„Преподобен оче Јоване, откако својот ум со вера го издигна кон Бога, ти се одврати од непостојаноста на овој вознемирен свет и, кога го прими твојот крст, тргна да Го следиш Оној што гледа сè, со помош на подвигот совладувајќи ја незаузданоста на телото и мислата, со поткрепата на Божествениот Дух“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна од Четврта недела од Великиот пост).

Светата православна Црква, во Четвртата недела од Великиот пост, го прославува големиот подвижник, учител и творец, преподобниот Јован Лествичник, најпознат по својата книга „Лествица“, во која искуствено ги поучува монасите, но и сите верници, како да се искачат до Царството небесно. Во оваа Недела, на 14.04.2013 година, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, свештениците Петре Бојчиноски и Никола Христоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Митрополитот Тимотеј ги причести мноштвото верни, кои подготвени пристапија кон светиот Путир, а потоа им подели и нафора. По завршувањето на Литургијата, Митрополит Тимотеј им се обрати на верниците со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

best Running shoes brand | Air Jordan Sneakers

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Со Божја милост и помош, веќе стигнавме до Четвртата седмица на Велигденскиот пост. Нашата света Црква го определила овој временски период за наше посебно подготвување, како телесно, така уште повеќе и духовно.  Ова е време што Црквата ни го дава за очистување од секакви гревови, за да можеме подостоинствено да Го пресретнеме нашиот воскреснат Спасител, Господ Христос.

Велигденскиот пост претставува време и поле на постојана борба. Кога го употребуваме зборот борба или војна, не треба да мислиме дека треба да земеме пушки и пиштоли, или бомби и ракети, за да се одбраниме од физичките непријатели, или не дај Боже, некого да напаѓаме, туку мислиме на духовна борба. Пред сè, оваа борба треба да биде со самите нас, со нашите слабости, со нашите склоности кон гревот и задоволувањето на разните страсти, кои нè влечат и приковуваат кон овоземните наслади. Истовремено, тие нè оддалечуваат од патот и од целта кон која се стремиме за време на оваа света Четириесетница. Оваа борба не е ни малку лесна. Потребно е храброст, смелост, одлучност и духовна подготвеност за да се влезе во борба против слабостите на нашето тело, со нашиот ум, со нашата волја и со сè што нè оддалечува од целта, а тоа е соединувањето со Христа и спасение на нашата душа. Спомнавме дека е потребна подготвеност и храброст, но исто така, потребна е и сила за сето тоа да го пребродиме и победиме, како што тоа го бара од нас светата Црква.

Таа борба може да се спореди со мисијата на еден планинар, кој има цел да се искачи на врвот од некоја планина. Пред сè, тој мора да има храброст, но исто така, и физичка кондиција, за да ги преброди заморот, стравот и двоумењата, како и сите искушенија, што за време на искачувањето ќе го пратат. Но, доколку има силна и непоколеблива волја и физичка кондиција и не потклекне на сомневањата, тој ќе се искачи и ќе ја оствари својата цел. Духовната борба можеме да ја споредиме и со целта на атлетичарот, којшто треба да истрча некоја одредена дестинација. Ако во текот на трката некој го претрча, а тој само замавне со раката и се откаже, тој никогаш нема да ја постигне целта, а бидејќи ќе ја напушти патеката, тој ќе биде исфрлен и од трката, односно од борбата. Нешто слично се случува и со нас на духовен план, за време на оваа Четириесетница.

Борбата со упорност, со пост и молитва, со надеж во Бога и неговите свети угодници, ќе ни донесе победа над самите себе, односно над злото и гревот во нас. Ослободени, пак, од нив, и очистени духовно и физички, ние ќе можеме подостоинствено да Го пречекаме воскреснатиот Христос во нашите души и срца, и во сиот наш живот.

Светата Црква ја посветила оваа недела на светиот Јован Лествичник, великиот Божји угодник од шестиот век, кој водел строг, испоснички и подвижнички живот на планината Синај. Тој уште како млад, на шестнаесетгодишна возраст, го предал својот живот на Христа и поминал деветнаесет години во послушание на својот духовен отец, како и дваесет години осамен пустински живот во една пештера.  Потоа, на молба на своите браќа, ќе постане и игумен на Синајскиот манастир „Св. Екатерина“, раководејќи го бројното монаштво во духовниот живот и подготвувајќи го за спасување на нивните души. Се упокоил на осумдесетгодишна возраст, и покрај тоа што речиси сиот свој живот го поминал во подвижништво и испосништво. Свети Јован Лествичник е и црковен писател. Тој напишал повеќе богословски книги со духовна содржина, како раководни начела за христијаните, но пред сè, за монасите на Синајската обител. Негово најпознато и највредно дело е книгата „Лествица“ или „Скала“. Оваа духовна книга нè подготвува и нè учи како постапно можеме да се бориме со гревот, со страстите, со слабостите, и како постапно, скала по скала, можеме да се искачиме до небесните висини. Таа ни го покажува патот на сознанието на Божјата премудрост и Божјата љубов, која богато се излива врз секоја душа, којашто вложува труд и напор во освојувањата на овие скалила за искачување кон небесните висини.

Драги браќа и сестри!
И ние да не губиме време, туку да се угледаме на овој Божји угодник и да го исползуваме ова благопријатно време на пост, кое светата Црква ни го определила за наше преиспитување и борба со духовниот непријател. Да се трудиме секојдневно да отфрламе и да отсекуваме од нашиот живот по една слабост, па очистени од страстите и престапите, а по молитвите на светиот Јован Лествичник, да го пресретнеме и прославиме победоносниот Празник над празниците и Торжеството над торжествата. Амин!

Четврта недела од Великиот пост
14.04.2013 год.
храм „Св. Ѓорѓи“ Струга

4NEDVELPOS2013

4NEDVELPOS2013 2

4NEDVELPOS2013 4

4NEDVELPOS2013 6

4NEDVELPOS2013 8

4NEDVELPOS2013 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1