но, истовремено, тој покажува и подготвеност за покајание, подготвеност да побара прошка, да се извини дека згрешил и на небото и на земјата, а не само на неговиот татко. И тука Бог ја покажува Својата љубов и повторно го прегрнува и го прима како свое чедо, а не како тој што моли да биде еден од наемниците. Додека, пак, постариот син ни претставува една друга фигура, во која можеме многумина да се препознаеме. Тој е сличен на фарисеите и садукеите, кои формално - правно го исполнуваат Законот, но, всушност, во нивните души и со нивните постапки тие се далеку од секаква правда и вистина. Така и овој син, кој живеел и ги уживал сите благодети на неговиот татко, немал љубов, ниту кон својот родител, а уште помалку кон својот брат, кого не го ни нарекува брат, туку овој расипник.

Можеби на некого оваа парабола ќе му делува нелогична и несправедлива. Но, тоа е апсолутно неточно, бидејќи таа нè поучува дека ние како христијани не треба да се залажуваме себеси дека преку нашите фалења за тоа дека постиме во среда и петок, ја посетуваме црквата, палиме свеќи, чествуваме домашен ден и именден, даваме подароци на цркви и манастири во границите на нашите можности, ние ќе се декларираме и потврдиме како вистински христијани и дека сме обезбедиле царство небесно. Зашто, многумина од оние што мислат така, со години не разговараат со својот роден брат, своите родители ни на смртна постела не ги посетуваат, скарани се со своите соседи и сите ги потценуваат, а само себеси се издигнуваат. Каде има тука љубов, каде има тука милост, каде има покајание? Каде се овие основни начела за водење на вистински духовен христијански живот, како што тоа го бара вистинската наука Христова, а не како што ние сакаме тоа да си го претставиме во нашите умови и срца? Божјата родителска љубов, пак, се покажува и кон грешниот син, но ништо помала не е и кон својот постар син. Таткото го моли и го убедува да влезе и тој во радоста, или со други зборови да има милост, скромност, зашто како што му вели: „Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое (Лк. 15,31).

Некои свети отци, преку овие два примера го гледаат дуализмот кај човекот. Од една страна тука е телесниот човек, кој е склон кон отстапување, грешење, оддалечување од Бога и од законите и прописите, често паѓајќи во најразлични престапи. Од друга страна, пак, Боголиката душа во нас е таа која бара возвишеност, покајание и соединување со Бога, и тоа преку љубовта и добрите дела. Во родителот сите го препознаваат небесниот Отец.

Драги браќа и сестри!
Никој од нас не е без грев. Затоа да бидеме снисходливи кон престапите на нашите помали браќа, а да се радуваме и да се веселиме на нивното покајание и враќање од грешните патишта. На грубоста и на нападите да одговориме со кроткост, со трпение и со љубов. Ете на тоа нè учи денешното свето Евангелие! Амин!

Недела на Блудниот син
03.03.2013
храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1