„Словото неописливо на Отецот, стана описливо со воплотувањето од тебе, Богородице. И, кога го обнови осквернетиот образ во неговото поранешно достоинство, го соедини со божествената ѕбавина. А ние, исповедајќи го спасението, го изразуваме тоа со збор и дело“ (кондак на Недела од прва седмица на Великиот пост).

На 24.03.2013 година, во Неделата од првата седмица на Великиот пост, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, свештениците Љупчо Симиџиески и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која целосно ви ја пренесуваме.

Authentic Sneakers | Men's Sneakers

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква ја прославува Првата недела од Великиот пост како Недела на победа на православието. Како што знаеме од историјата на Црквата Христова, од самиот почеток па до денеска, таа со различен интензитет е прогонувана, уништувана и задушувана со сите можни средства. Сепак, како Божја творевина, Црквата останува да сведочи и да ги прибира луѓето и да ги води по немирното море кон тивкото пристаниште за спасение на нивните души, зашто и Самиот Христос за неа рекол: „И вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мат. 16,18).  Не случајно, многу свети отци ја споредуваат Црквата Божја со брод кој плови по разбранувано море. Христијаните кои ќе влезат во Црквата, односно кои ќе се качат на тој брод, чиј кормилар е Самиот Господ Исус Христос, ќе ги преживеат сите перипетии и искушенија што животот ги носи во овој век. Црквата најпрво била гонета од надворешните непријатели, односно од римските императори и нивните продолжени раце. Потоа, христијанството добило слобода и престанале гонењата. Со Миланскиот едикт во 313 година, а од кого оваа година прославуваме 1700 години од неговото донесување, ќе се појават внатрешните непријатели кои ќе ја разоруваат Црквата однатре.

Кога би се направила споредба помеѓу внатрешните и надворешните гонители, се добива впечаток дека внатрешните непријатели биле посилни и пострашни отколку надворешните гонители. Најпрво ќе се појави Ариј, па Македониј, Несториј, Евтихиј и други еретици, кои погрешно учеле за Лицата од Светата Троица, за нивната природа, волја, происход, а и за Пресветата Богородица. Во 8 век, пак, ќе се појави најголемата ерес – иконоборството, која ќе биде поддржана и од византиските императори и цареви, а особено од Лав Исавријанец. Оваа ерес ќе трае повеќе од 120 години и Црквата Божја ќе претрпи страшни страдања. Во тие гонења ќе бидат уништени безброј вредни икони и фрески од светите цркви и манастири. Заради ова погрешно учење,  во 787 година, Црквата ќе мора да го свика и Седмиот вселенски собор, кој ќе се одржи во Никеја, во непосредна близина на Цариград, поточно во црквата „Св. Софија“, каде се одржал и Првиот вселенски собор. На овој Собор ќе биде осудено иконоборството и ќе биде изгласан орос или правило со кое се утврдува почитувањето на светите икони. Но, и покрај овој Собор, иконоборците, поддржувани од одделни структури на византискиот двор, ќе продолжат уште долго да ја потресуваат Црквата. Дури во 842-3 година, Цариградскиот патријарх Методиј, поддржан од царицата Теодора, на свечен начин ќе ги врати иконите во светите храмови. Токму од тогаш се воведува оваа пракса, во оваа недела да се прославува споменот на победата на православието.

За време на овој временски период од 120 години нема да настрадаат само иконите и фреските што биле уништени, спалени, исфрлени, унижени, туку ќе настрадаат и многу архиереи, свештеници, монаси и верници. Најкарактеристичен пример е светиот Јован Дамаскин, кој се јавува како ревносен бранител на иконите. Тој ќе напише многу студии и полемики во кои ја докажува исправноста на иконите. Свети Јован ќе биде наклеветен дека се противи на императорскиот двор и заради тоа ќе биде казнет со отсекување на неговата рака. Овој праведен црковен учител и свет човек ќе го замоли византискиот цар да му ја даде отсечената рака, а откако желбата ќе му биде услишана, длабоко ќе ја моли Мајката Божја да го излекува и во таа молитва ќе падне во длабок сон. За време на неговото спиење му се јавува Мајката Божја и му вели да ја стави отсечената рака на своето место и така раката повторно станала здрава, со тоа што се забележувале само лузните од отсекувањето. Како благодарност за ова чудо и излекување, свети Јован Дамаскин направил сребрена рака и ја ставил на иконата на Мајката Божја и оттогаш, во православниот свет, постои иконата Пресвета Богородица - Троеручица.

Тука се поставува прашањето, на кој начин ние христијаните ја почитуваме иконата? За ова се воделе долги и жестоки интелектуални надмудрувања во осмиот и деветтиот век. Но, како догма на православното учење се утврдило дека ние кога се молиме или се поклонуваме на иконите и на фреските, ние не ги обожуваме ликовите, туку ги почитуваме. Кога ги целиваме, пак, ние не го целиваме дрвото и металот, односно материјалот од кој е направена иконата, туку го почитуваме и целиваме ликот кој е изобразен на таа икона, а преку почитта на светиите, ние Го славиме и почитуваме Господа. Тоа е нешто слично, како кога имаме и почитуваме некоја слика од нашите сакани родители или деца, било тие да се далеку од нас, или, пак, се упокоени. Ние ги гледаме нивните слики, ги сакаме, а понекогаш некој и разговара со нив, но не со сликата, туку со она што таа слика претставува. Бог го создал човекот според Својот образ и подобие и го создал како психофизичко битие, односно со тело и душа. А што е душата ако не икона на сликата Божја во човекот, а телото, пак, рамка на таа икона.

Драги браќа и сестри!
Црквата ни го дава овој велики пост во кој ние како верници треба да се очистиме од секакви нечистотии и гревови. Преку телесниот пост ние ја чистиме рамката на иконата Божја, а преку духовниот пост ја чистиме самата икона, односно образот Божји. Секој престап и секое отстапување од законите и прописите се нарекува грев. Па затоа е потребно да се ослободиме од нашите гревови, да се очистиме и духовно и телесно, па да можеме тој лик и тоа подобие што ни е  дадено од Бога полесно да го согледаме и да Го прославиме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, и да им вознесеме слава и благодарност, а за спасение на нашите души и тела. Амин!

  

Недела на православието
24.03.2013 година
храм „Св. Никола Геракомија“ Охрид

nedprav2013

nedprav2013 2

nedprav2013 4

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1