„Тебе Богородице, победоносна војвотко, ние Твоите раби, откако се избавивме од зла, ти пееме победна и благодарна песна. Бидејќи имаш непобедлива сила, ослободи нè од секакви опасности, за да ти пееме: Радувај се невесто, која не си била невеста“ (кондак на Благовештение).

На ден 07.04.2013 година, по повод двата големи празника: светото Благовештение и Третата недела од Великиот пост, позната уште и како Крстопоклона недела, во соборниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Зоран Данев, свештениците Љупчо Симиџиески, Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Сашо Целески. Според Уставот на православната Црква (Типикот), на крајот од Утрената служба, беше изнесен за целивање и светиот Крст, кој постојано нè потсетува на подвигот на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, но истовремено, и ни дава сила за завршување на нашиот подвиг во Велигденскиот пост, зашто кој сака да учествува во Воскресението Христово, тој мора да земе учество и во Неговиот Крст. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој подготвен пристапи кон светата тајна Евхаристија и се соедини со Спасителот Христос. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Nike air jordan Sneakers | Nike Air Force 1 , Sneakers , Ietp STORE

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Светата православна Црква денеска прославува два големи празници: Благовештението и Третата недела од Големиот велигденски пост, позната уште и како Крстопоклона недела. Од неделното свето Евангелие ги слушнавме зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси“ (Мар. 8,34-35). Преку зборовите од денешното евангелско четиво, светата Црква нè подготвува како треба да се однесуваме кон светиот Крст како  вистински верници и како истиот да го почитуваме. Истовремено, таа нè учи и како треба да го носиме својот личен крст во нашиот секојдневен овоземен живот.

Поради гревот на нашите прародители, целокупниот човечки род е подложен на смрт. Во разни временски периоди, различни биле однесувањата кон крстот. Пред Христа, на крстот биле распнувани само најголемите виновници, престапници и багабонти, и тоа поради нивните нечесни и нечовечки постапки. Сите оние што биле осудени на срамна смрт, односно смрт на крст, биле должни самите да си го носат крстот до местото кое било одредено за нивно погубување. Но, со доаѓањето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Чие раѓање од Пресветата Дева Марија денеска е благовестено од светиот Архангел Гаврил, крстот добива поинакво значение.

Света Дева Марија, поради нејзината чистота и свет непорочен живот, ќе биде удостоена да биде Мајка на Бога Словото и да Го смести во нејзината утроба Оној, Кој што е поширок од сета вселена. Таа, во прв момент збунета од гласот на Архангелот дека ќе роди син, ќе запраша: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ (Лк. 1,34). Но, откако Архангелот ќе и каже: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото од тебе ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лк. 1,35), таа со понизност и со покорност ја прима оваа блага вест: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои“ (Лк. 1,38). Така, Света Дева Марија ќе постане мост меѓу небото и земјата, преку кој човечкиот род се поврзува со Бога. Таа повторно го воспоставува Заветот помеѓу луѓето и Бога, и на човечкиот род, кој ќе поверува и ќе се крсти во Господа Христа, му се дава можност за спасение.

Спасението се извршува преку Господа Исуса Христа, и тоа преку Неговото страдање и воздигнување на Крстот. Христос ќе го освети Крстот со Неговата сечесна непорочна крв и ќе ги распне сите гревови и страдања на севкупниот човечки род, од Адама па до крајот на светот. Тој ќе се принесе Себеси како јагне Божјо за искупување на човечкиот род. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, ќе биде распнат на дрвен крст на Голгота, и оттогаш, ова орудие на срамот станува сила и оружје на сите верници, кои веруваат и се молат на Господа Христа и се поклонуваат на Неговиот сечесен Крст.

Светиот Крст е присутен во секојдневниот живот на секој православен човек. Со него се будиме, со него ја започнуваме секоја работа, со крстот ги започнуваме оброците, со крстот му благодариме на Бога за јадењето, со крстот одиме на спиење. Крстот го имаме во сите наши свети цркви и манастири. Па, и самите цркви, византиски или латински, според својата архитектура изобразуваат крст. Крстот го наоѓаме на безброј икони, особено кај мачениците и преподобните. Крстот го наоѓаме и на сите останати црковни предмети, кои нè потсетуваат за огромното значење и сила која се добива токму преку светиот и животворен Крст Господов.

Прославувајќи ја денеска Крстопоклоната недела, светата Црква нè поучува и нè опоменува да бидеме почитувачи на чесниот Крст и секогаш да го имаме како наше оружје. Само со Крстот можеме да ги победиме сите невидливи непријатели и сплетките на нечистите сили, кои постојано нè демнат и ни внесуваат разни помисли, само за да нè оддалечат од Христа, од вистината и правдата, од верата, од Црквата, односно за да нè оттргнат од Бога. Светата Црква, во оваа трета седмица, не случајно ни го изнесува светиот Крст на поклонение. Токму на средината од Велигденскиот пост, таа сака да нè охрабри преку силата и дејството на чесниот Крст.

Преку Благовештението, пак, Црквата ни го навестува доаѓањето на Спасителот и Искупителот на човечкиот род. Во Благовештенското Евангелие слушнавме дека благата вест на Архангелот Господов за раѓањето на Синот Божји, стигнала шест месеци по навестувањето на Претечата. Времето во кое Архангелот и се јавува на Марија е период на пролет, која го симболизира Новиот завет, односно доаѓањето на новиот период на мир меѓу Бога и човекот.

Драги браќа и сестри!
Да се поучиме од двата празника и да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја и да ја измолиме силата на животворниот Крст Господов. Да измолиме милост Божја, па Семилостивиот Господ да се смилува кон нас и да ја покаже Својата љубов кон нас, не заради нашите праведни животи, туку заради Неговата милост и човекољубие. Тој да ни даде сила и енергија и деновите што се пред нас достоинствено да ги испостиме, но не само телесно, туку и духовно, па да ги очистиме нашите срца и души од секакви нечистотии, да исфрлиме од нашите срца секаква омраза, секаква завист и секаков грев. Пред сè, да ја отфрлиме гордоста, која е мајка на сите зла, па да можеме подготвени, измиени и очистени, и телесно и духовно,  радосно да го дочекаме и светлото и победоносно Христово Воскресение и да ги спасиме нашите души. Амин!

Благовештение и Крстопоклона недела
07.04.2013 година
Соборен храм “Света Софија“ Охрид  

blag2013

blag2013 2

blag2013 4

blag2013 6

blag2013 8

blag2013 10

blag2013 12

blag2013 14

blag2013 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1